Пет симптоми кои можат да бидат знак за проблеми со плодноста (и кога да одите на лекар)
Нередовните менструации обично значат и нередовна овулација, а ова може значително да го отежни забременувањето. Па, консултирајте се со лекар ако сакате да го проширите семејството.

Главниот симптом за проблеми со плодноста е, секако, неможноста да се забремени.
Обично гинеколозите не ги спомнуваат проблемите со неплодност сè додека нивните пациентки не се обидуваат да забременат барем една година, но безуспешно.
Но, уште пред неуспешните обиди за забременување, кај некои жени може да се јават одредени симптоми кои ги „навестуваат“ проблемите со плодност.
Важно е да се нагласи дека овие симптоми може да се поврзани со низа други работи и ако ги чувствувате, не мора да значи дека имате проблем со плодност.
Медицинските професионалци се единствените кои можат да утврдат дали имате проблеми со плодност или не и ова не е дијагноза што треба да си ја поставувате самите, врз основа на неколку симптоми.
Но, добро е да бидете свесни за симптомите и промените кои можат да бидат знак за некаков проблем. Доколку ги забележувате, споделете ги со вашиот гинеколог кој ќе ви каже што понатаму.
Дел од симптомите што може да се знак за проблеми со плодност:
Болни менструации
Болката за време на менструација е симптом што го чувствуваат повеќето жени.
Но, екстремно болните менструации, особено со обилно крвавење, не се норма и треба да се консултирате со гинеколог.
Во некои случаи, многу силните болки се предизвикани од ендометриоза – состојба која може да го отежни забременувањето.
Нередовен менструален циклус
Ако имате нередовен менструален циклус, тоа обично значи дека имате и нередовна овулација. А, штом нема овулација, не може да настане бременост.
Во просек, менструалниот циклус трае 28 дена, со сосема нормално е да варира – кај некои жени може да трае и до 35.
Но, ако воопшто не можете да предвидите кога ќе ја добиете следната менструација, можно е да има некаков проблем за кој би требало да се консултирате со лекар.
Нередовните менструации можат да бидат предизвикани од хормонална нерамнотежа или состојби како синдром на полицистични јајници кои, пак, имаат влијание и врз плодноста.
Симптоми на хормонална нерамнотежа
Тешко е самите да ги воочите хормоналните промени и за ова се прават посебни тестови, но постојат некои симптоми што се јавуваат кај повеќето жени.
Неочекуваното и нагло дебелење, појавата на акни, појавата на влакна на лицето и слично можат да бидат промени предизвикани од хормонална нерамнотежа.
Ако ги забележувате овие симптоми, консултирајте се со вашиот гинеколог.
Многу слабо крвавење за време на менструација
Ако забележите дека менструациите ви се многу послаби или крвта е многу светла, тоа може да укажува на некакви хормонални промени што, пак, има влијание врз плодноста.
Важно е да ги следите промените во вашиот циклус и ако забележите нешто што е невообичаено за вас, да споделите со гинеколог.
Послабите менструации не мора да значат дека имате проблеми со плодност, но некогаш можат да го отежнат забременувањето.
Постоечки здравствени проблеми
Ако сте имале рак и сте го лекувале со хемотерапија или радијација, ова може да се одрази на плодноста.
Исто така, ако сте имале какви било проблеми со репродуктивниот систем, може и тие да имаат влијание врз плодноста.
Кога да побарате помош?
Штом планирате да забремените, препорачливо е да се консултирате со лекар уште на почетокот.
Тој ќе ви каже на кои знаци и симптоми треба да обрнете повеќе внимание и добро би било редовно да правите прегледи, за секој случај.
Ако, пак, забележувате некои од наведените симптоми или генерално сте несигурни за некоја промена во циклусот и здравјето, секогаш е добро да одите на лекар.
Спирова С. | Црнобело
