Проблеми со спиење, анксиозност: Како ни влијае постојаната градска врева?
Таканареченото звучно загадување се однесува на постојаната врева која е најприсутна во градовите. Оваа врева главно е предизвикана од сообраќај, а ако сте забележале дека ви пречи, не сте единствени и овој тип загадување може да му штети на здравјето.

Загадувањето на воздухот е проблем што ни е добро познат на сите.
Но, постои уште еден вид загадување, познато како звучно загадување кое можеби не влијае врз физичкото здравје, но дефинитивно може да се одрази лошо на менталната состојба.
Кои се штетните влијанија од звучното загадување?
Нарушувања во сонот
Ако навечер, додека спиете, околу вас има врева, ова секако дека ќе се одрази на квалитетот на сонот.
Звуците може да ве будат во текот на ноќта и долгорочно, ова може да резултира со замор, променливо расположение, па и проблеми со концентрацијата.
Проблеми со слухот и тинитус
Честата изложеност на гласна врева може да предизвика проблеми со слухот.
На поголем ризик од оваа појава се изложени луѓе кои минуваат голем дел од денот на места со многу врева, на пример на градилиште, а проблемите со слухот можат да бидат привремени, но и трајни.
Исто така, честата изложеност на врева може да биде причина за тинитус, попознато како зуење на ушите.
Психолошки проблеми
Хроничната изложеност на врева може да има големо влијание врз вашата психичка состојба.
Константната врева не само што предизвикува стрес, туку може да го зголеми ризикот од нарушувања како анксиозност и депресија.
