Инстаграмџиката Poison_grl: Заборавете на стравот „Дали она што го правам е доволно добро?“


Инстаграмџиката Poison_grl: Заборавете на стравот „Дали она што го правам е доволно добро?“

Скопјанката Ерина Богоева, која на инстаграмџиите им е позната како poison_grl е фотограф, магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија, хоби ѝ е јога и читање и истражување за Брутализамот како правец во архитектурата. Освен тоа многу сака да готви и речиси секој слободен ден го користи да подготви нешто вкусно за домашните.

da-go-ignorirame-stravot-i-da-se-posvetime-na-kreativnosta_1.jpg

„Инстаграм е многу важна платформа за секој визуелен уметник, а особено мислам дека е важна платформа за фотографите“, се изјаснува Ерина Богоева.

„Освен што е многу лесна алатка за пласирање на својата уметност кон различна публика, преку Инстаграм лесно може и самите да дојдете до визуелна содржина која може да ве инспирира“.

Ерина со фотографија се занимава веќе една деценија.

„На почетокот си почна како некој вид на креативен издувен вентил, но по некое време успеав да се посветам комплетно на фотографирање. Не го паметам точниот момент кога сфатив дека фотографијата е за мене, веројатно бидејќи сега е толку голем дел од она што сум јас, па и не паметам време без неа“, се присетува Ерина Богоева, која најмногу сака да фотографира портрети.

Портретите ѝ се првата љубов, а веднаш потоа следува модерната архитектура.

Сака да биде дел од Инстаграм светот поради тоа што претставува лесен начин за да си ги пушти сопствените дела во етер, а истовремено и да најде луѓе чии дела ќе ја инспирираат.

„Секоја локација верувам дека има своја убавина, но секогаш ме инспирираат модерните архитектонски скулптури низ Скопје од типот на ТК Центарот, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Управата за Хидрометеоролошки Работи...“, споделува Ерина Богоева, која користи DSLR апарати (Nikon D7000 и D750), но често користи и телефон за фотографирање, бидејќи сепак тој е секогаш со неа.

„Најважно е да се нема страв. Во почетоците на секоја креативна работа постои оној страв од типот на „Дали она што го правам е доволно добро?“, но тој страв треба да се игнорира.

Секој почнува од некаде и со доволно посветеност и работа може да напредува во правецот во кој што сака да се движи“, советува Ерина за луѓето што сакаат да се занимаваат со фотографија.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Мирот го пронаоѓам во немирот“ - Дора П. Узуновски, автор на романот „Синиот час“ Иднината ја градиме врз основа на нашата сегашност и нашата сегашност е изграден...
Ивана Младеновска: „Малта е преполна можности, мана се само сообраќајниот метеж и влажноста“ Секој си го следи животниот пат. И пробува колку што е можно повеќе да се придрж...
Јелена Јованов Периќ: талентирана, успешна и искрена Веќе трета сезона си дел од телевизиската серија „Преспав“ На што...