Николина Андова-Шопова, добитник на „Роман на годината“: Приказните доаѓаат непоканети, како некакви натрапници

„Одамна размислував да напишам приказна за човек кој е заробен и зависен од просторот во кој се рефлектира неговото минато, детство, стравови, сомнежи... Но секако, ова е само еден од влезовите во книгата, а ги има многу – наталожените слики, мисли, идеи си најдоа совршено место да излезат на површината и да се обликуваат во приказна“, споделува Николина Андова-Шопова, чиј роман „Некој бил тука“ е прогласен за „Роман на годината“ за 2018 година.

 noikolina andova shopova prikaznite doagjaat nepokaneti kako nekakvi natrapnici 2

Неодамна, вашата книга „Некој бил тука“ во издание на „Темплум“ беше прогласена за „Роман на годината“ за 2018, која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Кои беа вашите очекувања додека конкуриравте?

Секако дека имате извесни очекувања и надежи штом конкурирате некаде. Нормално дека посакував книгата да влезе во некој од последните кругови, но искрено, не се надевав на самата награда. Бев среќна кога видов дека романот влегол во потесниот избор за наградата, заедно со некои од моите омилени писатели, но мислев дека тука ќе заврши сѐ. Така што, можете да си го замислите изненадувањето и радоста кога ми соопштија дека јас сум добитничката.

И сега откако емоциите стивнаа, може ли да ни откриеш што претставува оваа награда за вас?

Секако дека наградата „Роман на годината“ е ласкаво и поттикнувачко признание. Она што дополнително ме радува се позитивните реакции и коментари што ги добив по наградата, и од оние кои веќе ја имаа прочитано книгата, и од оние кои токму наградата ги поттикна да ја прочитаат.

Наградите можат да бидат важен импулс за подобрување на рецепцијата на книжевното дело и за зголемувањето на неговата видливост. Но, тоа не значи дека тие се единствената потврда за квалитетот на делото; познавам писатели чии дела никогаш не биле наградени, а нивните книги се одлични. Навистина сум благодарна за довербата што ми беше дадена.

FotoJetdada

Штом го прогласија „Некој бил тука“ за „Роман на годината“, веднаш го прочитав. Самиот интензитет на приказната ме вовлече во книжевниот свет од кој не можев да се одделам. Од која мисла или ситуација се роди романот?

На ова прашање никогаш немам конкретен или сосема точен одговор, а и самата често си го поставувам. Не можете да бидете сосема сигурни од каде точно доаѓаат приказните, или пак зошто токму тие приказни ве опседнуваат.

Тие доаѓаат непоканети, како некакви натрапници со кои со тек на време се спријателувате и решавате да живеете со нив. Се разбира, откако некоја приказна ќе се насели во вас, вие ја имате моќта да ја (до)обликувате, донекаде да ја водите и стилизирате...

Но, тој процес никогаш не можете до крај прецизно да го испланирате и тоа е она што го прави пишувањето возбудливо. Одамна размислував да напишам приказна за човек кој е заробен и зависен од просторот во кој се рефлектира неговото минато, детство, стравови, сомнежи...

Но секако, ова е само еден од влезовите во книгата, а ги има многу – наталожените слики, мисли, идеи си најдоа совршено место да излезат на површината и да се обликуваат во приказна.

„Кога пишуваш, никогаш не знаеш кој сѐ може да ти дојде“. Со кого се сретна Николина на прагот од двата света?

Оваа реченица, во еден сосем поинаков контекст, не случајно се најде по епизодата со децата кои повикуваат духови. Додека го прават тој „забранет“ и „ѓаволски“ ритуал, влегува бабата на едно од децата, и кога похраброто дете ѝ признава што всушност прават со буквите и чашата, таа само резигнирано им вели да внимаваат, дека никогаш не можат да знаат кој всушност „ќе им дојде“.

А во тие средби, при пишувањето, највозбудлива и најпредизвикувачка е онаа со самиот себе. Тоа е една од најстрашните, но истовремено и најубавите средби на прагот од тие два света.

Додека го читав романот, најмногу се поврзав со сликите од детството. Тие навраќања ѝ даваат посебна атмосфера на приказната и будат носталгични чувства. Колку е важно човекот во себе да ги оживува спомените од детството?

Обично детството се поврзува со невиноста, со оној период од животот кој е најубав, радосен, безгрижен... но јас, ете, не го доживувам баш така. Ова е преголема тема за олку мал простор и затоа ќе се повикам на еден мој стих кој можеби најдобро говори за мојот однос кон детството, оној во кој велам дека детството е најосаменото место во светот.

Иако растев опкружена со љубов и внимание, во семејство во кое владееја сосема нормални односи, мојот однос кон стварноста беше условен од мојот внатрешен, помалку „изолиран“ поглед кон светот.

Главниот лик во романот во детството постојано пребарува нешто низ домот, возбудено ги отвора книгите на возрасните надевајќи се дека пред него „ќе изгрее најголемата тајна на универзумот“ (а иронично – пред него се отвора тетратка со рецепти), го бара „чудото“ дури и во баналниот ритуал на чистењето грашок... го прави истото и како возрасен, буричка низ фиоките во туѓиот стан, воден од истиот немир, во потрага, можеби, по истите одговори...

Јас и немам некој носталгичен однос кон детството, иако често размислувам за него, но не како копнеж за враќање, туку за напуштање.

FotoJetee2

Се изненади ли од самиот крај на приказната или тој беше тука уште од самиот почеток?

Во главата ја имав завршната сцена, но сето она низ кое минуваше главниот лик и за мене беше влез во непознатото, патување низ кое полека се откриваа темните ќошиња на приказната.

На почетокот, можеби мислите дека вие го создавате ликот и целосно управувате со неговата судбина, но во текот на пишувањето постепено се разбива таа илузија.

Како за крај сакам да прашам за претстојните активности поврзани со наградената книга. Кои промотивни настани планирате да ги реализирате во следниот период?

По официјалното доделување на наградата на 10 април во Салонот 19.19, книгата ќе се промовира и низ повеќе градови во Македонија. Се радувам на тие средби, помеѓу книгата и читателите.

Чувствував незапирлив порив да ја напишам оваа приказна, и верувам дека штом сум имала толкава потреба да ја раскажам, некому, некаде, му е исто толку потребно да ја прочита.

noikolina andova shopova prikaznite doagjaat nepokaneti kako nekakvi natrapnici 3

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Жртва на сексуално насилство, булинг, злоупотребување од родител: Со Кирил Ангелов за „Безсловен“ Го помнам денот кога Кире дојде во нашата канцеларија и рече: „Сакам да зборувам...
Ребека, Македонка во Сан Франциско: „Животот ми приреди бура - како испливав нагоре без страв и омра... „Дефинитивно самодовербата се губи ако имате партнер кој не е тоа што сте го зам...
Иван Јованов пред раѓањето на ќерката: „Едвај го чекам мигот кога малиот ангел ќе го земам во раце“ „Доколку се создадат услови да бидам во породилната сала, секако дека ќе присуст...
Игор Стефановски - Иџе за татковството: „Никогаш не сум бил на родителска, ќерката повеќе личи на ме... „Со синот Олег разговарам отворено за сè и тоа ме радува. Неизбежно е на ти...
„Нема бенефит од доењето, постои само ризик од недоење“: Наташа Ц. Тодосовска, специјалист за доење ... „Сите слики од доење кои ги гледаме на социјалните медиуми се најчесто од мајка ...
Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што права... „Почесто плачам од радост, отколку од тага. Емотивна сум за блиски луѓе, за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg