Оливер Андреевски: „Цел живот посакував да бидам зет на Галичка свадба, aдетот кој го очекувам со нетрпение е бричењето“
Кој од адетите го очекуваш со нетрпение и зошто?
Адетот кој го очекувам со нетрпение е бричењето на зетот.
Како што неговото значење кажува, со овој адет се случува иницијација, односно преминување од една во друга возрасна доба - од момче во маж.
Со овој обичај, зетот, симболично се одвојува од семејството и се приклонува кон својата жена и си основа свое семејство.
Со нетрпение очекувам да го започнам заедничкиот живот со Елисавета во нашата нова семејна заедница.
Како беше избран за галичка свадба? Имаш ли галичко потекло?
Како и секоја година месната заедница во Галичник објавува повик за заинтересирани парови кои аплицираат преку испраќање на свои податоци, мотивација и одговор дали ги исполнуваат критериумите за учество.
Заедно со Елисавета се одлучивме на ваков чекор и ја испративме нашата апликација.
Потоа следеше процес на селекција, после кој месната заедница јавно објави дека токму ние сме избраните двајца за овогодинешната манифестација.
Мојот дедо, од страна на мајка е роден во Галичник во фамилијата Шулески. Иако животот не ми дал шанса да го запознам, она што тој го оставил во духовно наследство на мене и моите браќа претставува безусловна и бесценета љубов и грижа кон семејството и корените.
Одиш ли често во Галичник?
Во секоја можна пригода.
Подготвена ли е партнерката за тешката носија?
Додека траат подготовките има неколку проби, така што веќе е подготвена.
Дали по галичката планирате да направите и свадба во ресторан со гости?
Секако, но тоа ќе го размислуваме откако ќе заврши галичката.
Како одат подготовките за јавање коњ?
За мене ова не е првпат да јавам коњ, а за невестата е. Но, подготовките поминаа одлично и веќе сме подготвени за јавање.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело