Сине, се плашам дека ќе пораснеш и повеќе нема да ме гушкаш како сега!

„Се плашам дека ќе се повлечеш во себе и повеќе нема да умеам да те пронајдам. Дека ќе ја прекинуваш врската секој пат кога ќе влезам во собата со изговор дека нешто барам. Ќе те барам тебе, а ти ќе бидеш сè подалечен...“

sine-se-plasham-deka-kje-porasnesh-i-povekje-nema-da-me-gushkash-kako-sega-01.jpg

„Остави го вклучено светлото“, ми вели додека на прсти се искрадувам од собата.

„Зошто сине?“

„Така.“

„Па, зарем толкаво момче да се плаши од мракот?“

„Тато...“

„Молам?“

„А, ти дали се плашиш од нешто?“

„Кој, јас? Тато не се плаши од ништо душо.“

„Тато не се плаши од ништо...

Освен дека ќе ми пораснеш пред да стигнам добро да те изгушкам и избакнувам и дека ќе ми се слизнеш од рацете додека да трепнам со око. Се плашам дека нема да се сеќаваш на деновите што ги минувавме заедно и дека овие наши години ќе избледат како стара хартија.

Се плашам дека утре некој страшен пубертет ќе те земе под свое и дека ќе ми биде тешко да те сакам, дека ќе се загледувам во тоа лице, барајќи некаков траг од детето кое трчаше низ домот, скокаше по креветот, се смееше, некогаш одамна.

Се плашам дека ќе ми префрлиш еден ден за сите оние работи за кои децата им префрлаат на татковците, незадоволни од својот лик во огледалото, несреќни поради сите несреќи, кои некако одат во пакет кога имаш 15, 16 години.

Дека ќе го мразиш својот нос и ќе ме обвинуваш мене затоа што твојот нос и мојот нос се исти. Се плашам дека ќе бегаш од мене како од шуга, дека ќе се срамиш од мене, дека веќе нема да зборуваме и да се прегрнуваме како сега, дека нема да трчаш низ куќата, да го фрлиш ранецот на подот и сиот задишан да ми раскажеш што ти се случило денес на училиште.

Се плашам дека ќе се криеш од мене, ќе ме лажеш, ќе се затвораш во себе, дека веќе нема да бидам добредојден гостин во твојот свет, во твојата соба. Ќе трескаш со вратите, ќе говориш на јазик кој не го разбирам, ќе плачеш за секоја ситница, ќе ги бараш своите права, ќе излегуваш без поздрав, ќе се бунтуваш без причина.

Страв ми е дека ќе се промениш, дека ќе ги туркаш своите работи под кревет, моето срце под тепих, ќе оставаш неред зад себе – трошки, шолја со јогурт, обвивки од мастики.

Се плашам дека ќе се повлечеш во себе и повеќе нема да умеам да те пронајдам. Дека ќе ја прекинуваш врската секој пат кога ќе влезам во собата со изговор дека нешто барам. Ќе те барам тебе, а ти ќе бидеш сè подалечен. Онака како што ѝ бев јас на својата мајка, а таа на нејзината и така по ред.

sine-se-plasham-deka-kje-porasnesh-i-povekje-nema-da-me-gushkash-kako-sega-02.jpg

Страв ми е дека ќе ти зборувам, а ти нема да ме слушаш. Дека поради мој инает ќе работиш против себе. Дека на брзина ќе те заведе некоја погрешна, која не те заслужува, која нема дa умее да ја сака секоја твоја пега на лицето и дека залудно ќе ти говорам „Не е за тебе, можеш и подобро“.

Се плашам дека нешто ќе те боли, а ти нема да смееш да ми кажеш. Се плашам дека еден ден ќе лежиш сам, во нечиј туѓ мрак и дека нема да има никој за да ти запали светло.

Се плашам дека некоја ноќ на полноќ ќе гледам во часовникот и ќе се прашувам зошто уште те нема. Дека низ главата ќе ми минат оние страшни претчувства, кои ние како родители ги имаме. Се плашам дека ќе ти се јавам, само за да видам дали си добро и дека еден женски глас од другата страна ќе ми каже „Претплатникот моментално не е достапен“.

Се плашам дека нема да бидам со тебе кога ќе ти биде најтешко. Дека нема да ме има ниту кога ќе ти биде најубаво. Се плашам дека како животот ќе одминува, сè помалку ќе ти бидам потребен и дека ќе ме отфрлиш од себе како стара, засушена кожа.

Се плашам дека ќе поминат години пред повторно да ме погледнеш и во мене да се препознаеш себе. Пред разгледувајќи албуми да забележиш чудни работи, како тоа дека на ист начин ја тргаме косата од челото, на ист начин се смееме, на ист начин ги подигаме веѓите, се муртиме кога нешто не ни е по мерак и дека ќе помине цел век додека да сфатиш дека сме послични од што можеш и сакаш да поверуваш.

Се плашам дека ќе личиш на мене. Дека ќе ја имаш иста онаа тврдоглава црта, како белег на челото, дека по тоа ќе те препознаваат и ќе ти велат „Ист си како татко ти“. Се плашам дека поради тоа некои животни „школи“ скапо ќе ги платиш, а лекциите ќе ги учиш по повеќе пати.

Се плашам и дека нема да личиш на мене. Дека нема да умееш да прегрнуваш онака како што јас прегрнувам. Да се радуваш на животот онака како што јас се радувам. Дека поради желбата да побегнеш од мене, здодевниот и напорен татко, ќе побегнеш и од себе и дека нема да стигнам да ти кажам колку те сакам дете мое.

Ете од тоа тато се плаши и само од тоа... ништо повеќе.“

Извор

Би можело да ве интересира:

Босански психолог: „Денешните родители ретко наоѓаат време за децата, па ги обвинуваат наставниците ... „Воспитувањето бара време, бара труд и бара работа, првенствено врз себе, а дури...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg