Марија од Велес живее во Хамбург: „Се преселивме со другарка, Германците постојано ми бараат ајвар“
Што сметаш дека ние треба да „позајмиме“ од германскиот начин на живот како Македонци, а што тие од нас?
Искрено, верувам дека и двете страни си имаат свои поволности од начинот на којшто функционираат и не сум баш сигурна дали тоа „позајменото“ би функционирало за другата страна и обратно.
Но, би било супер ако почне да се почитува времето и не се доцни. Свесна сум дека некогаш се случува и, ете, некој ќе задоцни, но нас ни се случува некако скоро секогаш.
Покрај семејството, што знам дека безгранично ти недостига, што други ти фали од родниот град?
Ох, многу нешта…
Ми недостасува пица од локална пекара во 3 часот по полноќ, за време на викенд додека музика уште ми одѕвонува во уши. Ми недостасува кафе муабет во двор со најблиските до зори.
Спонтани еднодневни патувања. Ми недостасуваат сите тие мили луѓе кои се виновни за дел од моите најубави спомени кои често ме топлат кога ми е ладно во душа.
Какви се Германците како партнери?
Земајќи го предвид фактот дека сакам да сум со луѓе кои се компатибилни на мојот карактер и водејќи се по моето искуство би рекла дека се доста отворени, искрени и забавни.
Какви се цените во маркетите? Колку е потребно на купување на месечни намирници?
Не би можела да дадам конкретен одговор бидејќи секој месец ми е различно. Помеѓу работни обврски и патувања, јас често не сум дома. Но, не би рекла дека трошам премногу во маркет.
Како се движат цените во ресторани и кафулиња?
Како и во секој голем град, цените зависат од местоположбата на локалот. Некогаш може да платите и 7 евра за кафе, а некогаш и 3 евра. Може да платите 15 евра за оброк, а некаде и 8.
Зависи што сакате и каде сакате да бидете. Убави се сите локали, но мене ми е убаво и да земам кафе од маркет за 2 евра и да уживам на некоја клупа или само да шетам низ град или, пак, да седам некаде во парк.
Што е она што ја прави Германија добра земја за живот, а што е она на што сè уште не можеш да се навикнеш?
Никаде не е совршено и многумина би ви кажале дека таму некаде е подобро и тоа е во ред.
Во овој момент јас сум задоволна со мојот живот и поволностите кои ги уживам во оваа земја. Би тргнала од здравственото осигурување, пензиското осигурување, па сè до правата и заштитата на работниците.
Мора да додадам дека голем предизвик за многумина посебно за новодојдените е дека мора да ги прифатат законите, нормите и правилата кои ги има воведено државата. И не, не може да се јавите некому да ви заврши работа.
Каков е ноќниот живот во Германија?
Хамбург е познат по ноќниот живот. Ако прашате некој за ноќниот живот тука, ќе добиете еден одговор: Reeperbahn. Репербан е најпознатата улица со кафулиња, барови, театри, секс продавници, дискотеки… има за сечиј вкус по нешто. Посебно во летниот период, овој дел од градот не спие и секогаш има што да се прави.
Интересен факт е што Битлси ја започнале својата кариера токму тука, а барот во кој настапувале сè уште постои.
Хамбург е познат по мјузиклите и дел од нив имаат посебни згради специјално само за сите тие изведби. На пример The Lion King е еден од најпознатите мјузикли, исто така и Frozen, Kinky Boots, Aladin, Mamma Mia… а од пред неколку месеци и Hamilton.
Во 2019 година беше премиерата на мјузиклот Tina Turner и на самиот крај таа се појавува на бина како изненадување. Еве, по неколку години, сè уште се зборува за покојната дива и нејзината енергија која Хамбург ќе ја памети.
Кој ти беше најголемиот културен шок што го имаш доживеано до сега на германско тло?
На почетокот ми беше чудно да врзувам безбедносен појас додека се возам на задно седиште, а сега ми е навика.
Научив дека во Германија не постои лошо време, туку лош избор на облека. Да, сосема е нормално да видите луѓе како џогираат додека врне, без разлика дали е тоа дожд или снег. Тие насмеани трчаат и ве поздравуваат додека вие сте се стуткале под чадорот кој едвај ве штити и се преиспитувате себеси зошто баш сега сте морале да излезете од дома.
Исто така, поделбата на ѓубрето. Без грижа, доколку направите грешка ќе се најде некој сосед кој ќе биде доволно фин за да ви остави мал потсетник во поштенско сандаче за правилата на поделбата на ѓубрето и никогаш нема да заборавите дека пластичните отпадоци припаѓаат во жолтата корпа.
Веројатно и начинот на којшто моите пријатели ги облекуваат своите деца во зима. Облечени се нормално и може да се види дека под јакната не носат уште 4 блузи, 2 ќебиња и мини радијатор бидејќи на неговата баба ѝ е ладно.
Какво се однесуваат Германците кон дојденци, дали лесно прифаќаат или се негостопримливи?
Моите искуства се позитивни. Благодарна сум што имале трпение со мене и се труделе да ми помогнат кога сум имала потреба.
Но, во дадени ситуации можеби тоа зависеше и од мене, бидејќи јас сум доста отворена и комуникативна, па никогаш не сум имала проблем да скршам два реда „муабет“ со некој или да прашам нешто повеќе.