Интервју за првата македонска хорор видео-игра WOUNDED: „Имавме само еден компјутер и 0 буџет“


Интервју за првата македонска хорор видео-игра WOUNDED: „Имавме само еден компјутер и 0 буџет“

„Не можеме само да се надеваме дека нешто ќе помине или нема да помине. Години беа потребни за да се заврши оваа игра. Кога на категоријата време ќе и додадеме верба, надеж и ентузијазам на тим млади способни луѓе, тогаш е јасно дека ова е продукт, кој не смее да се пушти во слободен пад, без стратегија за подготовка и настап на пазарот“, изјавуваат дечките од Workbench Entertainment“, кои ја создадоа „WOUNDED“ – првата македонска хорор видео-игра. 

intervju-za-prvata-makedonska-horor-video-igra-wounded-imavme-samo-eden-kompjuter-bezbroj-neprospieni-nokji-i-0-budjet-01.jpg

„Workbench Entertainment“, честитки. Конечно може да го забележиме официјалниот датум, 28 февруари, денот кога вашата видео играта „WOUNDED“, на која работевте уште од 2015 година, ќе се појави во јавноста. Како вовед во разговорот би сакал да се навратиме на самите почетоци на проектот. Може ли да споделите со нас како една идеја се претвори во визуелен универзум?

Благодариме за честитките, голем поздрав до сите читатели на CRNOBELO.com и до сите фанови на гејмингот кои ја делат нашата страст. Првичниот план за овој проект беше да биде игра долга максимум 10 минути која би ја играле само наши блиски луѓе (другари), но со текот на времето како што почнавме да го учиме сè повеќе и повеќе енџинот/софтверот „UNITY“, сфативме дека можеме да креираме и создадеме нешто многу повеќе од тоа да биде само 10 минутна игра.

Почнавме да креираме и да додаваме нови нивоа, а со тоа и да го прошируваме и продлабочуваме светот на „WOUNDED“. По создавањето на дополнителни локации сфативме дека можеме на овој свет да му додадеме и приказна преку која успеавме да го „оживееме“.

podgotvete-se-pristugnuva-wounded-prvata-makedonska-horor-video-igra_9.jpg

Станува збор за преживувачка хорор игра во прво лице. Претпоставувам дека и вие самите сакате да играте слични игри, па од тој порив тргнала целата креативност. Но, која e приказната што се крие во „Wounded“?

Играчот го управува главниот карактер Тим, татко кој е во потрага по својата исчезната ќерка во едно напуштено и мистериозно место. Полека, соочувајќи се со многу препреки, ги открива тајните „закопани“ под мотелот „Big Rock“.

„WOUNDED“ може да се класифицира како првата македонска игра од жанрот на хорор игри.

Пред некое време го објавивте демото за играта, па благодарение на тоа почнавте ли да добивате појасна слика за она што го имате сработено?

Важен фактор кој влијаше позитивно врз нашиот мотив за да продолжиме понатака и со уште поголем ентузијазам, беше тоа што за демото на „WOUNDED“, еден од најпознатите светски YouTube-ри Markiplier изјави: „Ова е одлично, немам играно толку добра инди хорор игра како оваа“.

Видеото има околу 5 милиони прегледи. Добивме безброј позитивни коментари и од многу други YouTuber-ри. Периодот кога почнавме да работиме на овој проект игравме многу хорор игри вклучувајки ја и „Outlast“, која беше нашата главна инспирација, а според нас и најдобрата хорор игра досега излезена.

Не многу подоцна главниот аудио дизајнер на оваа игра почна да соработува со нас, ова беше сосема неочекувано и за нас, големо чудо!

podgotvete se pristugnuva wounded prvata makedonska horor video igra 6

Мислам дека навистина е макотрпен процесот да се создаде една видео-игра, но уште помачно е да се пласира истата на светскиот пазар. Имате ли подготвено маркетинг стратегија за тоа како да допрете до вашата таргет група?

Успехот на секој продукт или услуга во најголем дел зависи од подготвеноста на пазарот. Не можеме само да се надеваме дека нешто ќе помине или нема да помине. Години беа потребни за да се заврши оваа игра.

Кога на категоријата време ќе и додадеме верба, надеж и ентузијазам на тим млади способни луѓе, тогаш е јасно дека ова е продукт, кој не смее да се пушти во слободен пад, без стратегија за подготовка и настап на пазарот.

Предизвик е што играта ќе се пласира на светски пазар, каде не поминува импровизација. Нашата комуникациска стратегија е креирана од професионалец за маркетинг и ПР, кој од минатата година е член на нашиот тим, а повеќе години беше ПР и маркетинг консултант на една од најголемите светски IT корпорации.

Неговото искуство и контакти веќе нè донесоа до светски медиуми од кои, врз основа на материјалите испратени во прес китот, добивме бројни позитивни коментари. Практично, информацијата за „WOUNDED“ е пренесена до гејминг фановите ширум светот. Ние сме подготвени.

podgotvete se pristugnuva wounded prvata makedonska horor video igra 1

Кои беа најголемите потешкотии со кои се соочивте додека работевте на играта?

Имаме поминато безброј непроспиени ноќи напорно работејќи и обмислувајќи што би било она што ќе доведе до нешто ново (досега невидено) на овие простори (Македонија). Огромен предизвик ни беше да создадеме нешто со 0 буџет, но нашата пасија, желба, љубов кон гејмингот и упорност беше она што нè натера да продолжиме понатаму!

Ни беа потребни 4 години да го изработиме овој проект, воедно и учејќи го софтверот/енџинот Unity (UNITY e софтверот во кој ја изработуваме играта) целосно сами. Некои од нас беа дури и принудени да паузираат со факултет, навистина дадовме сé од себе!

Основачи на нашето студио се: Тимоти Глигоров, Васко Атанасовски и Бојан Веселиновиќ. Без трудот и жртвите кои тие ги направија, ништо од ова немаше да постои.

Бевме екстремно лимитирани со опрема, немавме ништо освен еден компјутер кој можеше да го поддржи софтверот. Подоцна, после голем број обиди да добиеме каква било финансиска поддршка или спонзорство од некои од поуспешните фирми во државава кои тотално нé игнорираа, се решивме сé да земеме во свои раце.

Немавме студио, работевме од дома. Почнавме без никакви предзнаења и тоа беше една од причините зошто почетокот не ни одеше баш најсјајно од временски аспект.

Еден од најголемите предизвици беше да најдеме квалитетен програмер кој сакаше да се нафати на ваков проект. После голем број неуспешни обиди, го најдовме нашиот драгоцен Шиме Тадиќ.

podgotvete se pristugnuva wounded prvata makedonska horor video igra 2

Со објавување на „Wounded“, ќе направите голем чекор во гејминг индустријата во Македонија. Сметате ли дека со овој проект ќе ја кренете на повисоко ниво свеста за развивање на видео игрите на нашата територија?

Сакаме да ја подигнеме свеста во државата и да го развиеме гејм дизајнот. Сметаме дека тука има многу талент и може многу да се постигне доколку се инвестира во оваа дејност

. Се надеваме дека по нашата прва игра, ќе можеме да продолжиме да креираме уште пософистицирани игри кои ќе бидат направени со голема љубов, труд и буџет.

podgotvete se pristugnuva wounded prvata makedonska horor video igra 5

podgotvete se pristugnuva wounded prvata makedonska horor video igra 5

podgotvete se pristugnuva wounded prvata makedonska horor video igra 5

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Патувањето на Around Gaia продолжува: „Комбето е сега наш дом и ќе пос... Да се патува четири години со мотор, да се живее од ден за ден, да се посетат 70...
Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“ Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дом...
„Се грижиме за секакви глупости, додека на некој најголема желба му е ... Да се работи со деца со посебни потреби треба да се поседува големо количество н...