Каин: „Со нашата музика сакаме да го промениме светот на подобро“

Алтернативната сцена во Македонија периодов се збогати со уште еден студиски албум насловен како Под ова сонце ладно е на кичевскиот бенд Каин, кои го сочинуваат Андреја Ристески – вокал и гитара, Дарко Јованоски - тапани, Христијан Војнески – бас-гитара и Александар Вренцовски – клавијатура. Во продолжение следува интервју со групата.

 kain so nashata muzika sakame da go promenime svetot na podobro 6

Каин – официјално постоите од 2014 година, кога четири различни карактери се соединивте во една светла точка, барам така гласи вашето самопретставување. И еве после неколку години во раце може да држиме физичка копија од вашиот албум-првенец Под ова сонце ладно е, кој содржи 9 песни. Како може да се експериментира со звукот за да се добие најсуптилниот тон што го посакувате?

Песните во албумот жанровски се различни една од друга, но има еден момент кој ги поврзува, ние тоа го викаме Каиновски шмек. Веројатно тој е суптилниот тон што мислите, би рекол тоа е производ на меѓусебната разлика.

Имаме фатено доста интересна и специфична фреквенција, со префинети и завршени мелодии, со доста пресеци низ песните и често провејуваат источни мелодии. Лириката и пораката е јасна, директна и брутално искрена.

За среќа добивме симпатичен и препознатлив тон, кој треба да се негува и со тек на време и работа да созрева, така што веќе со неколку албуми зад нас ќе можеме да разговараме за препознатлив звук на бендот, но Под ова сонце ладно е дефинитивно доби занимлива музичка форма, која нé карактеризира. Важно се чувствува зрелост и отвореност помеѓу нас, така што вториот албум би имал поинаков groove, веројатно поинаку ќе се градат песните, без да се изгуби лиричната критика и Каиновскиот шмек, нели тоа е она што нé опишува.

kain so nashata muzika sakame da go promenime svetot na podobro 2

„Најважниот вид на слобода е да бидете она што навистина сте“, рекол Џим Морисон, колку Каин е бенд што ги следи внатрешните импулси на членовите, а колку бенд што се подведува по новите музички трендови што кружат низ светот?

На самиот почеток е наведено дека се соединети четири карактери. Тие четири различни  карактери функционираат различно во раздвоена форма, а споени пулсираат во ритамот на денешницата. Тоа е сосем доволно за да можеме правилно и оригинално да го отсликаме она што генерално на сите нам ни се случува.

Доволно долго меѓусебно се познаваме при што без проблем правиме спој помеѓу нашите индивидуални афинитети и музичката естетика на денешницата. Би биле презадоволни доколку идејата и музиката на Каин бидат мејнстрим. Тогаш сме успеале во намерата, сме го промениле светот на подобро.

Тоа е сенс и некаква свест за постоењето и глобалното еволуирање, за тоа каде оди светот. Па поради тоа и самиот албум е преполн со музика која не застанала во едно време и еден правец, туку е одраз на турбуленцијата во која сме затекнати.

kain so nashata muzika sakame da go promenime svetot na podobro 3

Колку преку музиката на Каин сакате да го потврдите сопственото постоењето како бенд, и воопшто на сите членови поединечно?

Веројатно секој свесен човек на свој начин треба конструктивно да ја дава својата критика и да дејствува на општествена промена, а со тоа и градење на подобар свет. Воопшто поривот за критика и творење на музика не доаѓа од желбата да го потврдиме нашето постоење како бенд, туку воопшто нашето постоење како човештво.

Каин е она што ни се случува на сите нам сега и овде, во едно вакво општество. Живееме во мелодија и текст, така го потврдуваме нашето постоење како колектив. Се надевам дека тоа го правиме добро, засега.

Имам чувство дека локалите и организаторите низ Македонија секогаш успеваат да набават средства за да донесат некој странски бенд, макар бил и од соседството, а кога треба да се овозможи концерт на домашен бенд е тогаш нема пари. На што се должи оваа проблематика и гледате ли излез од ситуацијата?

Се  доведовме до ситуација и самите да се гледаме онака како што светот нè гледа – мали и немоќни. Оттука, најверојатно, доаѓа и стравот дека нашето е помалку вредно од другото, но верувам дека човек кој е свесен и отворен, кој е во потрага по музика ќе го препознае квалитетот.

Често и во албумот спомнуваме за измешаните вредности на човекот денес, така што генерално се работи за задоволување на апетитите на масата и профитирање врз тоа. Често се зборува за тоа како ние немаме сцена, заборавајќи да ја вреднуваме постоечката и да ѝ даваме живот и значење.

Во последно време е задоволително добро што доаѓаат светски артисти, кои со себе носат професионализам и светска култура, а тоа вреди и треба да се плати, но мора да се избориме за подигнување на свеста кај Македончето, правилно да го вреднува својот квалитет, веројатно само така би се направила светска сцена.

kain so nashata muzika sakame da go promenime svetot na podobro 7

Откако имавте промотивен концерт во Кичево, почнавте да најавувате и еден во Скопје. Сега откако издадовте албум, кои се професионалните планови на Каин? Ќе може ли публиката да ве види на некои од претстојните фестивали или во други градови низ Македонија?

Она што во 2014 го започнавме, се финализира во 2018. Промотивниот концерт во Кичево испадна десеткратно над нашите очекувања. Благодарение на музичката поддршка од извонредно модерните Ки, ди-џеј сетот на Каиновиот пријател Ацо, гостинот на нашиот албум Давор Јанкулоски, сите девојки и момци кои беа дел од целата организација и огромниот feedback од публиката, мислиме дека направивме настан кој долго време ќе остане во колективната свест на Кичево. Тоа ни ги наполни батериите и ни даде мотив да тргнеме во поход низ Македонија.

За промоцијата во Скопје сé уште сме во преговори за датум и место, но она што е официјално е промоција во Дом на млади во Штип на 5-ти мај. Ќе го промовираме и низ другите градови низ Македонија, гледаме тоа да биде добро организирано, дополнително ќе објавиме подетални информации.

Како бенд сакаме на нашите промоции да вклучиме и други авторски бендови со кои би настапувале заедно, со цел публиката да почне да ја дознава и прифаќа македонската независна музичка сцена, а целиот тој настан да резултира со креативност и позитивна енергија. Од јуни месец Каин засилен со плус еден член започнува со создавање на нов материјал, кој најверојатно би бил нешто поразличен од материјалот на овој албум.

И самите го чекаме производот на нашата работа. До тогаш Под ова сонце ладно е  на repeat! 

kain so nashata muzika sakame da go promenime svetot na podobro 5

kain so nashata muzika sakame da go promenime svetot na podobro 1

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Теодора Мицеска (17), пејачка: „Се трудам македонската изворна музика да не се пее само во Македониј... „Негативни коментари ќе има секогаш, колку и да си одличен, колку и да имаш квал...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Чичко Живо (92) веќе 7 децении живее во Бразил, неговата ќерка е горда на македонските корени: „Тргн... „Сакавме да одиме во Америка, ама не успеавме и завршивме во Бразил“ - вели за C...
Јасмина Цветковска 9 години живее во Сиднеј: „Како инженер лесно најдов работа, но проблем се скапит... „Дипломите од природните науки, машинските струки, архитектура, електро-инженерс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg