Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“

„И одењето во ноќен клуб ми е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат запознавање, разговор, а обезбедувањето ги тргна. На смеа им велам: А што ако сакам да станам нигериски зет? Ми одговорија: Ти одбери која сакаш, ќе ти ја донесеме дома,“ раскажа Милош од Скопје за животот и работата како проектен менаџер за изградба на мост во Нигерија. 

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-01.jpg

Милош Боев (40) од Скопје скоро 8 месеци живее и работи во Лагос, најголемиот град во Нигерија, но и еден од најголемите во светот.

Овој дипломиран градежен инженер, веќе 15 години активно се занимава со оваа иновативна, креативна и интересна професија.

Пред да прифати работен ангажман во Нигерија, тој помина 8 месеци во Етиопија, една од најсиромашните држави во светот.

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-09.jpg

За својот живот во Лагос, каде што 24/7 е под полициско обезбедување, дури и кога сака да излезе во ресторан или клуб, но и каков е животот во Нигерија споредено со Етиопија и зошто вели дека кога го возат во автомобил се чувствува како премиер, ни раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com...

По Етиопија, веќе некое време си во Нигерија. Како се случи и која беше причината за твоето заминување таму? 

Африка има свои мислења, па дури ни мудар човек не може да ги разбере. Но мудар човек ги почитува.

Нигерија e една сосема поинаква приказна, спротивна од Етиопија. Aко мислев дека Етиопија е „најлошото“ нешто што сум го видел, погрешив. Нигерија е приказна која се доживува, предизвик кој треба да се совлада, приказна за себе.

Во Нигерија не можеш да опстанеш ако не си Санчо Панса, во Нигерија не доаѓај ако не можеш да го прифатиш животот и менталниот склоп кој ти се сервира.

Или живееш, дишеш со полни гради и прифаќаш како Нигерија ти наметнува или местото едноставно не ти е тука. Да не бидам сфатен погрешно, не е сè така црно и тоа како има убавини во оваа држава, особено во Лагос.

Во Нигерија сум скоро 8 месеци. Како и во Етиопија, работата и професионалниот ангажман ме донесоа тука.

По тажното заминување од Етиопија, земја која секогаш ќе остане во мое добро сеќавање, колку и да имаше непредвидливи или неубави моменти, јас сепак ја најдов нејзината убава страна и секогаш би се вратил.

Кога заврши таа приказна, јас се вратив дома и веќе размислував каде понатаму. Овој пат потсвесно посакував нова африканска авантура и ми се исполни желбата.

Ми се јави интернационална компанија која имаше потреба од проектен менаџер за изградба на мост во срцето на Лагос. Без размислување прифатив и на 10 септември 2023 заминав.

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-24.jpg

Колку се разликува животот во Нигерија, споредено со Етиопија... Кои се најголемите сличности, а кои се најголемите разлики?

Нигерија е најнаселена држава на африканскиот континент. Нејзината популација изнесува приближно 280 милиони жители, што ја прави седма држава во светот во однос на популација.

Се претпоставува дека во 2030-та, нејзината популација ќе достигне преку 315 милиони и ќе ја направи поголема од САД.

Лагос, кого локалното население и сите Нигеријци го нарекуваат Africa's Big Apple е најголем град во Нигерија, но и на африканскиот континент во однос на популацијата, со приближно 28 милиони жители.

Нигерија е мултинационална држава, со над 250 етнички групи, а трите најголеми се Хауса, Игбо и Јоруба. Овие етнички групи зборуваат над 500 различни јазици, имаат различни култури. И покрај тоа официјален јазик во Нигерија е англискиот.

Ова е најбогата држава на континентот и е меѓу најголемите производители на нафта и гас во светот. Истовремено е и една од најсиромашните држави во светот. Парадокс.

Интересен факт е дека во Нигерија се наоѓа најголемата филмска продукција после Hollywood, наречена Nollywood. Тука живее и Алико Данготе, најбогатиот човек во Африка.

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-34.jpg

Конкретно, во однос на прашањето, не знам дали би можел да ја споредам Етиопија со Нигерија. Сосема различен концепт. Етиопија е држава со пребогата историја и се претпоставува дека почетоците на христијанството се токму од таму.

Луѓето, нивните навики и односот е сосема различен од Нигерија. Во Нигерија се многу попитоми. Но, не би издвоил големи разлики, сепак се нијанси.

Истата мака и тага ги спојува двете држави, а тоа е огромната сиромаштија. Но јас сум заљубен во нивниот дух и начин на живот.

Во сето тоа црнило, тешкотија и беда тие ја гледаат, спознаваат радоста и среќата на животот и борбата со истиот, борба која е исцрпувачка и болна. Борба за живот, која е буквално од денес за утре.

Можеби таа нивна желба за подобар живот, таа нивна насмевка и среќа на лицата, а во душата преголема тага, направи да ги засакам како народ, нација, држави.

Верувајте, Африка е магија, секоја земја тука, на секому од нас може да ни отвори сосема пореални и поубави видици кон светот.

Можеби ќе звучам смешно, но во блиска иднина ќе бидеме сведоци дека Африка како континент ќе биде преубаво место за живеење.

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-32.jpg

Каде живееш во Нигерија? Каков ти беше првиот впечаток за земјата, за местото каде што беше сместен? Колку ти се смени впечатокот оттогаш до денес?

Живеам и работам во Лагос. Да бидам искрен, по Адис Абеба мислев дека не постои понесреден град во светот, похаотичен, раздвижен, бучен, сè до моментот кога не слетав на Murtala Mahameed International Airport и го имав моето прво соочување со Лагос.

Веќе поучен од претходно искуство, си велам полошо и понеорганизирано нема да биде. Влезот во аеродромската зграда е доволен знак да те подготви за тоа што те очекува надвор од неа - апсолутен хаос, неред, галама, несреденост.

Првата препрека, која е задолжителна за влез во Нигерија, е од Министерството за здравство, каде во посредство на СЗО се проверува жолтиот вакцинален пасош и задолжително се мери телесната температура.

Втората препрека е имиграционото биро, каде што владее апсолутен хаос и безредие, врвулица од луѓе, безброј шалтери, но само 3 или 4 работат.

Тука ја предаваш визата (задолжителна за секој странец) и чекаш 40-60 минути додека да дојде на ред нејзино разгледување. Во моментот додека чекаш локалните полицајци, љубезни и насмеани, почнуваат со приказна „Од каде си, зошто си тука?“ за да се заврши со „А имаш ли нешто да нè почестиш?“.

Станува службеникот од шалтерот и силно го извикува твоето име, кое едвај го слушаш и тоа е знак дека визата е ставена во пасош. Приоѓаш на шалтерот и ти вели: „Добредојде во Нигерија“.

Но, патешествието продолжува. Следува подигнување на багажот кој е апсолутно расфрлан насекаде и за да си го пронајдеш потребни ти се минимум 15-20 минути.

Додека збунето гледаш и бараш дали е некаде на страна или можеби на лента, ти приоѓаат преку 10 „овластени“ лица или обезбедување кои ти нудат „помош“ во неговото пронаоѓање.

За момент си реков „Види, види љубезност“. Го наоѓате заедно, истиот носи количка и го носи до излез.

Доаѓаш на царина и само те прашуваат: „Имаш ли што да пријавиш?“.

Е сега, доколку не сакаш да ти се отвора куферот мораш да почестиш и продолжуваш понатаму. Во спротивно ќе платиш симболично. Немав ништо ситно ниту првиот, ниту вториот пат и не знам како поминав.

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-08.jpg

Движам низ ходникот до излезот од аеродромската зграда заедно со обезбедувањето, но одењето крај нема.

Веќе во ходникот забележувам просјаци, дилери на пари кои се „упикуваат“ на секој можен начин и само го барам излезот за да ги најдам Силвестер или Сандеј, лицата кои треба да ме пречекаат надвор од аеродромската зграда. Конечно го гледам излезот и си велам тука е спасот.

Напротив. Прво добивам температурен шок, 38 степени и влажност 90%, врвулица и општ калабалак од луѓе, хаос насекаде, сирени од возила, полиција, војска и гласови од страна кои велат „Oibo, Oibo welcome“ (Oibo е белец).

Приоѓаат просјаци, дилери, жени со дречливи носии и деца и ми пикаат нешто по џебови. Сфаќам за момент дека сум единствен белец во тој мравјалник и таму далеку гледам натпис со моето име.

Вечерно време, скоро полноќ, а мене сонце ме огреа. Се наоѓам со лицата задолжени за мојот пречек и ги гушкам како мои најмили. Движиме до колата и стандард муабет, како беше летот, како е фамилијата, како се чувствувам. Тука следува нареден шок за мене.

Стигнуваме до возилото кое треба да ме превезе до местото на живеење, а пред него стојат униформирани полицајци наоружани до заби кои ме поздравуваат, не ни помислувајќи дека од тој ден до крајот на мојот престој во Нигерија тие ќе бидат мое 24/7 обезбедување.

Едниот од нив, од вкупно тројца, ми ја отвора вратата. Се сместувам одзади. Едниот седнува до мене, другиот на местото на совозачот, а третиот во друг автомобил со ротација.

За момент си помислив: „Јас сум дојден на специјална миротворна воена мисија или да си работам по струка? Добредојде во свет и живот под ротација и сирени“.

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-23.jpg

Лагос е една урабано несредена џунгла, колорит од секаков микс на култура и зданија. Град со апсолутно мешовит стил на градба, град во кој на 500m2 ќе сретнеш измешани стилови, од урбано и луксуз, до беда.

Сè уште не можам да ја дефинирам таа разноликост и стил на живот. Град во кој сè е некако градено без концепт, без идеjа, замисла.

Но можеби сета таа различност го прави за мене возбудлив и убав. Град кој е поделен на полуостровски и островски дел, поврзани меѓу себе со најдолгиот мост изграден во Африка - 12km.

Островскиот дел на Лагос, наречен Викторија ајланд, е сосема друга димензија и слика од останатиот дел во Лагос. Овој дел има излез на Атлантскиот Океан, изобилува со големи, пространи, чисти, песочни плажи.

Дел од градот, кој всушност претставува современ центар, каде можат да се видат и уживаат сите, со прекрасни хотели и ресорти, дел од градот во кој хигиената и чистотата се на сосема друго ниво.

Тука е сместена и најголемата историја на Лагос, како и гореспоменатата филмска продукција. Широки булевари, безброј елитни ресторани во кои еден оброк ќе ве чини минимум 50 долари, бутици на светски брендови, многу зеленило и големи зданија на светски корпорации, каде се наоѓаат најголемите паркови, шеталишта и знаменитости и каде што живее богата елита на Лагос.

Овие делови наликуваат на луксузни авении или предградија во високо развиени држави. И дефинитивно дел од градот во кој ќе се чувствувате сигурно, каде што нема да ви треба придружба, обезбедување.

milosh-boev-rabotam-vo-nigerija-kako-inzhener-policija-so-oruzhje-me-chuva-24-7-edvaj-se-naviknav-35.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Моделот Павле Николовски го посети Исланд: „Ручек во ресторан не е под 150 евра, најевтин бургер е 2... „Исланд е третата најскапа земја во светот, а цените се скоро 10 пати повисоки о...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Нина (25) од Скопје за животот во Унгарија: „Дојдов сама на 18 години, но би се вратила да живеам во... „На прашањето „Дали би се вратила ли да живеам во Македонија некогаш? искрено ќе...
Бранко Илиески за патувањето во Перу: „100 пати да се вратам на Мачу Пикчу, нема да ми биде здодевно... „Во Перу јадат и морски прасиња. Ги печат на жар, како во фурна. Секако дека про...
Битолчанката Дивна 13 години работи на брод: „Од аниматор за деца стигнав до директор на одделот, Ма... „Со оглед дека во Македонија беше тешко да се добие работна позиција по завршува...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg