Александра Бабамова: „Чај во Мароко е 30 денари, а пустинското зајдисонце не се заборава“

„Негативна страна е процедурата на вадење виза во Софија и локалците кои сакаат да ви изнудат пари, но топлото мароканско сонце, изобилството од бои, чајот од нане и зачини засекогаш ќе останат во вашето срце ако го посетите Мароко“, вели 29-годишната Александра.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-01.jpg

Two Pins on a Map е блог за патување што постои околу една година и е креативен аутлет на Александра и Андреја Бабамови кои патувањата низ светот ги преточуваат во зборови (Александра) и фотографии (Андреја).

Спојот на лингвист со инженер со страст за фотографија вроди со многу интересни постови за земји како Мароко, Исланд, Јужноафриканска Република и многу други. Желбата за патување е заедничка, но и различна – Александра сака да патува на топли и егзотични дестинации, додека Андреја го влече ладното, па така прават комбинации од овие контрасти.

https://www.instagram.com/p/BZtO2sBA87I/

Проговоривме со Александра за нивните впечатоци од патувањето во Мароко:

Како изгледаше патувањето дотаму? Колку чини еден ваков аранжман?

Клучот е во планирањето, барем половина година однапред. Така можат да се најдат поевтини летови и подобри конекции, а и подобро да се испланира текот на самото патување со претходна подготовка за земјата што ќе се посетува.

Целиот аранжман нè чинеше околу 500 евра, што е поевтино од веќе готовите туристички понуди за Мароко. Потребно е само да се потроши малку повеќе време за пребарување и самите да си направите план без помош од агенција. Според мене, многу е поубаво кога одиш во сопствена режија.

Единствена „пречка“ ни беше визата, што мораше да се вади во Софија. Одбравме да престојуваме 10 дена во еден од риадите во стариот дел на Маракеш, и не згрешивме – мешавината од топло мароканско сонце, чај од нане и зачини засекогаш ќе остане во нашето сеќавање.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-02.jpg

Мароко звучи егзотично... Кој ти беше првиот впечаток по слетувањето?

„Па тука било топло!“ – ова веднаш го помислив затоа што отидовме во средината на септември кога во Скопје веќе беше свежо, и наеднаш се соочивме со топлотен бран од 38 степени.

Слетавме на пладне кога беше најтопло, и не брзавме да излеземе од риадот во кој бевме сместени – наместо тоа решивме да се „оладиме“ со врел чај од нане и да собереме сили за шетање.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-09.jpg

Велат Мароко е земја на илјада контрасти, колку туристичките делови од Мароко се разликуваат од оние каде живеат локалците?

Како и секоја друга земја, и Мароко има модерен дел со бизнис центри, скапи ресторани и бутици. Но ништо не може да се спореди со бескрајните тесни улички на пазарите, на старите ѕидови на медината и на животот што тече низ Џема Ел Фна, главниот плоштад во Маракеш.

Голем дел од туристите сакаат да бидат дел од ова автентично искуство и бираат сместување во стариот дел, односно во риадите (традиционални марокански куќи со градина/двор во внатрешниот дел). Нема поубав начин за да се доживее Мароко.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-07.jpg

Какви се цените - колку е оброк, а колку е пиво?

Освен во рестораните, каде што цените се фиксни, сè друго функционира на принцип ценкање, што знае да биде прилично напорно, но и многу интересно. Цената на еден просечен оброк за двајца (таџин) беше не повеќе од 250 дирхами, односно 1.500 денари.

Пиво ретко каде се служи и е прилично скапо, ама затоа чај од нане и сок од портокал се смешно евтини напитоци (30 денари) и може да се најдат буквално на секој чекор.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-03.jpg

Архитектура, природа, луѓе, што е тоа што во Мароко ти остави најголем впечаток?

Комбинацијата од сè горенаведено. Архитектурата им е неповторлива, шарена, дизајните толку сложени и прекрасни, а мароканското зајдисонце беше едно од најубавите што ги имам посведочено.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-04.jpg

Каков моден стил имаат жените таму?

Најчесто гледав локални жени во туники и шамии во сите можни шари и бои, под нив широки панталони, а на нозете бабуши (што сепак не беа толку практични колку што мислев).

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-08.jpg

Дали беше на тура со камили низ пустината? Како изгледа ова искуство?

Да, бевме на дводневна тура низ пустината и имавме чест да гледаме зајдисонце заедно со камилите што ни беа назначени. Мојата камила се викаше Гају и многу бргу се спријателивме.

Цената на турите варира многу во зависност од желбите на туристите – нашата чинеше околу 80 евра по човек и ја букиравме онлајн. Вклучуваше јавање камили кон зајдисонцето и преноќување во пустински камп. Пустинското небо е нешто неповторливо што мора да се види.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-11.jpg

Места од Мароко кои засекогаш ќе ги носиш во срцето...

Сук-пазарите во Маракеш кадешто се изнаценкав за марами од кашмир, зачини и традиционални лампи, Есауира – една од „Game of Thrones“ локациите и мојата прва средба со Атлантскиот Океан, и Аит-Бен-Хаду – античко берберско село што изгледа како да не е допрено од времето.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-05.jpg

За нивните шарени ткаенини, рачно боени садови, за тетоважите...

За сите вљубеници во специфичната мозаик техника зелиј, топло препорачувам следење на Инстаграм хаштагот #ihavethisthingwithzelij. Овие мозаици се толку вплетени во секојдневието на Мароканците, што не постои ќоше каде што ги нема.

Ако не се шарени ѕидовите, шарени се теписите, обично рачно изработени од Бербери. Лампите во сите форми и големини се едни од најпосакуваните глетки низ сук-пазарите, иако локалните трговци многу се лутат ако ги сликаш без дозвола.

Ние тоа го знаевме и секогаш прашувавме пред да направиме фотка, ама имаше неколку туристи што беа искарани затоа што непоканети почнаа да позираат и сликаат.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-10.jpg

Најубавата случка таму...

Изгрејсонцето над пустината. Нè разбудија во рани мугри за да успееме да се искачиме преку песочната дина пред да изгрее сонцето, беше прилично напорно искуство, ама во моментот кога стигнавме горе и ги видовме првите зраци, сè се исплатеше. Тој момент, иако краток, ми остана еден од најомилените.

aleksandra-babamova-chaj-vo-maroko-e-30-denari-a-pustinskoto-zajdisonce-ne-se-zaborava-12.jpg

Најнепријатната случка таму...

Наседнавме на најпознатата измама на улица – кожарата. Пријателски настроен човек ни го покажа патот до една кожара, и потоа ни беа изнудени пари за „искуството“.

Туристите се чест плен на локалците кои оперираат по улиците и она што се препорачува е да не се прави никаков муабет со нив.

Обично се нудат да ти покажат некое место, но секогаш на крај бараат пари за „услугата“. Некои се многу упорни и не си одат, што знаеше да биде непријатно.

Дали би ја препорачала оваа земја како туристичка дестинација?

Дефинитивно! Од Мароко собравме куп прекрасни спомени, мириси, зачини и искуства. Местото е неповторливо, прекрасно, и иако ги преоптоварува сите сетила, уживавме во сè што имаше да понуди.

Фотки од нејзиното патување:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ирена Силјаноска за патувањето од соништата во Мароко: „Ме чинеше 1.800 евра, го доживеав најубавото... „Во Црвената пустина, во областа Ерг Чеби доживеав прекрасно зајдисонце и изгреј...
Вирџинија Ристеска за патувањето во Ерменија: „Храната е поевтина од кај нас, автобуска карта чини 1... „Ереван е мал и нема некои атракции како големите европски градови како Париз и ...
Тиктокерот Карим од Казахстан за Македонија: „Охрид е моето среќно место, таму го видов најубавото з...  „Кога пристигнав во Охрид, недостасуваа 30 минути до зајдисонцето, па брзо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg