Зошто се штетни високите триглицериди (и како да ги намалите)?
За да избегнете проблеми со срцето поради високи триглицериди, треба да ги слушате препораките на вашиот лекар, но и да направите некои промени во исхраната, како внесување помалку калории.

Триглицеридите се вид масти кои се најзастапени во телото.
Во нив е складирана енергија која потекнува од храната што ја внесуваме, како и од вишокот калории што ги консумираме, најчесто од шеќери.
Иако се неопходни, покаченото ниво на триглицерид, кое е чест проблем, може да ги задебели ѕидовите на артериите. Ова, пак, го зголемува ризикот од низа проблеми со здравјето, вклучувајќи мозочен удар и инфаркт.
Многу луѓе имаат проблеми со високи триглицериди и постојат соодветни терапии за ова. Но, покрај тоа што треба да ја следите терапијата што ви ја препишале, треба и самите да промените некои навики.
Па, како да го намалите нивото на триглицериди?
Контролирајте го внесот н калории
Кафето со млеко и шеќер, сладоледот и огромниот сендвич што ќе ги консумирате навечер можат да го покачат нивото на триглицериди.
Кога внесувате повеќе калории отколку што согорувате, триглицеридите настојуваат да се покачат.
Избегнувајте шеќер
Ако имате високи триглицериди, треба да обрнете внимание и на шеќерот.
Покрај благите работи како слатки и засладени пијалаци, ако имате сериозен проблем со триглицериди, и шеќерите како фруктоза можат да го покачат нивното ниво.
Ова значи да бидете умерени и со овошје кое содржи повеќе шеќери.

Не заборавајте на скриените шеќери
Бидејќи во модерно време исхраната ни се состои од преработена храна, забораваме дека шеќерите се присутни и во солени јадења.
Кечап, сосови и преливи за салати или тестенини, спортски пијалаци, житарици – сето ова се намирници со висок процент на шеќери.
Затоа, секогаш давајте им предност на свежите и природни намирници или барем внимателно проверувајте ја содржината на шеќер на секој продукт.
Внесувајте повеќе хранливи влакна
Хранливите влакна можат да ви помогнат да го регулирате нивото на триглицериди, а бидејќи ве држат сити подолго време, ќе ви помогнат и да го намалите внесот на калории.
На пример, за појадок наместо засладени житарици или печиво, направете си овес. За ручек јадете повеќе салата отколку нешто мрсно.
Ќе ви биде од помош и да јадете интегрален ориз или киноа наместо компири или тестенини.

Внесувајте здрави масти
Мастите се неопходни за нормална функција на телото, но важно е да се фокусирате на здравите.
Здравите масти се наоѓаат во храна како авокадо, ореви, пилешко без кожа, маслиново масло…
Избегнувајте ги трансмастите кои се најприсутни во преработена храна, како грицки, маргарин, пржена храна…
Риба наместо црвено месо
Црвеното месо е мрсно и калорично и може да го зголеми нивото на триглицерид.
Рибата, од друга страна, содржи здрави масти, вклучувајќи и омега 3 масни киселини кои можат да го намалат нивото на триглицериди.
Во некои случаи, и суплементите со омега 3 масни киселини може да бидат од помош – за ова консултирајте се со вашиот лекар.

Намалете со алкохол
Прекумерното пиење е уште една честа причина за високо ниво на триглицериди.
Па, бидете што е можно поумерени.
Ослабете
За да ослабите, треба да внесувате помалку калории отколку што трошите. Со самото ова, ќе го намалите и нивото на триглицериди, но и ќе го подобрите целокупното здравје.

Вежбајте
Вежбањето ќе ви помогне да согорите повеќе калории во текот на денот, а и самото движење може да го намали нивото на триглицериди.
Редовно правете прегледи
Вие самите не можете да го проверите нивото на триглицериди. Па, ако се соочувате со овој проблем, важно е редовно правите прегледи.
И, секако, слушајте ги препораките на вашиот лекар и доколку ви препишат терапија, примајте ја.

Спирова С. | Црнобело
