Една година мајка - немам време, косата ми е несредена, но јас сум посреќна и посилна од кога било

Тргнав подготвена да го донесам на свет тоа мало суштество кое секојдневно растеше во мене. Месеци наназад се едуцирав, распрашував, собирав мислења и искуства. Мислев дека сум подготвена за сите психо-физички промени и за сите предизвици, но предизвиците испаднаа неочекувани.

edna-godina-majka-nemam-vreme-kosata-mi-e-nesredena-no-jas-sum-posrekjna-i-posilna-od-koga-bilo-01.jpg

Кога го пречекорив прагот на породилната сала заборавив на сè, на сите техники за дишење, на сите мантри кои требаше да ги повторувам, на сè што мислев дека е испланирано за да биде совршено доаѓањето на свет на моето бебе!

Тоа не бев јас, од подготвена и силна (како што си мислев тогаш) бев блокирана, не знаев што со себе, што со односот со арогантните лекари, што со сите таму присутни, што со моето дете кое штотуку ги отвори очињата. Само го молев Бога да помине сè како што треба.

Сега по една година – никогаш посилна! Мајчинството колку и да звучи клише, не е некоја посебна радост, моќ, љубов, мајчинството е сето ова во суперлатив, сè од ова во неограничени количини, сè што не можете да замислите, туку само да го почувствувате.

По 365 дена, во кои ниту еднаш не се раздвоив од моето малечко повеќе од три часа, знам дека на овој ден заслужува да се слави ова чувство, чувство на моќ и среќа родена од љубов. Затоа што никогаш не сум се чувствувала посреќна, помоќна и посилна.

Повеќе не ме плаши мракот, напорните домаќински обврски, болката во раната, грбот ниту каква било телесна болка, не ме плаши посетата на гинеколог, не ме плаши бебешки плач, ниту никакви вируси и бактерии.

Повеќе немам страв храбро да им се спротивставам на работодавачите кои сакаат да ми скратат дел од скапоценото време кое сакам да го минам со моето дете, повеќе не се срамам да ги барам моите права, да ја барам правдата во ова сурово општество затоа што сметам дека тоа е најмалку што можам како пример да го пренесам на моето дете.

Научив дека луѓето од околината се тука за да поделат непотребни коментари, да дадат совет кога никој не го бара од нив, научив дека не секогаш докторите се во право, и дека и институциите потфрлуваат, затоа решив дека ќе го слушам само мојот инстинкт.

Сфатив дека не треба моето дете да биде лепенка за мене, едноставно треба да се учи на независност, а јас секогаш ќе бидам тука за него.

Сфатив дека сум најубава во тренeрки и со собрана коса, со кратки неналакирани нокти, а дека обетките треба да се најцврсто затворени затоа што моето малечко ги тегне додека ме гушка. А, да и едноделниот костим за капење совршено се вклопи за на плажа.

Убаво се чувствувам кога среде дневна прескокнувам играчки и кога купувам батерии за истите. Борбена сум против тврдокорните дамки од каши, а сега се прилагодувам на нередот додека мојот син се учи да гризе парчиња сам.

Со задоволство ја потполнувам радосницата и веќе вториот албум со фотографии за спомен. Во телефонот немам повеќе меморија, но не сакам да избришам ниту една слика од моето малечко, иако во иста поза има 5 фотографии, но на една се смее, на друга е сериозен, на трета личи на мене.

Го чувам првото боди, новогодишното лигавче, смешните чорапчиња со тропки, првата негова гума за пливање... Мало човече кое ме направи вистинска жена. Комплетна во секоја смисла.

Иако не секогаш имам време и сила да завршам сè што посакувам, го сакам ова несовршено секојдневие затоа што знам тоа е животот. А во овој момент мислам дека животот е убав затоа што сето ова што го правам и чувствувам за малово суштество истото го правела и чувствувала мојата мајка за мене. Благодарам мамо!

Помина една година. Крв, коски и мајчино млеко. Храбро одиме напред сите заедно. Мамо тебе не можам да ти се оддолжам, а тебе малечко мое те сакам и тоа е таа сила која ме турка напред во грижата за тебе.

Не мора секогаш да си чист и облечен по најнова мода, не мора да си нај нај, сакам само да си среќен.

365 дена секоја година благословен!

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до моето дете: „Ти си мојата сјајна ѕвезда во овој темен универзум“ Мое дете... Ти си моето денес, моето утре и сите мои денови, по утрешниот. Ти си...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
Илустрации за родители: Како да се справите со непријатните ситуации со вашите деца? Што да направите кога детето не сака да ги дели играчките или, пак, кога ќе науч...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
Мајка од Кина го пронашла киднапираниот син по 32 години - Бил продаден на пар без деца за 760 евра Ли Џингзи од Кина поминала повеќе од три децении во потрага по својот син, Мао Ј...
Момче од Кореја (4) го расплака целиот свет, откако кажа зошто мисли дека родителите го мразат „Мајка ми ме мрази, не сака да си игра со мене“ – дете од Јужна Кореа ги освои с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg