Пеце Талески: „Денот на детето“ е само уште еден обичен ден што треба да нè потсети дека светот постои за децата

По повод Денот на детето разговараме со иницијаторот и креаторот на омилената детска ТВ серија - 5+ Фамилија, продуцентот Пеце Талески.

pece-taleski-denot-na-deteto-e-samo-ushte-eden-obichen-den-shto-treba-da-ne-potseti-deka-svetot-postoi-za-decata-01.jpg

Иако, секој ден треба да е ден на децата, всушност токму денешниот 20 ноември е прогласен за Светски Ден на Детето уште во далечната 1954 година. Денот има за цел промоција на меѓународната заедница, подигнување на свеста за децата и нивната благосостојба насекаде во светот и секако е ден кога е донесена Декларацијата за правата на децата од страна на Обединетите нации.

По точно 65 години од првото одбележување на денот на детето, светот сè уште на многу полиња им должи на децата подобри услови за живот, за растење и едукација. Секој од нас некогаш бил дете и знае колку може да значат понатаму во животот, добрите услови и искуства од детството.

Токму по тој повод, водиме разговор со Пеце Талески, продуцент и креативен директор на ОхО, иницијатор и креатор на проектот 5+ Фамилија.

Што претставува за вас денот на детето?

Пеце: За мене секој ден е ден на детето. Искрено, откако станав родител, секој буден момент ми е насочен кон тоа моите деца да имаат исполнето, интересно, безгрижно детство, без предрасуди и без ограничувања.

И тоа значи, секој ден да се бориш со ветерници. Некако, како сите да забораваме дека некогаш сме биле деца, дека на правилата сме гледале како на предизвик и како да сме заборавиле што значи да имаш нескротлива љубопитност.

Денот на детето за мене е ден што секоја година одново го потсетува модерното општество да се однесува цивилизирано кон децата.

Низ Вашите изминати интервјуа раскажувате дека токму така се „роди“ Петко и 5+ Фамилија, кога станавте родител и кога сфативте дека недостига телевизиска содржина за деца. Поминаа добри 12 години откако започнавте со реализација на оваа замисла. Како се сеќавате на тоа време?

Пеце: Поминаа добри 12 години. А пред 12 години немаше речиси ништо македонско, а детско во етерот. Пред 12 години сè уште немаше 24 часовен циклус на вести. Уште се читаа весници и неделници. Уште се слушаше радио и се гледаа вести. Немаше YouTube, Инстаграм, Фејсбук и сл.

Имаше помалку инспирација и помалку содржини. Затоа ни беше предизвик. Почнавме со емисија. Секој ден по 2 емисии, една на македонски една на албански јазик. Во живо. Со гости и со актери, со контакт телефон.

Многу храбро почнавме. Но имавме и одлична публика која постојано нè хранеше со инспирација и нè притискаше да бидеме спремни и во тек со децата и детството на секоја генерација која нè гледаше.

Имавме јасна визија, добар флуид меѓу нас, кои креиравме, а денес најбитно од сè – секој од нас остана дете. Не сме многу пораснати, што за овој вид на работа и е неопходно.

Свежината ја добиваме со тоа што во тимот имаме нови колеги кои биле деца и гледале Петко додека растеле, и сега се чувствуваат како суперхерои затоа што се дел од новите 5+ авантури.

Како 5+ Фамилија им помага на децата да растат?

Пеце: Уф, децата се брутално искрени. Нема да може да ги залажеш или да ги тегнеш за нос. Или ќе бидеш на нивно ниво и ќе бидеш искрен или за џабе е сѐ. ОК признавам, за мене првата критика ми беа ќерките и нивната заинтересираност или индиферентност кон некоја тема.

Но не застанував само тука. Барав да слушнам неформално како родители или деца зборуваат за нас, што ќе кажат, да прочитам на некој форум или од колегите од фелата. Баравме сѐ што може да ни помогне да бидеме подобри и попаметни со секоја следна емисија.

Посебен знак дека правиме нешто добро и корисно беше кога наставници од одделенска настава почнаа да ги користат епизодите како наставни помагала. Ако можеме да помогнеме на час да се зборува за врсничкото насилство, за љубомората, за љубовта и семејството на начин кој на децата ќе им помогне да ги совладаат овие теми, доволно ми е.

Омилениот лик на децата кои растеа во почетокот на 2000-тите години – Петко прерасна во детска платформа за едукација и забава, и сега со својот формат на детска играна ТВ серија сè уште го држи првото место во детските срца. Што значи преминот од емисија во серија за публиката?

Пеце: Знаете, ние продуциравме многу содржини во услови кога немаше конкуренција за да добиеш претстава кај си и кога не постоеше друг медиумски производ со кој можеме да се споредиме.

Па кога едноставно созреавме со емисијата, логичен потег ни беше да направиме серија. Зошто серијата е материја која може да се рециклира, реупотребува и да се пушта неограничен број пати.

Затоа имаме и огромна посетеност на YouTube каналот. Сите епизоди од прва сезона наваму постојано имаат зголемен број прегледи. Телевизиите ги емитуваат репризно по повеќе пати и публиката сè уште ги пречекува со свежи и радосни очи.

Ете нешто и јас научив од целиот овој процес. Децата сакаат повторување. Сакаат тоа што го научиле во епизодата да го погледнат уште 2-3 пати додека им стане норматив.

Преминот од емисија во серија ни отвори нови можности за игра и интеракција. Веќе имаме комплетен soundtrack со одлични преработки на одлични песни од минатото и од македонски и од југословенски автори.

Песните се апсолутен хит и поради нив влеговме во театар со мјузикл претстави и концерти. Еве минатата недела имавме премиерно прикажување на првиот детски мјузикл „Песноден“ креиран од авторската екипа на 5+ Фамилија.

Сите содржини ги креираме со една највисока цел – децата да растат со добра музика, со добри фори и приказни.

Деновиве почна новата сезона на 5+. И повторно, како од самиот почеток серијата се продуцира паралелно на македонски и на албански. Освежуваме формат, освежуваме екипа, освежуваме песни…

Ако ништо друго, бар овие 2 месеци секој ден е ден на детето со 5+ Фамилија. Им благодарам на сите професионалци кои помагаат проектот да биде тоа што е. Се надевам дека се гордеат со производот. Јас се гордеам со сите нив!

Би можело да ве интересира:

„Мојот живот пред децата vs. по децата и зошто не би го менувала за ништо на светот?“ Пред децата, мојата романтична љубов кон партнерот мислев дека е најдлабоката љу...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
Ретро игри со кои ние пораснавме, а денешните деца не (знаат да) ги играат Знаат ли денешните деца да си играат? Колку често нашите деца се надвор и што во...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg