Актерот Владо Дојчиноски раскажува: Како изгледа снимањето на Македонските народни приказни?


Актерот Владо Дојчиноски раскажува: Како изгледа снимањето на Македонските народни приказни?

Тој од срце вели: „И во улога на цар и во улога на говедар уживам со снимањата на приказните, затоа што ја носат поуката дека добрината секогаш победува.“

akterot-vlado-dojchinoski-otkriva-kako-izgleda-snimanjeto-na-makedonskite-narodni-prikazni-01.jpg

Актерот Владо Дојчиноски е препознатлив лик од Македонските народни приказни. Тој има 32 години, а од 2006 година е на актерската сцена.

За себе вели дека е човек што ја обожава Македонија, македонската песна и фолклор. Ги цени семејните вредности и со својата сопруга се во исчекување на нивното прво дете.

Порачува секој ден да го започнете со мислата да направите нешто убаво за другите и да ги израдувате.

Во слободно време обожава да оди во природа, без разлика дали тоа е покрај река, езеро или на планина. Особено го исполнува риболовот.

Во интервју за Црнобело, Владо откри како изгледа снимањето на Македонските народни приказни, проект од кој е дел веќе години наназад, и нè потсети на почетоците од неговата кариера.

Во гостувањето во емисијата „Еден на еден“ Ванчо Петрушевски те посочи токму тебе како еден од најполетните млади актери, кои навистина се вложуваат во професијата. Колку ти значат критиките и пренесените искуства од постарата генерација актери?

Искрено и јас на некој начин се изненадив кога го слушнав тоа во емисијата и тоа многу убаво. Се почувствував многу пријатно. Тоа е навистина еден голем комплимент од еден многу голем актер. И тоа многу ми значи.

Ја сакам мојата професија, се вложувам и тие што ме познаваат знаат дека тоа не се однесува само на актерската игра, односно да си ја завршам работата како актер и толку.

Дома подготвувам костими, реквизити, дел од сценографија, па и на местото каде што се работи, било тоа да е на снимање или да е театрска претстава. Сметам дека со тоа се надоградува и мојот лик и тие околу мене, а пред сè крајниот производ (претстава, тв серија итн.)

Што се однесува до постарата генерација актери накратко ова ќе го кажам. Го завршив факултетот кај што според мене се учи основата на актерската игра, а имав среќа да работам со големи и искусни актери кај нас, прифатени и наградени за тоа што го правеле (Шенка Колозова, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски...) и благодарение на тоа несебично ќе кажам  дека покрај овие искуства, а и, ете според мислењата на овие мои колеги, јас веќе успеав да ја работам мојата професија на начин каков што ја работеле тие, од градењето на ликови, правењето на производот до блискоста кон публиката и многу се радувам што тоа го правам баш така.

akterot-vlado-dojchinoski-otkriva-kako-izgleda-snimanjeto-na-makedonskite-narodni-prikazni-04.jpg

Колку време си дел од Македонските народни приказни? Те гледаме како цар, но и во низа други улоги, во која се чувствуваш најдобро?

Уште од 2006 година сум дел од овој проект. Тогаш јас бев студент. Приказните веќе не се снимаа.

Во 2003 година МТВ ги прекина со снимање.  Но, јас успеав да договорам една локална телевизија во Охрид (Тв Морис), успеавме да најдеме спонзори и што е најважно успеав да ја соберам повторно старата екипа од Македонските народни приказни.

Се собравме сите, јас ја дадов мојата идеа и сите заедно среќни што приказните сепак ќе продолжат да се снимаат почнавме да ги работиме. Снимивме 12 епизоди.

Па, ТВ Сител побара да ги снима приказните, а потоа и МТВ се јави дека повторно ќе ги врати македонските приказни. Од тогаш досега снимивме околу 300 приказни. А која ми е најомилена улога навистина не можам да ви кажам.

Убавината во приказните е во тоа што секоја приказна е различна, секаде има различни ликови кои за нешто се борат и сите се интересни, било тоа да е цар или говедар. Сите овие ликови имаат душа.

akterot-vlado-dojchinoski-otkriva-kako-izgleda-snimanjeto-na-makedonskite-narodni-prikazni-02.jpg

Мудрости што си ги извлекол од народните приказни...

Како што веќе споменав, убавината на приказните е што секоја приказна е различна, поинаква ама секоја приказна има своја поука и мудрост.

Само едно нешто е исто што ги спојува сите приказни, а тоа е добрината. Односно секогаш во борбата меѓу доброто и лошото, доброто секогаш победува и се враќа со добро, па дури е и наградено.

Затоа бидете добри и правете убави работи, а под добрина има уште многу убави работи.

Каде се снимаат македонските народни приказни, каква е атмосферата на сетовите, со кои актери сте блиски и приватно?

Најчести локации се: Св. Пантелејмон – Нерези, Куршумли ан во старата чаршија, сега и Македонско село, Марков манастир, с. Кучково, с. Соње и други локации најчесто во околината на Скопје.

Неколку епизоди снимавме и во Охрид кои одлично излегоа. Меѓутоа за жал ограничени сме со движењето главно од финансиски причини и мораме да се задржиме во околината на Скопје.

Тоа што го снимавме во Охрид го снимавме со одвоени средства од нас затоа што сакавме да излезе убаво како што излезе, ама тоа не можеме постојано да го правиме.

Повторно ќе спомнам за жал, бидејќи низ цела наша Македонија има навистина прекрасни места каде што би можело да се снима.

За атмосферата на снимање... Еве сега кога правиме пауза со снимање и не знаеме дали воопшто ќе се снима, неколку пати во разни пригоди сум рекол: „ Ах, колку ми се снима сега некоја приказна“ и не толку друго колку приказна, баш заради атмосферата.

Независно дали само ќе играм или и ќе играм и ќе режирам. На снимањето секој си ја знае својата работа и навистина снимањето оди прилично брзо. Знаејќи го тоа можеме слободно да се опуштиме и со штосови, импровизации, смеење. И мислам дека и тоа допринесува приказните да се такви кави што публиката ги има засакано и ги сака.

Близок сум скоро со сите што можете да ги видите околу мене во приказните.  И повозрасните и помладите. Ги обожавам и ги сакам и како актери и како пријатели.

akterot-vlado-dojchinoski-otkriva-kako-izgleda-snimanjeto-na-makedonskite-narodni-prikazni-03.jpg

Твоите најзначајни проекти...

Се разбира, на прво место „МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ“, потоа серијата за нашите големи патриоти, револуционери „Тврдокорни“.

Што се однесува до театарот ако може да се нарече како проект, иако тоа е мисија според мене, учеството во патувачкиот театар „КОЛОЗОВ“ и сите претстави одиграни во него. Со овој тетар сме биле во секое делче во Македонија и секаде публиката можела одблизу да нè види и да нè доживее.

Како вработен во Кумановскиот народен театар и таму имам претстави што ми се особено мили. Некои сè уште се играат, некои не. Ама еве сега нив нема да ги набројувам, кој сака повеќе да разбере за кои претстави се работи, повелете во театарот.

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Виктор Мазнев, велешанецот со срце планина: „Имам спасено стотици безд... „Срцето на човекот можеме да го процениме според тоа како ги третира животните“,...
Отворено со нутриционистот Билјана Ристеска: Од трендови во исхрана ка... „Загрижува фактот што денешната младина има сè на дофат на рака и сакаат да изгл...
Јутјуберот Бобан Бошевски од Битола - има 14 години, интернационални н... Приказните за светските Јутјубери често знаат да им го свртат вниманието на луѓе...

Најчитани неделава