Владимир Чурлиновски: „Кутија цигари во Виетнам е 25 денари, резервација во диско во Катар 1.000 евра“

Овој Македонец вели дека во Катар те почитуваат како работник, а во Тајланд луѓето знаат како да уживаат во животот и да бидат среќни дури и ако тој ден имале пари само за едно парче леб.

vladimir-churlinovski-kutija-cigari-vo-vietnam-e-25-denari-rezervacija-vo-disko-vo-katar-1000-evra-01.jpg

Владимир Чурлиновски од Скопје има 27 години, но мал милион приказни од неговите работни искуства и авантури низ светот.

За посета вели дека секогаш избира дестинации кои му изгледаат недостижни, па дури и некои кои се непрочуени, но сепак се прекрасни.

Овој авантурист досега ги има посетено Катар, Виетнам и Тајланд, но не сопира тука. Сепак, открива дека каде и да оди срцето му е во Македонија затоа што само дома си е дома.

Проговоривме со него за неговите патувања и работни ангажмани во странство.

Зошто одлучи да градиш кариера надвор од Македонија и која беше првата земја каде си ја проба среќата?

Одлуката за патување и работа надвор од Македонија ја донесов поради две причини. По природа сум авантурист, сакам да шетам и да истражувам, и, секако, втората причина беше општо работната атмосфера за нас младите во Македонија, која според мене сè уште до ден денес не е како што треба.

Мислев дека како Европејци, поготово Балканци, сме повеќе ценети во Азија, што е и точно, па затоа првата земја каде си ја пробав среќата беше Катар. Земја која нема никогаш да ја заборавам и земја каде сум го имал најубавиот период од животот досега. Луксуз, забава, мирен живот, традиција, култура... сето тоа завиткано во едно, тоа е Катар.

vladimir-churlinovski-kutija-cigari-vo-vietnam-e-25-denari-rezervacija-vo-disko-vo-katar-1000-evra-02.JPG

Какви се платите во Катар во споредба со Македонија, се соочи ли со пречки од локалците, како го прифати нивниот начин на живот и строгите правила во одредени аспекти?

Имав среќа моето прво искуство надвор да го започнам со многу звучно име во светот на хотелиерството „W Hotels“. Но, платите во споредба со Македонија се малку повисоки. Големата разлика е во ценењето на трудот, заслугата во унапредувањето, почитта за работното место итн.

Пречки со локалците немав никакви. Уште од прв ден бев прифатен и обожаван меѓу нив. Е сега тоа не знам до што е, другарите ми велат таква ми била ѕвездата, но сепак тврдам дека многу нè почитуваат како Балканци. Според нив, познати сме по тоа дека сме работливи и вредни.

Нивниот начин на живот го прифатив многу брзо. Лесно е да се прилагодиш на нив. Живеат многу лежерен и раскошен живот. Уживаат во секој момент во секој поглед, така што лесно се вклопив. Кој не сака луксуз и лежерност?

Строги правила имаат само во поглед на алкохолот и изјавувањето на љубов во јавност. Алкохол се продаваше само во хотелите со 5 ѕвезди, а искажувањето љубов во јавност беше многу строго казниво. На пример, не беше дозволено ни да ја држиш за рака девојка ти ако не сте венчани.

Но, како и во секоја држава, секој закон има дупка нели? Често се правеа приватни забави во апартмани на 40-50ти кат, исто така и забави на јахти, каде запловуваме на отворено море и таму никаков закон не важи, но секако мобилни телефони беа забранети за употреба, односно да не се фотографира.

Имаше прекрасен ноќен живот. Клубови и дискотеки кои само по филмовите сме ги гледале, ама само до 2 часот по полноќ. Дините, пустината, плажите, јавањето камили... сето тоа е незаборавно интересно и убаво. Сè на сè, не е толку строго и тешко за живеење и прилагодување како што ни е на нас тука доловено, воопшто.

Каков е статусот на жените во Катар?

Жените во Катар, за разлика од Саудиска Арабија, имаат многу повеќе права. Можат да се образуваат, да работат, да возат, да имаат високи функции и позиции. Речиси и еднакво, како и мажот.

Катар, според мене, е муслиманска држава која се труди и успешно се вклопува во модернистичкиот живот, а сепак си ги задржува културата и традицијата. Сè помалку и помалку се склучуваат дури и договорени и полигамични бракови. Накратко можам со сигурност да кажам дека жената таму е чувана и згрижена одлично, што би рекле ние „како капка на дланка“.

vladimir-churlinovski-kutija-cigari-vo-vietnam-e-25-denari-rezervacija-vo-disko-vo-katar-1000-evra-03.JPG

Во која земја би сакал да дочекаш пензија?

Ова малку потешко прашање. Па, со сигурност би сакал да е Азија, ама уште не сум се решил помеѓу Јапонија или Сингапур, кои воедно ми се и следните дестинации во мојава мала авантура.

Виетнам е егзотична дестинација за посета, но некои луѓе се скептични за ваков потег. Кои се најдобрите, а кои најлошите страни на Виетнам?

Да, Виетнам е егзотична дестинација. Прекрасна тропска клима и преубава природа. Исто така и држава која е во голем подем со туризмот и економијата.

Луѓето се скептични поради недоволно собрани информации. Сè уште мислат дека Виетнам е под последиците од војната со Америка, заразни болести како колера и слично, но тоа не е точно. Речиси и да не се чувствува тој трагичен период таму.

vladimir-churlinovski-kutija-cigari-vo-vietnam-e-25-denari-rezervacija-vo-disko-vo-katar-1000-evra-05.jpg

Мештаните, кои живеат по туристичките предели, покрај океанот, живеат посиромашен, поедноставен, но и посреќен живот. Цело време се насмеани, гостопримливи и среќни да те услужат. Ја ценат белата раса дури и премногу. Има премногу Руси таму, дури искрено мислам дека тоа им е и втор дом. А и зашто да не - близу е до нив, евтино и топло.

Другите поголеми градови, како главниот град Ханој или Хо Ши Мин, поранешен Сајгон, живеат подинамичен и побрз живот. Секако, тоа се бизнис центрите на Виетнам.

Како и секоја држава, така и Виетнам си има свои лоши и добри страни. На пример, животот е преевтин. Кутија цигари е 25 денари, пивото е 30 денари, таксито е скоро џабе, храната е евтина и вкусна, изнајмување стан таму просечно е околу 150-200 долари.

Но, лошата страна или мана да ја наречам е тоа што народот е малку повеќе затворен, живеат спoред правила и прописи, да не речам не живеат слободно. Научени се да им се наредува. Исто така, градската хигиена не е на ниво на кое му наликува на едно такво туристичко место. Но, се надевам бидејќи се во подем дека тоа сето ќе се смени.

vladimir-churlinovski-kutija-cigari-vo-vietnam-e-25-denari-rezervacija-vo-disko-vo-katar-1000-evra-04.jpg

Тајланд е совршено место за одмор, но дали и за живеење? Како изгледа секојдневието таму?

Ахх, Тајланд. Рај на земјата. Преубаво, мирно и спокојно, но сепак полно со забава и настани.

Имав среќа да ги посетам Пукет и Бангкок. Пукет е тропски рај. Плажите, кокосовите коктели и морето... божествен спој. Тоа е место каде можеш да одиш и тотално да се одмориш, но и доколку имаш „див дух“ е место каде што секој ден во секое време има што да се прави.

vladimir-churlinovski-kutija-cigari-vo-vietnam-e-25-denari-rezervacija-vo-disko-vo-katar-1000-evra-07.jpg

Локалците се прељубезни, забавни и позитивни. Секој ден си живеат како да е последен. Сиромашни, но среќни. Денес денот можат да го поминат со парче леб и да се среќни како да имале најраскошен оброк.

Од друга страна, Бангкок е прекрасна и малку поскапа дестинација, метропола која е жива 24/7. Се погодив таму кога се славеше роденденот на кралот и воедно Денот на таткото. Прекрасни манифестации, забави, претстави, но и попусти. Бангкок ми беше на мојата животна листа само поради филмот „Hangover 2“. Е сега точно знам зошто се снимал таму.

vladimir-churlinovski-kutija-cigari-vo-vietnam-e-25-denari-rezervacija-vo-disko-vo-katar-1000-evra-06.jpg

Спореди го стандардот на живот во овие земји со Македонија и кое е најубавото место кое си го посетил досега и на кое би се враќал одново и одново?

Тешко е да се споредат стандардот и животот во овие земји и во Македонија. Сите имаат разлики кои им даваат свои маани и доблести, но кога би ги ставил на вага овие земји за кои зборувавме, највисоко секако би било Катар, додека најниско Виетнам.

Македонија, како и секогаш, си ја држи онаа „златна средина“. Од друга страна пак, највисоки плати досега во моето искуство биле оние во Виетнам. Работев како супервизор на Front Office (рецепција, односи со гости, консиерж и транспорт), а добивав плата како директор во Македонија.

Ноќниот живот беше преубав во Катар, но скап искрено. Вртоглави 1.000 евра беше резервација за забава во клуб за четири особи. Но затоа од друга страна, Виетнам беше преевтино, се чувствуваш како милионер, буквално, бидејќи парите таму се како во поранешна Југославија, милиони и милијарди. Ама сепак место на кое одново и одново би се враќал е Тајланд.

Кога си во странство што ти недостига најмногу од Македонија?

Работи кои највеќе ми недостигаат од Македонија кога сум надвор се ракијата и виното на дедо ми, ајварот на мајка ми, манџите на баба ми, месото во грне на татко ми и „гнавењето“ од мојот помал брат.

Секако, ми недостигаат многу работи, сепак ова е државата, местото каде што сум роден и израснат, воспитуван и едуциран. Каде и да одиш, што и да правиш, на крај сепак пак дома ќе се вратиш.

Фотки од неговите патувања:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...
Бранко Илиески за патувањето во Перу: „100 пати да се вратам на Мачу Пикчу, нема да ми биде здодевно... „Во Перу јадат и морски прасиња. Ги печат на жар, како во фурна. Секако дека про...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg