Патот на Мирјана Ристовска до Microsoft: „Студентите треба да најдат време за пракса додека студираат“


Патот на Мирјана Ристовска до Microsoft: „Студентите треба да најдат време за пракса додека студираат“

Ова е приказна за една млада личност од Куманово, чии соништа и вербата во себе ѝ ги имаат отворено патиштата до еден свет скроен по нејзини мерки. Мирјана Ристовска (24) во моментот работи како софтверски инженер во Microsoft, но таа никогаш не би стасала до тука без жедта за ново знаење и решително прифаќање на предизвиците.

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 5

Мирјана основното образование го завршила како ученик на генерација при ООУ Крсте Мисирков во Куманово, а со иста таква титула се има закитено и за време на своите средношколски денови во гимназијата Гоце Делчев. Мирјана постојано била дел од државни натпревари по математика, физика, информатика и речиси секогаш високо се котирала.

„Мојата потрага по факултет во Македонија, којшто со својата програма ќе ги задоволи моите желби, за жал беше неуспешна“, раскажува Мирјана Ристовска.

„Во исто време разгледував факултетски програми во Скопје и Белград и барем тогаш, пред пет-шест години Белград беше многу поблиску до тоа што јас го барав. Електротехничкиот факултет е стара и реномирана установа во Белград којашто има одлични програми, квалитетен кадар и историја на успешни дипломци која сведочи за нејзниот квалитет. Можам да кажам дека не зажалив, бидејќи ниту во своите соништа тогаш не можев да замислам дека ќе стигнам до тука кајшто сум сега, а тукушто ја започнав својата кариера“.  

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 3

По напуштање на Македонија, замислите и целите на Мирјана се промениле. Додека ги пакувала куферите нејзините планови биле да го даде својот максимум на студиите во Белград, успешно да го заврши факултетот и после тоа да најде некоја работа.

Во тие моменти во неа постоела некоја паника дека можеби нема да ѝ биде лесно да пронајде работа по завршување на студиите, зошто секојдневно читала за слични стории во Македонија. Затоа сакала првичниот страв да биде отстранет за да може да продре подалеку и да сонува поголеми сонови. 

Мирјана своите додипломски студии ги завршила на Електротехничкиот факултет во Белград. Првата година смерот ѝ бил општ, но во втората година се одлучила за Комјутерска технологија и информатика. Во моментот ја приготвува и својата мастер теза на истиот факултет. Во меѓувреме има работено како софтверски инженер - практикант во следниве компании: Devana labs, Maxeler Technologies (Лондонска компанија кои имаат канцеларија и во Белград), Nordeus (компанијата зад играта Top Eleven, Football Manager), Seven Bridges Genomiсs  и Google (едно лето во Минхен и последново лето во Лос Анџелес).

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 7

„Добив понуда за работа и од Google, да останам и работам за нив, но решив дека сакам за сега да останам во Белград, да видам што можам тука да направам и поради тоа ја прифатив понудата од Microsoft“, открива Мирјана.

„Мислам дека работното искуство е многу важно и дека студентите треба да најдат време за ваков вид на стручно усовршување за време на нивното студирање, бидејќи иако е напорно да се работи и студира истовремено, по завршувањето на студиите многу повеќе врати ќе им бидат отворени и ќе ја имаат таа можност да бираат кај сакаат да работат“.

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 9

„Мислам дека секој кој патува, после секое ново патување таа жед му се зголемува“, додава Мирјана. „Со моите интереси и професија имав прилика да патувам и на тие патувања научив многу. Имав можност да запознам прекрасни луѓе, кои сега ги нарекувам и свои пријатели, од најразлични делови на светот и да научам за нивните вери и верувања, за нивните култури и нивниот начин на размислување.

Тоа знаење кое се добива на ваков начин, мислам дека е едно од највредните, бидејќи психологијата како наука е една од најмоќните, а патувањето е само една техника за нејзиното учење“.  

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 10

Мирјана е пресреќна што има можност да работи за Microsoft и ќе се потруди да ги оправда нивните очекувања. Вели дека најголема предност кога се работи во компанија како Microsoft се колегите, искусни инженери кои несебично го делат своето знаење. Самата помисла дека работи на нешто што е потребно и барано, а ќе го користат илјадници корисници низ светот е дополна мотивација на неа.

Microsoft нуди одлични услови за работа и самите работни обврски се многу полесни поради тоа. Флексибилното работно време, кое го нудат повеќето програмерски фирми, а воедно и Microsoft, ти овозможува да доаѓаш на работа речиси кога сакаш, да не мораш секој ден 8 часа да си на работа, туку можеш сам да си балансираш како на тебе ти одговара“, открива Мирјана.

„Сѐ додека задачите кои ти се зададени ги исполнуваш, сѐ е во ред. Имаме дневни и неделни состаноци каде што се врши рекапитулација на сработеното и планови за понатаму. Работната атмосфера е одлична бидејќи има јасна граница за тоа кога е време за работа, а кога за забава. Просторот за работа е по концептот open space што овозможува соработката меѓу вработените да се одвива многу полесно. Самата зграда кај што работиме има простории за релаксација, како и кујни каде можат вработените да се послужат со разни пијалaци и закуски.

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 2

Мирјана сега за сега сака да остане во Microsoft и од тука да започне со градење на својата кариера. Слободното време сака да го посвети на дружење со семејството и пријателите, читање на книги, оние за своја душа и учење за нови технологии.

За понатаму сака да има свој продукт и поголема слобода за да може да се активира и во други области, но тоа засега се само соништа што чекаат да бидат реализирани.

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 8

„Мислам дека моите родители и моето најблиско семејство се најзаслужни за тоа каде сум сега, бидејќи тие самите со нивното однесување, работни навики и уверувања ми имаат врежано вредности по кои јас се водам и кои ме мотивираат да се борам за понатаму“, споделува Мирјана.

„Тие сѐ уште ми се одлични пример и мислам дека никогаш целосно нема да можам да ја искажам мојата благодарност спрема сите нив“.

Patot na mirjana ristovska do microsoft studendite treba da najdat vreme za praksa dodeka studiraat 4

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ивана Младеновска: „Малта е преполна можности, мана се само сообраќајн... Секој си го следи животниот пат. И пробува колку што е можно повеќе да се придрж...
Од ракометар до сликар - Погледнете го шарениот свет на Влатко Тасевск... Велат дека секој се раѓа со некаков талент, и секој има дарба да го разубави све...
Зориа Петкоска за животот во Токио: „Град во кој отсекогаш сакав да жи... Поет, екстремен космополит, филолог и логофил, така себеси се опишува Зориа Петк...