Дали сите мажи (ќе) имаат зголемена простата + кои се симптомите?
Не е познато што точно ја предизвикува зголемената простата, но факт е дека ова е проблем со кој се соочуваат повеќето мажи. Важно е да знаете дека зголемената простата не е рак ниту, пак, го зголемува ризикот од рак.

Простата е жлезда која е дел од машкиот репродуктивен систем, која лачи дел од течноста во семената течност. Сместена е во близина на уретрата (мочоводот).
А, еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат мажите е поврзан токму со простатата.
Таканаречената зголемена простата, позната и како бенигна простатична хиперплазија, се јавува кај скоро сите мажи, најчесто со возраста.
Иако некогаш може да создаде непријатни симптоми, важно е да знаете дека оваа појава не е рак, ниту, пак, го зголемува ризикот од негова појава.
Што треба да знаете за овој проблем?
Кои се причините?
Иако е мошне честа појава, уште не е познато која е точната причина за зголемена простата.
Се претпоставува дека улога имаат промените кои доаѓаат со возраста, вклучувајќи го и нивото на тестостерон.
Шансите за појава на зголемена простата се зголемуваат со возраста, а појавата е толку честа, што ја искусуваат скоро сите мажи кои живеат подолго.
Експертите забележале дека тестисите веројатно имаат голема улога врз појавата бидејќи мажите на кои им биле отстранети тестисите во младоста, на пример поради рак, не се соочиле со зголемена простата.
Засега не се идентификувани ризични фактори, што значи веројатно и нема начин да се спречи.
Кои се симптомите?
Бидејќи е честа појава, сигурно ќе ве утеши фактот дека повеќето мажи не чувствуваат симптоми од зголемена простата.
Доколу сепак имаат симптоми, не се нешто сериозно што би им пречело во секојдневието.
Дел од симптомите кои може да се појават се:
- Неможност за уринирање
- Неможност за целосно празнење на мочниот меур
- Инконтиненција (неволно испуштање урина)
- Потреба за уринирање два или повеќепати во текот на ноќта
- Болка за време на уринирање или крв во урината (може да е знак за инфекција)
Како се дијагностицира зголемената простата?
Вашиот лекар ќе ви постави прашања за вашата медицинска историја (доколку не ја знае), а ќе ве праша и за симптомите.
Доколку постои сомнеж дека имате зголемена простата, може да ви биде направен соодветен тест, како и анализа на урината.

Постои ли лек?
Третманот што ќе го добиете зависи од вашите симптоми и од тоа колку ви го попречуваат секојдневието. Секако, лекарот ќе ја земе предвид и вашата целокупна здравствена состојба.
Во некои случаи доволно е да се направат некои мали промени во секојдневието. Постојат и лекови, а во посериозни случаи може да се направи и операција.
Симптомите може да бидат поизразени по 60-тата година од животот. Но, бидејќи кај повеќето мажи се благи, доволни се само мали промени во секојдневните навики.
Доколку лекарот ви препише терапија, пијте ја според неговите препораки и никако немојте да ја прекинувате сами.
Може ли да настанат компликации и кога да одите на лекар?
Иако е реткост, кај некои мажи со поизразени симптоми на зголемена простата може да се соочат со проблеми како инфекции или оштетување на бубрезите.
Секогаш е добро да се консултирате со лекар ако забележите промени во одењето во тоалет.
Ако веќе имате дијагноза за зголемен простата, веднаш одете на лекар доколку:
- Уринирате многу помалку од вообичаено
- Имате треска
- Чувствувате болка на грбот или во стомакот
- Имате крв во урината
Спирова С. | Црнобело
