Виктор Мазнев, велешанецот со срце планина: „Имам спасено стотици бездомни кучиња и не сопирам“


Виктор Мазнев, велешанецот со срце планина: „Имам спасено стотици бездомни кучиња и не сопирам“

„Срцето на човекот можеме да го процениме според тоа како ги третира животните“, а фактот дека низ домот на Виктор Мазнев поминале повеќе од 1.000 бездомни животни доволно говори за него, зарем не?

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-01.jpg

Велат „сè додека некој не сакал животно, дел од неговата душа останува неразбуден“... И 20-годишниот велешанец со срце планина Виктор Мазнев ни го потврдува тоа со своите зборови и дела.

Тој вели дека не може да си го замисли животот без љубовта од животните.

Познат е како огромен активист за правата на животните и веќе години наназад им го отвора својот дом на бездомните животни од Велес и им дава нега и љубов.

Поразговаравме со него за неговата инспиративна мисија...

Од каде идејата да започнеш со една ваква хумана мисија уште од 12-годишна возраст?

Љубовта, љубовта и сочувството кон животните се доволен мотив за една ваква хумана мисија. Кога човек работи нешто од срце и со љубов нема нешто што би го спречило да ја оствари својата мисија.

Со животни сум од многу мал, само што работите како мал ги гледав поинаку, односно онака како што ме учеле постарите - прасето е за јадење, кучето е за на синџир во двор.

Сè додека не почнеш сам да ги откриваш работите околу тебе, да се едуцираш и да сфатиш дека и прасето и кучето имаат душа, чувствуваат болка, тага и љубов, како и ние луѓето.

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-10.jpg

Колку животни минале досега низ твојот дом и дали разделбите потоа се болни?

Досега низ мојот дом поминале премногу животни можам да речам над 1.000, но не можам да ја кажам точната бројка бидејќи биле многу. Кучиња, мачиња, зајци, штрк, магариња, овци и кози се само дел од животните на кои сум им пружил нега, храна и љубов.

Разделбите се и повеќе од тешки, сè зависи од тоа колку време останале кај мене дома. Има кучиња што чекаат некој да ги вдоми со години, но има и такви „среќлии“ што се вдомуваат за неколку дена.

Лесно се приврзувам, бидејќи ти стануваат дел од секојдневието - се галите, се карате, шетате, куп уништени работи по дома, но сето тоа вреди за љубовта која ја добивам за возврат.
А кога некое ќе најде дом, тогаш сум најсреќниот човек на светот, бидејќи тогаш сум го спасил.

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-02.jpg

Каква нега им обезбедуваш на животните и како пронаоѓаш финансии за тоа?

Дома сум имал кучиња со инвалидитет, со разни болести, агресивни кучиња, но искуството го прави своето. За секое од нив сум го направил најдоброто што можам. Преврски, чистење рани, терапии, социјализација се само дел од работите што ги правам по дома.

Тука е и доктор Марин, секое куче сум му го доверил без трошка сомнение дека ќе го направи најдоброто за него, а можам да кажам дека е вистински чудотворец кога станува збор за ветерината. Имам стекнато доверба кај луѓе што ме познаваат и ми помагаат со години, знаат што работам и секогаш се тука за да помогнат и сум им крајно благодарен, бидејќи ништо без нивната поддршка.

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-11.jpg

Дали луѓето реагираат чудно кога ќе дојдат во твојот дом полн со прибрани бездомни кучиња, мачиња, па и други животни?

Обично кај мене дома доаѓаат луѓе кои се љубители на животни и бројот на животни во мојот дом не им претставува проблем. Да, има и такви кои кога ќе го видат бројот на кучиња по дома се чудат како издржувам и постигнувам со толку кучиња, но пак ќе кажам - љубовта е виновна за тоа.

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-07.jpg

Раскажи ни некоја емотивна случка со животните што нема да ја заборавиш...

Никогаш нема да го заборавам моментот кога ги наоѓам повредени, скршени, тажни, изневерени и искористени. Гледаш очи полни тага и болка, очи желни за љубов, а дел од нив уринираат и квичат од страв кога ќе им се доближиш, што е резултат на нивниот живот со „нелуѓе“.

Ме боли за секое посебно, за секое ми се крши дел до срцето и за секоја изгубена битка губам и дел од мене. Само недела дена со нив е доволна да сфатиш колку се они чисти  и желни за љубов, полни со живот и енергија.

Дадете им малку храна, неколку убави зборови и за возврат ќе добиете искрена љубов во изобилство. Можам да кажам дека најголема грешка на кучињата, па и на сите животни е тоа што му се потчиниле на човекот. Човекот почнал да ги скротува бидејќи имал потреба од животните, а животните немале потреба од него.

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-15.jpg

Дали Македонците повеќе купуваат или вдомуваат кучиња?

Неедуцираноста е најголем проблем во Македонија. Не знам која е разликата помеѓу купено и вдомено куче - освен надворешниот изглед. Повеќето од луѓето купувајќи скапо куче ја искажуваат својата „моќ“ и го бираат кучето кое ќе им одговара на нивниот стил.

Оние кои ги сакаат вистински кучињата расата, бојата и дали е кучето вдомено од улица или дебело платено ништо не им менува.

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-03.jpg

Колку институциите во Македонија се грижат за бездомните кучиња?

Институциите во Македонија се глуви за проблемот со бездомните животи, има некој закон, но за жал нема кој да го спроведе. За секој проблем има решение, па така и за овој само некој треба да сака да го реши. Секоја година добиваме само безброј предизборни ветувања кои подоцна паѓаат во вода.

На животните не им се битни партии и политики, исто и мене, сè додека не се појави некој што навистина ќе сака да го реши проблемот и да помогне.

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-14.jpg

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-13.jpg

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-12.jpg

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-09.jpg

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-06.jpg

viktor-maznev-veleshanecot-so-srce-planina-imam-spaseno-stotici-bezdomni-kuchinja-i-ne-sopiram-04.jpg

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Македонска зависничка од социјални мрежи: „Луѓето многу подобро глумат... 29-годишна девојка од Скопје проговори за својата „зависност“ од социјалните мре...
Идеја и реализација пред која симнуваме капа - АвАв забавен парк за ми... Замислете вашето куче да трча по зелено пространство и да се забавува со летни л...
Од златните раце на Филип Митевски: Неговите декорации со храна се вис... Талентираниот Македонец успеа да ги воодушеви и Германците со своите дела. Вели ...