Миланка Рашиќ: „Никогаш не престанувај да го правиш она што те прави среќен“

ТВ авторот и продуцент Миланка Рашиќ вели дека секогаш треба да се трудите да бидете најдобри во она што го работите, а признанието и наградите ќе си дојдат сами.

milanka-rashikj-nikogash-ne-prestanuvaj-da-go-pravish-ona-shto-te-pravi-srekjen-03.jpg

Публиката ја знае како автор и водителка на бројни ТВ проекти, евровизиски и патеписни репортажи, коментатор на наградите Оскар, Греми, фестивалот Санремо, Евросонг, водителка на скоро сите македонски музички и филмски фестивали како Скопски фестивал, Макфест, Езерски бисери, Икс Денс, Браќа Манаки, беше судија во шоуто „Танц со ѕвездите“, меѓу првите правеше интервјуа со ѕвезди како Хулио Иглесиас, Синди Крафорд итн.

Веќе десетина години агенцијата на Миланка Рашиќ, „Миракс“ ги откупува ТВ правата за емитување на доделувањето на Оскарите. Јубилејното, 90-то Оскаровско шоу ќе се одржи на 4-ти март, недела, во Лос Анџелес, а ќе го емитува ТВ Сител.  

milanka-rashikj-nikogash-ne-prestanuvaj-da-go-pravish-ona-shto-te-pravi-srekjen-02.jpg

Со неа проговиривме околу тоа што ја инспирира во животот и кое е нејзиното мото:

Кое е твоето животно мото и советот кој би си го дала на помладата верзија од себеси?

Повеќе е некоја моја животна филозофија: „Секогаш труди се да бидеш најдобар во она што го работиш, признанието и наградите ќе си дојдат сами. Секој ден учи по нешто ново, нека ти биде умот отворен за нови, свежи идеи. Поради ниедна причина не престанувај да го правиш она што те прави среќен!“

Јас уживам во танцувањето и патувањата. Латино и карипските танци ми се љубов и колку и да ми е денот лош, една убава румба, салса или бачата ми ја враќа веднаш насмевката на лице!

Патувањата отвораат нови видици, те прават побогат и позрел како личност. Летово бев на Пафос во Кипар, во Париз, па во Турција и искрено, едвај ги чекам следните дестинации, еве во мај повторно ќе одам за Стокхолм.   

На помладата верзија од себеси би ѝ рекла: „Работи помалку и уживај во секој нов ден!“

milanka-rashikj-nikogash-ne-prestanuvaj-da-go-pravish-ona-shto-te-pravi-srekjen-01.jpg

Кој е најдобриот совет што си го добила во животот и од кого?

Како ќе те воспитаат родителите најмногу влијае на тоа каква личност ќе станеш. Моите родители ме учеа да бидам чесна и да сум човек од збор, кој ќе си ги исполнува дадените ветувања.

Татко ми сметаше дека треба да си подалеку од политика. Мајка ми кажуваше големи мудрости на едноставен начин. Велеше: „Сапун и вода ќе измијат сè што е валкано, ама не и збор од уста излезен.“ Затоа секогаш внимавам да не кажам нешто во лутина поради што ќе зажалам подоцна.

Ми велеше и: „Гледај напред во животот, ама сврти се и позади, има луѓе кои имаат помалку од тебе.“ Во секоја прилика се трудам да помогнам колку што можам.

milanka-rashikj-nikogash-ne-prestanuvaj-da-go-pravish-ona-shto-te-pravi-srekjen-03.jpg

Кој е за тебе, како за вљубеник во седмата уметност, најинспиративен филм?

Има многу филмови кои ме фасцинирале во одреден момент од животот, ме допреле, ми го смениле размислувањето.

Ќе ги спомнам „Реквием за сонот“ на Дарен Аронофски, „Друштво на мртвите поети“ на Питер Вир, „Соба“ кој ѝ донесе Оскар за најдобра актерка на Бри Ларсон и  „Животот на Пи“ на Анг Ли, кој доби Оскар за режија.

Од насловите кои освоиле Оскар за најдобар филм би ги издвоила  „Лет над кукавичјото гнездо“, „Моја Африка“, „Англискиот пациент“, „Девојка од милион долари“, „12 години ропство“.

Но, ако мора да изберам само еден наслов тоа би бил  „Амадеус“ на Милош Форман, безвременската приказна за генијалноста на Моцарт  и за судирот на завидливата просечност и бескрајниот талент.  

milanka-rashikj-nikogash-ne-prestanuvaj-da-go-pravish-ona-shto-te-pravi-srekjen-02.jpg

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Ана од Битола: „Партнерот ме запроси на 18 години, сите нè осудија, но чувствата не бираат ниту годи... „Кога партнерот ме побара за жена, имаше премногу негативни коментари, предрасуд...
Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татк... „Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, ја...
Даниел Николовски, фризер и шминкер: „Елена Ристеска ми е како сестра, Наташа Беквалац е најзабавнат... „Наташа Беквалац, која со право важи за една од најубавите жени на Балканот, е и...
Симона Петреска, мотиватор и животен тренер: „На минатото треба да гледаме како на учител, а во живо... „Во еден период мислев дека постојам само за да ги задоволам луѓето кои беа прис...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg