Мери Кокотова: „3 години во Мексико Сити ми беа сончев рај, а Лондон ми е божиќна бајка“

„Капучино во Мексико Сити е 150 денари, а во Лондон 210, Мексиканците на прво место го ставаат уживањето во животот, а Англичаните работата и парите“, раскажува 29-годишната Мери Кокотова, која има живеено и 5 години во Прага.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-01.jpg

Мери Кокотова има 29 години и работи како Global Marketing Manager за спортската дивизија во Маркус Еванс. Компанијата во која работи организира самити и конференции низ цел свет така што обично преку работа патува 10-12 пати годишно низ цел свет.

Досега од работни, заедно со приватни патувања, ги има посетено следниве земји: САД (Лос Анџелес, Чикаго, Њујорк, Лас Вегас, Сан Диего, Мајами, Палм Бич, Далас), Чешка, Италија, Франција, Германија, Швајцарија, Шпанија, Малта, Кипар, Англија, Мексико, Панама итн.

Бидејќи има живеено 5 години во Прага, 3 години во Мексико Сити и сега повеќе од една година во Лондон, одлучивме да проговориме со неа за нејзините искуства оттаму:

Прага ја обожаваш затоа што…

Во Прага живеев 5 години за време на факултетските и магистерските студии. Ова е навистина магичен град, доволно мал за да биде топол, а доволно голем и интернационален за да биде метропола.

Секоја зграда е ремек дело изградено во еден од историските стилови популарни во минатото (барок, ренесанса, готски стил). Шетајќи низ улиците и гледајќи ги историските ремек дела, се чувствуваш како да си влегол во некоја бајка од минатото.

Ова е популарна туристичка дестинација за многу Европјани, без разлика дали сакаат да пробаат традиционални чешки пива, да ги посетат многубројните цркви и музеи или да се забавуваат во ноќните клубови. Доколку морам да издвојам еден елемент зошто ја обожавам Прага, тогаш тоа би било историската архитектура.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-03.jpgПрага

Мексико Сити го обожаваш затоа што…

Мексико Сити претставува тотален културен шок за секој Европеец. Со своите 21 милиони жители, не само што е една од најголемите метрополи во светот, туку е и неверојатен сплет на култури, цивилизации, обичаи, архитектури и народи.

Јас бев фасцинирана од локалните жители, храната, нивните традиции, топлината, разиграноста и гостопримливоста.

Во самиот град има остатоци од Маите и Ацтеките на секој ќош, а луѓето се гласни, топли и забавни. Тоа што градот е преголем дозволува да постојат и луксузни, модерни ресторани, барови и дискотеки, но исто така и малку локални места каде што се пие мексичка текила и се слуша латино музика.

За време на 3-те години што ги поминав таму, успеав да посетам многу различни места низ целата држава, од луксузните туристички дестинации како Канкун, Тулум и Акапулко, па сè до малите локални селца како Текуескуитенго, Пуебла и Агуаскалиентес.

Мексико го обожавам заради латино музиката и топлиот менталитет на Мексиканците.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-04.jpgМексико

Лондон го обожаваш затоа што…

Лондон ми дојде како тотален контраст од топлото Мексико, не само во однос на климата, туку и во менталитетот на народот.

Сепак, изминатава година, од кога се преселив тука, создадов таков прекрасен круг на луѓе кои буквално ми станаа како семејство и придонесоа овој брз, сив и студен град да го чувствувам како дом.

Лондон е прекрасен, разновиден и нуди секаков вид на ресторани, барови, шопинг центри и културно историски дестинации. Во ваква модерна метропола секој викенд можеш да посетиш различен дел од градот, да пробаш различна храна или да искусиш нешто ново и поинакво.

Освен мојата регуларна работа во Маркус Еванс, во Лондон ја запознав мојата другарка/сестра и бизнис партнерка Дил, со која формиравме онлајн продавницата Khan & Kokotova Runway (КKRunway) за модерна женска гардероба, така што викендите ми се исполнети со фотосесии на различни дестинации од градот, со кои ги промовираме новите производи и дизајни, што ги нудиме на нашата страна.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-07.jpgЛондон

Спореди го стандардот за живот во овие три града…

Трите града имаат тотално различен стандард на живот. На пример едно капучино во Прага е 80 чешки круни или 190 денари, истото во Мексико би било 55 песози или 150 денари, додека во Лондон би платиле околу 3 фунти или 210 денари.

Каде има најдобар ноќен живот, а каде најубава природа?

Најдобар ноќен живот има дефинитивно во Лондон, поточно во западниот дел од градот, каде што се наоѓаат најдобрите клубови како што се Cirque de Soir, Blegclub, Монтезума, Тоy Room и каде што чести гости се помладите членови на кралското семејство и многу познати актери и пејачи.

Што се однесува до природата, Мексико Сити е дефинитивно на прво место. И покрај тоа што целиот град е бетонска џунгла, исполнет е со паркови, зеленила и мали езерца.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-05.jpgМексико Сити

Каде има најдотерани девојки, а каде најубави момци?

Дефинитивно најмодерни и најдотерани девојки има во Лондон. Самиот град е еден од модните метрополи после Њујорк, Париз и Милано. Западен Лондон е полн со ексклузивни бутици и модели кои живеат и работат тука.

Најубавите момци, според мене се во Македонија. Секако, јас сум малку субјективна на ова тема бидејќи дечко ми Бојан е Македонец.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-09.jpgЛондон

Каде има најубава храна, а каде најголеми можности за професионална надградба?

Мексико Сити според мене е број еден за храна. Таму не само што има најдобра автентична мексичка кујна, туку градот изобилува со места кои се специјализирани за суши, американска, кинеска и италијанска храна.

Кога се работи за кариера и професионална надградба, Лондон дефинитивно е вистинскиот избор. Не само што е финанскиски центар на Европа, туку исто така изобилува со компании од сите сектори, кои нудат феноменални можности за работа за амбициозните луѓе што сакаат предизвици.

Темпото е напорно, на пример мојот нормален работен ден се состои од канцелариска работа од 9 до 5 во Маркус Еванс и попладне неколку часови поминувам во состаноци и фотосесии за мојот личен моден бизнис, така што од понеделник до петок работам по 12 часови на ден, но темпото и енергијата на градот ме поттикнуваат и мотивираат во моите амбиции.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-08.jpgЛондон

Што можеме да научиме од Чесите, Британците и Мексиканците како филозофија во животот?

Чесите ме научија многу за ценењето и почитувањето на културата, архитектура и историското богатство. Прага е град каде што културно историските богатства (замоци, цркви, мостови) не само што се ценат, туку и се истакнуваат како национална гордост.

Од Мексиканците научив како навистина да уживам во животот и да ставам приоритет на работи кои не се купуваат со пари, како добра дружба, забава, музика и веселба. Мексиканците навистина знаат да го живеат животот до максимум.

Додека животот во Англија ме научи на дисциплина, работа, упорност и амбиција без кои не може да се преживее во ова брза, бизнис метропола.

Колку нивните работни навики се поинакви од нашите?

Имав можност да работам со различни тимови во овие 3 дестинации и морам да кажам дека постојат големи разлики во работните навики и начинот на живот.

Чесите се дефинитивно многу слични на Германците во однос на дисциплината на работа и прецизноста, но им недостига малку повеќе владеење на различни јазици.

Мексиканците се многу опуштени и бавни (да не речам мрзеливи) и омилен збор во однос на завршување на работните обврски е „Утре“. Тие се работлив народ, но работата не ја ставаат на прво место.

Англичаните се дефинитивно најмотивирани и најамбициозни. Тие се големи кариеристи кои работата и парите ги ставаат пред сè друго, па затоа многу често изгледаат како ладни и дистанцирани од луѓето во нивната околина.

Работниот ден во сите 3 земји е ист, од 8 до 17 часот, но затоа платите се многу различни. Најголеми се платите во Англија, па потоа доаѓа Чешка и на крај е Мексико.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-02.jpgПрага

Каков е Лондон на прагот од новогодишните и божиќните празници? Дали е украсено и се чувствува ли празнична еуфорија?

Лондон, како и поголемиот дел од западниот свет, почнува со украсување и подготовка за Божиќ, веднаш по Халовин, односно по 31 Октомври. Туку улиците се украсени од почетокот на ноември, а излозите во продавниците и шопинг центрите се веќе преполни со божиќни подароци и украси.

Од сите места кои сум имала можност да ги посетам, Лондон ми е апсолутен фаворит кога се работи за божиќна и новогодишна атмосфера. Оксфорд Стрит е буквално преполна со светулки и декорации, секој плоштад има огромна елка и сите ресторани и барови се веќе украсени во новогодишен стил.

Сето тоа придонесува за една прекрасна романтична и празнична еуфорија која не може да се опише со зборови и треба да се доживее.

meri-kokotova-3-godini-vo-meksiko-siti-mi-bea-sonchev-raj-a-london-mi-e-bozhikjna-bajka-06.jpgЛондон

Дали Лондон е твоето крајно дестинација или повторно планираш преселба? Доколку можеш да избираш дестинација од целиот свет каде би живеела?

Иако сум презадоволна од животот во Лондон, не се гледам себеси како живеам овде долгорочно.

Овој град е убав да се искуси и доживее на неколку години, но сепак јас би сакала да живеам некаде појужно, каде што климата е потопла.

Кога би можела да бирам каде да го поминам остатокот од животот, тоа дефинитивно би било Мајами, Флорида или Барселона, Шпанија. Мене сонцето и водата ми се клучни за расположение и мотивација, така што следната дестинација дефинитивно би ја одбрала на некое потопло и сончево место.

Кога си надвор од Македонија, што ти недостига најмногу?

Дефинитивно најмногу ми недостигаат луѓето. Моето семејство, дечко ми и најблиските другарки од детството.

При секое враќање ми се полни душата кога ќе се видам со најблиските и ќе поминам време со нив, а при секое одење со тешко срце ги напуштам.

Фотки од Прага, Мексико Сити и Лондон:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Владимир од Скопје патува низ светот: „Скокав од авион во Дубаи, најевтино е во Јордан, а најскапо в... За CRNOBELO.com, Владимир од Скопје вели дека најдобра храна вкусил во Мексико, ...
Битолчанката Дивна 13 години работи на брод: „Од аниматор за деца стигнав до директор на одделот, Ма... „Со оглед дека во Македонија беше тешко да се добие работна позиција по завршува...
Теона Манго го посети Мексико: „Тулум е рај, а локалците се фини, но знаат да лажат за да ти земат п... „Тулум е еден одличен спој на одмор и забава. Ова е место каде што можете рано н...
Ива од Скопје за одморот на Малдиви со две мали деца: „Сменивме 3 авиони и глисер, патот е напорен, ... „Патувавме скоро 24 часа, летавме од Белград, сменивме 3 авиони и плус глисер до...
Стефан Маневски живее во Стразбур: „Велосипед е основно превозно средство, рестораните работат само ... „Живеењето во Стразбур веројатно не може да се замисли без велосипед како основн...
Сања Мишковски за одморот на Тасос: „Бевме сместени во Скала Потамиа, островот има рајски плажи, а д... „Патувањето до Тасос воопшто не е напорно. Од Скопје се патува околу 5 часа со а...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg