Балерината Ивана Коцевска: „Го обожавам чувството на слобода кога настапувам на сцената“

Таа веќе 16 години работи како балерина и вели дека најтешко ѝ паѓа кога треба да се работи, а телото се буни и дека тоа е секојдневна борба во оваа професија.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-01.jpg

Балерините може ви изгледаат нежно, па дури и кршливо, но тие се посилни од што мислите, а доказ за тоа е Ивана Коцевска.

Вели дека отсекогаш знаела дека во животот сака да биде балерина. Има успешна балетска кариера веќе 16 години и не потклекнува пред предизвиците пред кои ја поставува нејзината професија.

Проговоривме со неа за нејзините најголеми успеси, чувството кога е на сцената и за тоа колку Македонците ја ценат уметноста.

Колку време ја работите оваа професија? Раскажете ни за текот на вашата професионална надградба, од колку балетски претстави сте биле дел досега, кои се вашите најголеми успеси...

Официјално сум дел од балетскиот ансамбл на МОБ од 2001та година, 16 години балетска кариера. Прв пат учествував во балетска претстава на мои 12 години во дел од претставата „Бајадера“ (кај нас се изведуваше само третиот чин од истата – Кралството на сенките) од тој момент редовно бев дел од репертоарот на МОБ.

Благодарна сум што додека бев ученичка во нашето единствено државно училиште „Илија Николовски-Луј“, директорите кои тогаш раководеа со балетот на МОБ ми доверија и неколку соло улоги во претставите „Танц на кадетите“, „Лебедово езеро“, „Дон Кихот “ и др.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-06.jpg

Подоцна ги толкував и главните улоги во балетите „Лебедово езеро“, „Шехерезада“, Агонија на срцето“ „Ташула“, „Самсон и Далила“, „Далечен плач“, „Кармина Бурана“, детските претстави „Снежана и 7те џуџиња“, „Доктор Офболи“ и во операта „Аида“ која се изведува традиционално на Мајските оперски вечери за затворање на истите.

Покрај тоа што настапував на нашата сцена имам досега танцувано и надвор од Македонија. Во Италија, Германија, Букурешт, Франција, Португалија, Њујорк, Киев, Белград и др.

Имам работено како солист во Словенскиот Национален Балет во Љубљана и Вурцбург, Германија.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-07.jpg

Тајните на кореографијата ме привлекувале уште кога бев ученичка и секако се посветив на тој вид креативна работа. Во 2016та создадов фрагмент кој беше наменет за изведба во клуб. Ваков вид на танцов перформанс беше изведен за прв пат кај нас и многу ми е драго што  алтернативниот клуб ЕПИЦЕНТАР ги отвори вратите и за танцот. Секако, нашата соработка ќе продолжи.

Во 2017та магистрирав на музичката академија во Скопје под менторство на мојата драга професорка Соња Здравкова – Џепароска на тема „Рецепцијата на современиот перформанс во македонскиот културен контекст“.

Во моментов сум во подготовка на мој авторски проект „Метаморфоза“ на музика на Филип Глас за дирекцијата на култура  чија премиера треба да се случи на Скопско лето оваа година. Многу ми е драго што господинот Мирко Стефановски е секогаш подготвен да им даде шанса на младите уметници во Македонија да создаваат и да се развиваат. Пресреќна сум што во тимот со голем ентузијазам се приклучија наши млади и успешни уметници како Дино Имери - пијанист, Иван Пенов - композитор и Милена Атанасова - костимограф.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-09.jpg

Зошто токму балерина?

Немало размислување на тоа прашање. Едноставно, љубовта кон танцот кај мене се родила уште кога сум проодела, благодарна сум на моите родители за целосната поддршка и разбирање што го имале сиве овие години и што ми помогнале да ја развивам оваа љубов се до денес.

Какви предиспозиции треба да има едно девојче кое сонува да стане балерина?

Првенствено желба голема, љубов кон танцот, посветеност, дисиплина, упорност и истрајност.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-10.png

Какви емоции ве преплавуваат кога излегувате на сцената?

Од моментот на подготовката пред самата претстава (шминка, фризура, костим) се случува надворешната трансформација. Овој процес за мене е еден вид на медитација преку која влегувам во состојбата која треба да ја пренесам преку ликот кој го толкувам. 

Пред сè присутна е возбудата, позитивната трема, умот е ослободен од мислите, фокусот е насочен кон приказната што треба да ја „раскажам“. Значењето на кинестетичкиот вокабулар кој треба да е во добар сооднос со мислата на ликот кој го претставувам.

Чувството на слобода кога настапувам е најприсутно и мислам дека токму поради тоа чувство се занимавам со оваа професија.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-04.JPG

 Дали сте свесни за публиката која е на само неколку метри од вас или комплетно се исклучувате?

Публиката е клучен фактор за нас уметниците. Без нејзиното присуство ние не би можеле кому да раскажеме приказна. И тоа како сум свесна за присуството на гледачот. Затоа и темата за мојот труд беше публиката, односно нивната рецептивна моќ.

Наша задача е да го одржиме контактот со публиката, ним им се обраќаме.

Се случувало да настапувам и на сцени или во простор каде публиката е пред мене поточно tête-à-tête. Но, постојат кратки моменти каде се исклучувам од сè.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-02.jpg

Оваа гламурозна професија има и многу негативни страни. Кои се најголемите жртви кои ги прави една професионална балерина во животот? Дали стапалата и комплетно целото тело страдаат многу?

Како и секоја професија, така и за оваа потребно е да се жртвува. Тоа е сето она слободно време за дружба, ноќен живот. Социјалниот аспект секако е запоставен, но знаеме сите дека доколку сакаме нешто и тоа како успеваме да го реализираме. Клучот лежи во добрата организација.

Што се однесува до страдањето на телото и стапалата морам да признаам дека е неминовно. Тоа е последицата на нашата работа. Но, тука е јогата преку која јас лично го терапирам моето тело и дух.

Секако масажите, физикалните терапии се дел од моето секојдневие, особено кога е во прашање одредена повреда. Тоа најчесто фрустрира. Фактот дека треба да се работи, а телото се буни е секојдневна борба во нашава професија.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-05.jpg

Кој е вашиот идол?

За мене е идол секој оној кој на конструктивен начин успева да се справи со секојдневните предизвици што ги има во животот. Особено личности кои имат некаков инвалидитет, а се позитивни и не се откажуваат од себе и кои одат напред без разлика на препреките на кои наидуваат.

Постојано ме инспирираат вакви луѓе и ми се поттик за и јас барем на момент да престанам да се жалам и откажувам од моите лични предизвици. Луѓе кои работат на себе за да бидат подобри за себе, кои се борат со своите демони и успеваат да се издигнат над сето тоа.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-11.jpg

Колку Македонците се вљубеници во уметност? Дали имаме навика да посетуваме балетски претстави?

Македонците многу ја сакаат уметноста. Тоа ми се потврди преку истражувачкиот процес кој го имав за магистерскиот труд. Интерес има, но потребно е институциите да ја предизвикаат публиката и најдат поинаков начин да ѝ се доближи уметноста на пошироката јавност.

Мислам дека потребна ни е поголема застапеност на предмети за уметност како драмска, балетска/танцова, музичка, ликовна во образовниот систем. На овој начин децата би имале цврста/стабилна основа за понатамошен развој каде ќе се создаде една критичка маса која ќе ни ја вреднува/критикува/поттикнува нашата работа како уметници.

balerinata-ivana-kocevska-go-obozavam-chuvstvoto-na-sloboda-koga-nastapuvam-na-scenata-08.jpg

Фото: Маја Симовска, Виктор Соколовски, Маја Аргаќиева, Ваде Аманито, Sylvian Guillot

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
„Пред 45 години успеав да ја заведам единствената жена која посакав да ми роди деца“ – Жељко Самарџи... „Во брак сме 45 години и заедно пребродивме многу убави, но и тешки животни моме...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Јелена Розга за CRNOBELO: „Мислев ќе се срушам од убавина кога публиката ја пееше ‘Гинем’ на цел гла... „Утрото пред концертот имав некој чуден страв, па ѝ се јавив на другарка ми и ѝ ...
Бојан Велевски, стенд-ап комичар: „Сопругата не можам да ја ‘омекнам' со шега кога ми е лута, во Коч... „Тие генерации што израснавме во тоа време, со 'Наше маало', 'Големи и мали', зн...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg