Потрошил богатство на пресадување коса, поседува ресторан со Роналдо и Надал – Како Енрике Иглесијас ги троши милионите?
- Детали
- сабота, 06 април 2024
На 18 години си заминал од дома, се откажал од милионите на татко му, а денес има богатство од околу 100 милиони долари, кое го троши на луксузен и безбеден живот за семејството, но и за да им помогне на загрозените и болните. На што ги троши Енрике Иглесијас парите?
Она што е интересно за Енрике Иглесијас (48) е тоа што како син на познатиот шпански музичар Хулио Иглесијас, пораснал со сѐ што некогаш можел да посака да има.
Но, кога наполнил 18 години тој самостојно го снимил својот прв албум, со пари што ги позајмил од дадилката, откако татко му му забранил да се занимава со музика.
Заради ова Енрике одлучил да си замине од домот, да се откаже од наследството и да почне од нула.
Благодарение на добрата музика и плодната кариера, Енрике денес зад себе има голем број настапи, турнеи и концерти, а сето тоа му донесе богатство од околу 100 милиони долари, што не го штеди и го троши за да обезбеди луксузен живот за себе и за своето семејство.
Освен од музиката, Енрике заработува и од своите ресторани во Ибица, Мадрид и Лос Анџелес.
Тој исто така е партнер со Рафаел Надал и Кристијано Роналдо во ресторанот Zela London, кој е мултифункционален ресторан каде што се сервира храна од медитерански производи.
Енрике е препознатлив по скромниот стил на облекување, со маички, дуксери и капи и според многумина тој е „скржав“, но во продолжение проследете ги фактите што покажуваат дека тој не штеди кога станува збор за луксузниот начин на живот.
На што ги троши Енрике парите?
Во 2003-та година пејачот купи стара куќа на остров, како инвестиција. Куќата датира од 1973-та година, па тој вложи милиони за да ја реновира според неговите вкусови. Во 2015-та година ја продаде за 13 милиони долари.
Во 2004-та година партнерката на Енрике, Ана Курникова се појави со огромен дијамантски прстен, по што почнаа да кружат гласини дека парот се свршил.
Прстенот со редок розов дијамант од 11 карати и два помали бели дијаманти чинел околу 2,5 милиони долари.
Енрике долго време беше препознатлив по неговиот стајлинг со капа, но во 2010-та година, одеднаш почна да се појавува на сите настапи со густа коса. Иако тој никогаш не потврди јавно, голем број од таблоидите пишуваа дека тој најверојатно бил на операција за трансплантација на коса.
Како и да е, во последните неколку години, Енрике најчесто се појавува со капа во јавност, а неговата коса можеме да ја видиме само еднаш во годината.
Во 2015-та година Енрике објави фотка на која се гледа како се упатува кон хеликоптер.
Не е познато дали пејачот си купил вакво превозно средство, или, пак, само го изнајмува во оние денови кога сака да го избегне сообраќајниот метеж.