Андреа Лекиќ: Би ми било многу тешко, ако сега треба да бирам помеѓу кошарка и ракомет!

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-08_copy.jpg

Пиевме кафе на омиленото место на Андреа Лекиќ. Девојката која заедно со целиот тим на ЖРК Вардар нè направија горди Македонци.

Родена во Србија, заљубена во Скопје, со многу искуство зад себе и секогаш бројот 7 на неа.

Што сака Андреа наутро, зошто седевме токму во Градскиот парк, која е нејзината пасија, кој е спортот кој го сака исто колку ракометот и многу повеќе, дознавме од утринското кафе токму со неа.

Што е тоа што најмногу те смирува?

Прошетка и добра музика.

Тоа значи дека тука во Градски парк ти е најубаво?

Да да, затоа што е најмирно. Во утринските часови нема многу луѓе, скоро е празно, а ова според мене може е и најубавиот дел од Скопје.

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-01.jpg

Имаш ли некој ритуал наутро, освен прошетката тука?

Па, никогаш не го прескокнувам појадокот. Тоа не е ритуал, туку нешто без кое јас не можам да функционирам. Ах и да, кога отворам очи прво вклучувам музика, појадувам и тогаш денот може да почне.

Потпиша договор на 2 години со Вардар, ако не е Македонија каде би била?

Не сум размислувала искрено. Се чувствувам феноменално, уживам тука.  Никој не останува таму каде што не му е убаво.

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-03.jpg

Вардар ти е клуб каде што најмногу остана?

Да да. Освен мојот матичен клуб, веројатно така и е, Вардар е клубот каде што останав најмногу.

Интересно е тоа што играше во Ѓер, а сега играше против нив, какво е чувството?

Па верувам дека сите играчи тоа го имаат поминато, едноставно тука се работи за професионализам. Секако дека моментот е посебен, ама кога ќе се слушне свирчето на судијата тогаш сè застанува. Знаеш чиј дрес носиш, за кој тим играш и не размислуваш за тоа.

Го спомена дресот, зошто баш 77?

7ца носев од првиот ден кога почнав да тренирам ракомет. Многу интересни работи ми се поклопија со тој број, не сум суеверна, ама некако сега сум емотивно врзана за тој број.

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-06.jpg

Фајнл фор, што се случи на крај?

Како што кажав и самата, разочарана сум за начинот како натпреварот според тој судиски критериум заврши. Кога знаеш колку си тренирал и колку си се борел, а сепак не е сè во твои раце.

Посебно е  чувството и навистина треба да сме горди на таа игра пред 12.000 луѓе на нивни терен. Навистина сум горда, токму поради тоа и ми е тешко, не се сеќавам кога ми било вака тешко во мојата кариера.

Сите велат дека сме морални победници, ја разбирам и поддршката која ја добивме од сите, ама титулата се пишува. Имам освоено и знам какво е тоа чувство, а навистина сакам да ја освојам со Вардар.

Овој народ живее за ракомет, тука ракометот е спорт број 1 и навистина ми е тешко, а горчината ќе остане подолго време.

Сменивте многу тренери во една сезона, дури 4?

Нашите игри покажаа дека екипата го изнесе најдоброто, секако дека не е лесно да се сменат 4 тренери, ама мислам дека на психолошко ниво целата екипа созреа и дека го создадовме најдобриот резултат во историјата на овој клуб. Резултатот е тој кој што зборува.

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-07.jpg

Настапуваш за Србија, тешко ли е да си тука и таму?

Не постои поголема чест од тоа да се игра за својата земја. Тешко е и напорно, бидејќи ракометот има натпревари во сред сезона, секое европско и светско е во декември, ама некако навикнавме на тој ритам и веќе не размислуваш на тоа. Тој умор е веќе нормална фаза, играм 10 години и тоа е веќе секојдневие.

Спомена 10 години ракомет, што сè друго имаш тренирано?

Уф, јас буквално тренирав многу спортови. Тренирав карате 4 години, кошарка многу кратко. Ама уф, ако сега треба да бирам помеѓу кошарка и ракомет ќе ми биде тешко, бидејќи навистина и кошарката како спорт ја сакам многу. Генерално тренирав и одбојка и тенис, но се задржав на ракометот.

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-04.jpg

Зошто баш кошарка?

Можеби затоа што и Србија е земја на кошарката на спортот, додека јас растев во тој моментот, кошарката беше навистина популарна. Можеби сите тие натпревари ми оставија посебен впечаток.

Сепак го одбрав ракометот бидејќи сметам дека е спорт кој е динамичен, а јас сум карактер кој сака адреналин, буквално сум зависник од тоа. Спорт кој бара многу физичка работа.

Го спомена адреналинот, кое е твоето најголемо такво искуство?

Бев во разни паркови, пробав многу луди возења, слободен пад, го сакам тоа. Но, како поминуваат годините сè повеќе размислувам да не се повредам, некако повеќе ме фаќа страв. Додека си млад не размислуваш на тоа, хаха.

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-03_copy.jpg

Приватната страна на Андреа Лекиќ, што правиш во слободно време?

Многу сакам да патувам. Немам многу слободни денови, нема импровизација, па така да веќе уште од сега си го планирам летото. Оваа година сакам да ја посетам Португалија.

Инаку сум човек кој сака винарии и сакам кога ќе ја завршам кариерата да завршам курс за сомелиер. А, од животните, сакам коњи, дури во Љубљана без никој да знае отидов на часови за јавање, но дознаа во клубот и после вториот час ми ја забранија таа активност хаха.

Како за крај, ти си девојка од Србија, ама веќе долго време тука, го сакаш Скопје, што е тоа што ти се допаѓа, а што би променила?

Искрено не гледам некаква голема разлика од животот во Македонија и Србија, навистина сме многу слични. Она што го забележувам е дека навистина многу, а можеби и повеќе вие сте по отворени од нас. Тоа е нешто што секој спортист го сака.

Она што би го променила на пример, еве сите кажуваат дека старо Скопје било многу поубаво, јас не знам, но гледав фотографии од тоа време и навистина ми се допаѓа, па  ете тоа некако ми остави впечаток.

andrea-lekic-ke-mi-bide-mnogu-tesko-ako-sega-treba-da-biram-pomegju-kosarka-i-rakomet-10.jpg

Автор: Сања Стојковска
Фото: Костадин Калошев
(c) CRNOBELO.com

Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg