Живко Грозданоски: „Стравот е гладна ѕверка која се храни само со нашиот немир“


Живко Грозданоски: „Стравот е гладна ѕверка која се храни само со нашиот немир“

„Се трудам помеѓу мене и мојот страв да подигнам едно непробојно стакло од смиреност. Разбирање и радост. Тоа звучи едноставно, но во суштина нема ништо потешко, и тоа е битката што секој од нас треба да ја води цел живот“, споделува Живко Грозданоски, авторот на романот Последното име на иднината во издание на Антолог

zivko grozdanoski blagodarnosta e tenkoto jaze po koe mora da se naucime da odime ako sakame da sme radosni 3

Неодамна од печат излезе твојот најнов роман Последното име на иднината, каде пишуваш за осаменоста, патувањата, за животот што го живееме, и за животот на кој можеме и сакаме да се сеќаваме. Може ли да се живее од сеќавања или тоa е уште една илузија на оддалечување од себеси?

„Да се живее од сеќавања“ е само поетски израз. Човек треба да се сеќава онолку колку што е доволно: 1- за да си ја потхрани силата за да продолжи, 2 - за да успее да разбере некого и да прости нешто.

Затоа што мора да се простува. Но, не во смисла да се прости за да се продолжи со оној што нè повредил, туку да се прости за да се исчисти чувството на осуда во нас – оти осудата е отров.

Твојот лик Јоха, инженер за тунели од Јена, Германија, израснува во човек со „мал, невидлив дефект под градната коска“ – празнината, која му претставува најголема животна потешкотија. Треба ли секој човек да ја спознае сопствената празнина (а верувам дека секој од нас има таков процеп во себе), за да може најпосле да ја сфати смислата на постоењето?

Да се сфати „смислата на постоењето“ е голем залак, и најголем број луѓе немаат такви претензии. Но, секој би сакал да има макар пристоен живот. Мислам дека за да се има пристоен живот, многу е важно човек да ги спознае и да ги засака не само своите слабости, туку и оние на другите околу него.

Човек е роден за тоа. Среќни се оние што можат да најдат сила и да разберат. И да дејствуваат за да ги променат нештата – во себе. Ако некој смета дека е совршен, дека нема потреба веќе да прашува, да слуша, да чита, да учи и да расте – тоа значи дека тој човек веќе остарел.

Многумина од нас остаруваат уште пред да пораснат. Најлесно се препознаваат по тоа што не признаваат дека нешто згрешиле, колку и да е грешката банална.

 zivko grozdanoski blagodarnosta e tenkoto jaze po koe mora da se naucime da odime ako sakame da sme radosni 1

Првиот дел од романот, именуван Тело, навидум ја раскажува љубовната приказна на Јоха и Ирис, девојка која работи во ботаничка градина, и нивното духовно и телесно сраснување. Во еден меѓусебен разговор Ирис вели дека секој човек, додека е жив, свесно или несвесно се труди да ја оживее духовната состојба што е најтипична за детството. Тешко ли е возрасен човек да се префрли во таа состојба на „без мисла“, кога главата е испразнета од сите мисли, стравови и очекувања?

Не е многу тешко. Човек треба да одлучи дека ќе помине три часа без да биде поврзан на интернет, и без да мисли на сите грижи што ги има. Да се праша што би правел со своите дланки (пишување, цртање, бокс, копаничарство, макети...) кога наместо сите обврски, би ги имал соодветните материјали.

И да појде да ги обезбеди тие материјали (хартија, пенкало, бои, членство во боксерски клуб, алатки, лепак, дрвца...). Мислам дека веднаш би се почувствувала разлика.

Велиш дека ние сме светлина и радост и дека светот околу нас е најобичен одраз на светот во нас. Се сеќаваш ли на пресудниот момент кога стана свесен за светлината што постои во тебе и кога светот почна да го гледаш со поразлични очи?

Да, се сеќавам. Тоа беше моментот кога навистина ми беше најтешко во животот, а потоа, само десетина секунди потоа, веќе ништо не беше исто.

А што со благодарноста, колку таа игра улога во еден човечки живот?

Благодарноста е тенкото јаже по кое мора да се научиме да одиме, ако сакаме да сме радосни. Гордоста, малодушноста, цинизмот, осудата, подбивот, потсмевот... сето тоа е губење време, и само несвесните луѓе си го дозволуваат тоа.

Треба смирено да се вадат нештата на светлина, и да се изрази благодарност. И да се одлучи во кој правец ќе се продолжи.

zivko grozdanoski blagodarnosta e tenkoto jaze po koe mora da se naucime da odime ako sakame da sme radosni 5

„Никогаш нема да можеш да се спасиш, Јоха, а знаеш ли зошто? Затоа што нема од што да се спасуваш. Треба да се спасуваш само од стравот што ти ја помрачува свеста?“. Живко, какво е твоето соочување со стравот?

Она што му дава сила на стравот е бегањето од него и ковањето стратегии против него. А „соочувањето“ со стравот, колку и да звучи страшно, во суштина не е ништо посебно: стравот е гладна ѕверка која кружи затворена во кафез, а се храни само со нашиот немир.

Јас се трудам помеѓу мене и мојот страв да подигнам едно непробојно стакло од смиреност. Разбирање и радост. Тоа звучи едноставно, но во сушина нема ништо потешко, и тоа е битката што секој од нас треба да ја води цел живот.

За крај, нема да те прашам кое е последното име на иднината, ќе оставиме читателите сами да го откријат тоа. Она што мене ме интересира е колку процесот на пишување на книгата ти помогна да спознаеш нови работи за себе и да излезеш на крај со животните дилеми?

Многу убаво прашање, и многу може да се зборува за ова, но ќе одберам само една приказна: процесот на пишување на книгата ме одведе и до новозаветната парабола за талантите (златниците).

Малкумина знаат дека зборот „талент“ потекнува оттаму. Значи, пред да замине на пат, господарот на имотот на тројцата слуги им поделил по извесен број таланти – на едниот пет, на другиот три, на третиот еден.

Кога се вратил, ги прашал што направиле со нив. Првиот слуга ги вложил, заработил десет, вториот исто така, ги вложил и ги удвоил, а третиот пак, се исплашил и го закопал талантот, за да му го врати на господарот, штом тој се врати.

А тој, пак, кога се вратил, и кога дознал што направиле, првите двајца богато ги наградил за тоа што верувале и го умножиле богатството, а третиот строго го казнил... И јас се обидов да го закопам својот талeнт, и исто така научив дека тоа е многу лош избор.

Затоа, би сакал сите оние што знаат дека имаат некаков талент, да смогнат храброст, да одвојат време му се посветат, со љубов. Но, не поради резултатите што талентот може да ги донесе, туку поради самата радост што се чувствува во мигот кога тој се практикува.

Затоа што животот е составен од таквите мигови, а не од сеќавањата.

zivko grozdanoski blagodarnosta e tenkoto jaze po koe mora da se naucime da odime ako sakame da sme radosni 2

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“ Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дом...
„Мирот го пронаоѓам во немирот“ - Дора П. Узуновски, автор на романот ... Иднината ја градиме врз основа на нашата сегашност и нашата сегашност е изграден...
Андреј Прави Влогови: YouTube сега е телевизија со помал буџет, каде з... Уште еден Јутуб лик се издвојува во македонската сцена во последните години, а т...