Марија Ѓурчиновска: „Планините се мојот издувен вентил, а Македонија има што да понуди“


Марија Ѓурчиновска: „Планините се мојот издувен вентил, а Македонија има што да понуди“

„Природата за мене е основното нешто што му треба на човекот за да постигне благосостојба. Природата е запишана во нашата ДНК, а денешниве бетонски џунгли само нè гушат“, споделува Марија Ѓурчиновска. 

Marija gjurchinovska ne velam deka site treba da odat na planna no sekoj treba da si najde aktivnost koja mu nosi mir 7

Марија е правник по професија, а нејзиниот креативен дел секогаш e гласен. Па љубовта кон пишаниот збор, фотографијата и естетиката ја одвеле и во полето на маркетингот. Како што вели самата, истовремено плови и во водите на правото и на дигиталниот маркетинг, но тоа е само еден дел од неа.

Марија, животот не може да си го замисли без природа и активности, a спортот во различни форми со години е дел од нејзиното постоење.

„Сакам да испробувам нови работи, сакам да ги буткам сопствените граници, верувам дека само така човек може да се спознае себе си и да напредува. Активно вежбам, практикувам јога и планинарам“, додава Марија, која на својот Инстаграм профил @gjurchinovska редовно ги мотивира луѓето да излезат од затворените простории и да се сплотат со природата.

Marija gjurchinovska ne velam deka site treba da odat na planna no sekoj treba da si najde aktivnost koja mu nosi mir 6

„Не би можела да го ставам планинарењето во хоби бидејќи не е тоа нешто што го правам во слободното време, за да не ми биде здодевно. Планинарењето е дел од мене, жртвувам многу нешта за активно да бидам на други надморски височини“, дообјаснува таа.

Планината за неа претставува бескраен мир, нејзина медитација, место каде успева да ја елиминира вревата од секојдневието и да се слушне себеси. Комбинацијата од физичка активност, чист воздух и природа е одлична терапија за телото и духот. Вели дека таму горе луѓето како да се поотворени, како да ги тргаат бариерите кои ги имаат долу во градот, разговараат, се смеат, споделуваат.

Marija gjurchinovska ne velam deka site treba da odat na planna no sekoj treba da si najde aktivnost koja mu nosi mir 4

„Енергијата која ми ја носат планините ме држи со денови, па често ги „замарам“ луѓето околу мене со фотографии, раскажувања и убедувања да дојдат на некоја тура“, открива таа.

„Не велам дека треба сите да одат на планина, но секој треба да си најде активност која му носи мир, која го празни од негативностите, кои ни ги носи стресниот начин на живот. Многу често забележувам дека луѓето се заглавени во комфорната зона, и убаво им е таму, без да сфатат што се нуди светот преку таа линија“.

Marija gjurchinovska ne velam deka site treba da odat na planna no sekoj treba da si najde aktivnost koja mu nosi mir 3

Луѓето често се распрашуваат за планирање, сакаат да пробаат, но мислат дека е напорно, или им се чини страшно. Едноставни ги плаши непознатото. Марија во слични ситуации знае да им одговори со: „потребно е само желба“. Неминовно треба да се спомене и безбедноста. Таа е најважна. Треба добро да се информираат луѓето каде одат, да ја следат временската прогноза и да имаат соодветна опрема.

„Планината бара зрелост, да знаеш да си ја процениш сопствената сила и да знаеш кога да се свртиш и да се вратиш назад“, потенцира Марија Ѓурчиновска. „Има тури и за почетници. Изворите на Бабуна се една таква тура, се поаѓа од велешкото село Нежилово, 7 километарска патека, која голем дел е по земјен пат, а само 2 километри е одење по планинарска патека,  ве носи до неверојатен водопад и до изворите на оваа река“.

Marija gjurchinovska ne velam deka site treba da odat na planna no sekoj treba da si najde aktivnost koja mu nosi mir 5

„Шар Планина е одлична за планинарење, има над 30 врва кои се со надморска височина над 2.000 метри, но има и многу патеки за почетници.

Една од полесните, и мојата прва тура, е до Караниколичките езера. Се поаѓа од село Вешала, а патеката е долга 6 километри, бара физичка подготвеност, но идеална е за почетници.

Неминовно мора да се спомене и Националниот парк Пелистер, изобилува со прекрасни патеки за пешачење, а исто така до Големо Езеро има кратка патека од село Нижеполе, соодветна за почетници и оние кои сакаат да уживаат на едно од највисоките езера во нашата држава“, споделува таа.  

Marija gjurchinovska ne velam deka site treba da odat na planna no sekoj treba da si najde aktivnost koja mu nosi mir 1

„Националниот парк Маврово е исто така прекрасен, од Галичник до врвовите Меденица и Карбула, лесни патеки и врвови од кои има прекрасни погледи на Мавровско Езеро, Кораб, Дешат. Прекрасен е источниот крај, Малешевските и Осоговските планини“, препорачува Марија.

Marija gjurchinovska ne velam deka site treba da odat na planna no sekoj treba da si najde aktivnost koja mu nosi mir 2

Како за крај Марија додава дека гледано релјефно Македонија е планинска земја, дури 80% од територијата е сочинета од планини, наспроти ниските предели. Иако просечно земено не станува збор за големи надморски височини, големиот број на планини нудат голема можност за развој на алтернативниот туризам, и смета дека подемот за ова нешто допрва доаѓа.  

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“ Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дом...
Приказната на струмичанецот Блаже Аризанов: „Индија не ме промени, тук... Блаже Аризанов е Македонец од струмичко село, кој во 2011 година заминал на...
Живко Грозданоски: „Стравот е гладна ѕверка која се храни само со наши... Се трудам помеѓу мене и мојот страв да подигнам едно непробојно стакло од смирен...