Дино, сопственикот на најпопуларното куче во Македонија: „Оги станува во 12 часот, а го носевме и на ергенски викенд“


Дино, сопственикот на најпопуларното куче во Македонија: „Оги станува во 12 часот, а го носевме и на ергенски викенд“

„Оги е талентиран за позирање, има 31.000 следбеници на Инстаграм, препознатлив моден додаток му е црвената марама, а беше и на планинарска тура на Шапка на 2.800 метри надморска височина, вели 29-годишниот Дино Дамјановски.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-01.jpg

Дино Дамјановски има 29 години, а неговото куче Оги на 26-ти ноември наполни 5 години.

Дино вели дека ако се пресмета во кучешки години, значи дека се израмниле во годините и сега се иста генерација, па затоа и најдобро се разбираат.

Инаку Оги е куче од расата Западно Шкотски Бел Териер и на Инстаграм профилот „Ogi The Champ“ има повеќе од 31.000 следбеници, кои ги обожаваат неговите прекрасни фотки.

Токму затоа одлучивме да поразговараме со неговиот сопственик Дино:

Од каде идејата куче како Оги да стане дел од вашето семејство?

Мајка ми воопшто не сакаше кучиња, дури еднаш порано имавме обид да чуваме друго куче, го земавме на неколку дена и го вративме назад. Оттогаш ја тргнав од глава помислата дека ќе имам можност, барем во скоро време, да донесам дома кученце.

По 10тина години, не знам ни јас како, моите пак се одлучија да донесат куче. Така дојде Оги и ете веќе 5 години не сме го вратиле назад, па можам да кажам дека успеавме од втора.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-07.jpg

Како дојде до тоа Оги да биде ѕвезда на социјалните мрежи и од кога се отворени неговите профили?

Сликите дојдоа сами по себе. Сите имаме свои Инстаграм и Фејсбук профили кај што постираме слики од нашето секојдневие, така и мене Оги ми беше и ми е дел од моето секојдневие, па почнав прво да го сликам и на мојот профил да постирам негови слики.

Оги иначе е секаде со мене и со моите другари, дали се собираме да гледаме фудбал или одиме на викенд. Сега беше со нас и на ергенска забава во Грција.

Пред 2-3 години имавме една седенка во парк со другарите и падна муабет ајде на Оги да му направиме профил на Инстаграм, па така еден од другарите го отвори профилот, ја сликна првата фотографија и по тоа на мене ми ја префрли „чивијата“.

Без никаков план и идеја Оги да стане ѕвезда, си продолживме да постираме слики и кога видовме дека Оги има способност да седи мирен, да соработува и да изгледа така како што изгледа (како човек) идеите си надоѓаа, Инстаграм профилот продолжи да расте со голем број следбеници и тоа ми даде мотив и позитивна енергија. Едноставно ми прерасна во хоби и си продолжив со нови идеи и нови постови на неговите профили.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-09.jpg

Оги е посебен затоа што...

Оги за мене сигурно дека е посебен, а не би сакал некого да навредам, секое куче е посебно за својот „сопственик”.

За мене Оги е посебен, првенствено затоа што ми го смени животот од кога влезе во нашата фамилија и ја впива секоја негативна енергија кога ќе мрдне со опавчето после секој работен ден.

На второ место, Оги се однесува како мало човече и кога му зборувам и ќе ме погледне со очите имам впечаток дека сè ме разбира и сака нешто да каже (во секој момент чекам и да прозбори) и има веќе откриен талент како фото-модел и уште по важно како глумец во сите наши краткометражни видео продукции.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-04.jpg

Како му почнува денот на Оги?

Има една несекојдневност кај Оги, тој не сака да станува многу многу рано, спие до кога може, освен ако немаме планирано некое снимање или фотосесија. Инаку станува околу 11, 12 часот.

Како и да е, секој ден сакам да му го направам што поисполнет со активности, па гледам секаде каде што можам да го вклучам да биде присутен за време на моите работни активности и состаноци. Најчесто доаѓа со мене и во канцеларија .

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-06.jpg

Омилена активност му е...

Дефинитивно шетањето му е омилена активност , кога ќе му кажам „Сакаш да шетаме?”, ги крева ушите и веднаш е пред врата.

Најсмешната ситуација со него..

Како што сите ние луѓето имаме работи што ни пречат, така и Оги не сака кога го допираат со нога. Тоа нас ни е смешно од страна, но Оги покажува дека се нервира со тоа што ‘ржи кога ќе го допре некој со нога, станува и си оди.

Така и навечер знае да легне долу кај моите нозе и кога ќе мрднам со нозете исто така во сон знае да за’ржи и да си отиде на друго место.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-02.jpg

Неретко го гледаме одлично дотеран, дали на почетокот ви правеше проблеми кога го облекувавте?

Облеката на Оги ја сочинува препознатливата црвена марама, кога е без неа го гледаме сите како гол. Сè останато се дополнителни модни додатоци во прилог на временските услови или за потребите на некоја фотосесија или видео.

Не можам да кажам дека му пречи кога го облекувам, барем досега не се побунил.

Зимата ја обожава затоа што...

Па, мислам дека ја обожава затоа што јас сум послободен со своите активности и можам да го однесам некаде на викенд или на подолг одмор, а покрај сè и ужива во снежните прошетки.

А, се разбира, и поради подарочињата од Дедо Мраз.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-03.jpg

Колку обиди ви се потребни за фотографиите со Оги да испаднат толку совршени?

Некогаш само еден, а некогаш и 20, но почесто е првото, затоа што како што кажав тоа му е еден од талентите што ги поседува.

Јас не сум до толку упорен за да сликам постојано по 20 пати за да дојдам до вистинската фотографија и искрено ако немаше талент Оги фотографиите немаше да бидат такви какви што се.

Кои дестинации ги посетил Оги?

Гледам каде можам да го земам со мене и да го вклопам во секој мој план на шетање и дружење, а со мене и моето друштво бил многу пати на Шапка (еднаш беше на планинарење на Антени – Попова Шапка на 2.800 метри надморска височина), Маврово, а надвор од Македонија беше со мене и моето друштво на ергенски викенд  во Грција кај еден од нашите најдобри другари, Мартин.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-08.jpg

Најголемите достигнувања на Оги досега...

Најголемите достигнувања според мене не се рекламите, ниту спотовите со некои големи овдешни или светски брендови, туку бројот на следачи, 31.000 на Инстаграм, 14.500 на Фејсбук и 713 сабскрајбери на Јутјуб.

Досега имаме остварено соработка и реклами под наша режија со хотел Мериот, Шпаркасе банка, Виола аптеки, Нула отпад се едни од по познатите брендови кои ми минуваат низ глава во моментов.

Имаме и сопствена линија на облека за луѓе – Ogi The Champ, односно 4 различни дизајни на маици брендирани од наша страна со ликот на Оги, спакувани во брендирана ќесичка и стикер во истото пакетче. Секој што ја купува таа маица донира 40% за нашите 4-ножни пријателчиња кои се оставени на улица, сами на себе да се снаоѓаат како што знаат и умеат.

dino-sopstvenikot-na-najpopularnoto-kuche-vo-makedonija-ogi-stanuva-vo-12-chasot-a-sega-go-nosevme-i-na-ergenski-vikend-05.jpg

Која е мисијата на Оги?

Не сакам да кажам дека сето ова сме го почнале и го правиме со цел да оствариме некоја мисија. Но, како расте публиката на профилите кај Оги, сакаме да го искористиме тоа за да ја разбудиме свеста на луѓето, да допреме до сите и да придонесеме што повеќе за да ја промениме суровата реалност на кучињата бездомници.

Фотки од Оги:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Виктор Мазнев, велешанецот со срце планина: „Имам спасено стотици безд... „Срцето на човекот можеме да го процениме според тоа како ги третира животните“,...
Идеја и реализација пред која симнуваме капа - АвАв забавен парк за ми... Замислете вашето куче да трча по зелено пространство и да се забавува со летни л...
Добри Јовевски, наставник кој ја враќа вербата во професијата: „Со деч... И додека некои се задоволни да тонат во просекот и сивилото на својата професија...