Македонец запознал девојка од Сингапур на Work&Travel и заедно го пропатувале светот


Македонец запознал девојка од Сингапур на Work&Travel и заедно го пропатувале светот

Патувањата на љубовните двојки често знаат да се претворат во најинтересните спомени од нивните животи.

malezija-indonezija-i-singapur-patuvanje-strast-koj-nikogash-ne-moze-da-se-zadovoli-01.jpg

Таква приказна е дел од животот на Денис Давитковски и Фархани, пар кој студира во Чешка, а се имаат запознаено во Санта Круз, Калифорнија за време на Work and Travel програмата во 2015 година.

Едно нешто што е дел од двајцата е страста за патувањето. Досега имале можност заедно да патуваат низ три континенти и велат дека светот носи таква убавина, којашто самиот мора да ја откриеш.

На нивното последно патешествие имаа можност да посетат три држави: Малезија, Индонезија и Сингапур.

„Секоја причина за нашето патување е рестартирање на самиот себеси и отворање на мозокот за многу нови нешта: луѓе, места, храна, јазик, култура“, споделуваат Денис и Фархани.

„Многу луѓе мислат дека за да патуваш треба да имаш многу пари, но верувајте не мора да е така. Запрашајте се себеси: Дали би потрошиле 1000 долари за еден iPhone којшто ќе го користите неколку години или би ги потрошиле тие пари за патување коешто ќе го паметите цел живот?“

malezija indonezija i singapur patuvanje strast koj nikogash ne moze da se zadovoli 1

Младиот пар никогаш не тргнува на патување со некои очекувања. Се претворат во сунѓер, апсорбирајќи сè што чувствуваат околу нив. Велат дека доколку луѓето очекуваат премногу, секогаш има шанси да бидат разочарани и интересно е што досега никогаш се немаат разочарано од нивните патувања. Уживаат во убавината со сите сетила.

„На ова патување, Бали ни остави најголем впечаток. Иако Фархани е од Сингапур и луѓето мислат дека државите меѓу себе носат некоја сличност, но реално, тоа е далеку од вистина. Бали е толку шарен и живописен остров. И покрај тоа што е преполн со туристи, може да ја видите и да ја почувствувате културата што ја носи. Од нивните традиционални танци до стогодишните храмови, секогаш постои нешто уникатно за да се види. Луѓето исто така не се срамат да го споделат тоа со вас и се повеќе од среќни што се видени од светот.“ - раскажува Денис.

malezija indonezija i singapur patuvanje strast koj nikogash ne moze da se zadovoli 2

За Денис, Сингапур претставува најголем културен шок досега. Речиси 6 милиони луѓе на толку мало место, различни религии, култури и националности. Премногу закони, правила, казни со смрт...

Од сето тоа може да се заклучи колку безбедна држава е Сингапур. Слободно можеш да си ја оставиш твојата чанта и мобилен телефон на јавно место без да стравуваш дека истите ќе исчезнат.

На секој чекор има справи за рекреација на лица над 50 години. За храната во Сингапур вели дека е врв над врвот.

malezija indonezija i singapur patuvanje strast koj nikogash ne moze da se zadovoli 3

Од друга страна за Фархани, Македонија претставува најголем културен шок на кој има наидено досега. Непочитување на правила, живеење на живот од денес за утре.

Луѓето без никаков страв можат да ти пријдат и да ти прават муабет, а тука ја вметнува и љубопитноста за туѓите животи. Фархани за првпат во животот се сретнала со Роми и ја набљудувала нивната култура и начин на живот. Без разлика на сè, таа ужива во македонската кујна.

„Најинтересниот момент од ова патување го имавме за време на престојот во Мерсинг, Малезија. Во хотелот во кој бевме сместени бевме единствените гости! Прилично голем хотел, ние двајца, еден рецепционер и двајца во кујна. Хотелот беше опкружен со голем број мачки кои според генетика немаат опашка. Мали тезги и продавници од страна, вперени очи во нас, дури и имаше моменти луѓето потајно да нè сликаат. Не верувавме дека сме единствените туристи таму. Имавме навистина интересно искуство во споредба со останатите места.“ -  се присетуваат Денис и Фархани. 

malezija indonezija i singapur patuvanje strast koj nikogash ne moze da se zadovoli 4

Во Тиоман, Малезија, благодарение на некој човек имале можност да стапнат на недопрени плажи и острови каде што преовладувале белиот песок и тиркизната вода. Нуркале со мали ајкули и секаков вид на шарени риби и морски ежови. Велат дека подморскиот свет таму е магичен.

„Нашата наредна дестинација е Порто, Португалија. И двајцата сме заљубени во плажите, морето, океанот. Исто така обожуваме морска храна, така да секогаш пробуваме да најдеме место со таков дух.“ - додаваат тие.

malezija indonezija i singapur patuvanje strast koj nikogash ne moze da se zadovoli 5

Иако не знаат каде ќе ги одведе животот, сепак за едно нешто се уверени, а тоа е дека никогаш нема да престанат да патуваат и да го истражуваат светот. Се имаат еден со друг и сите авантури ги доживуваат заедно.

malezija indonezija i singapur patuvanje strast koj nikogash ne moze da se zadovoli 7

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Патувањето на Around Gaia продолжува: „Комбето е сега наш дом и ќе пос... Да се патува четири години со мотор, да се живее од ден за ден, да се посетат 70...
Живко Грозданоски: „Стравот е гладна ѕверка која се храни само со наши... Се трудам помеѓу мене и мојот страв да подигнам едно непробојно стакло од смирен...
Сите ние имаме место во овој свет - Пронајди го своето со музиката на ... Да ве прашам нешто, имате слушнато за Khara? Да ве прашам нешто, имате слуш...