„Њу момент“ е агенција на годината во Европа
- Детали
- понеделник, 14 октомври 2013
Освојувајќи пет Гран-при признанија и едно злато, „Њу момент“ беше најуспешна во конкуренција на 307 други агенции од 26 држави во т.н Нова Европа (Северна, Источна, Централна, Јужна Европа, Русија и Блискиот Исток) кои учествуваа со свои кампањи и решенија.
Македонската маркетинг-агенција „Њу момент“ од Скопје е прогласена за најдобра агенција за 2013 година на „Голден драм“, најголемиот европски фестивал за адвертајзинг, што веќе 20 години се одржува во Порторож, Словенија.
Освојувајќи пет Гран-при признанија и едно злато, „Њу момент“ беше најуспешна во конкуренција на 307 други агенции од 26 држави во т.н Нова Европа (Северна, Источна, Централна, Јужна Европа, Русија и Блискиот Исток) кои учествуваа со свои кампањи и решенија.
- На нашиот јубилеј, 20 години од формирање на агенцијата, „Њу момент Скопје“ докажа дека може рамноправно да се натпреварува со најдобрите од Европа и од светот. Победите на мала сцена за нас никогаш не биле предизвик. Оваа година ги постигнавме најголемите успеси и ги освоивме најголемите европски и светски награди кои постојат во оваа сфера и докажавме дека адвертајзингот нема само комерцијална, туку и уметничка и општествено корисна функција. Ова е успех за целата креативна индустрија во Македонија – вели Сашо Пешев, директор и партнер на „Њу момент“.
Кампањата „Заедничка молитва – 10 метри одвоени“ освои четири Гран-при статуетки во категориите: нови и иновативни кампањи, најдобар настан, најдобра радио-кампања и бренд на годината. Кампањата за годинашниот Скопски џез-фестивал освои Гран-при за најдобар дизајн и злато за најдобра кампања во надворешното огласување.
Покрај наградата за најдобра агенција, регионалниот креативен директор, Душан Дракалски ја доби и специјалната награда Златен часовник, за најнаградуваната кампања на фестивалот „Заедничка молитва“ од проектот за соживот на Владата на Република Македонија.
Во јуни годинава, „Њу момент“ со кампањата „Заедничка молитва“ го освои и Титаниумскиот лав на фестивалот на креативноста во Кан, највисока награда во адвертајзингот, а воедно прва за Македонија и во регионот. Со тоа го потврди епитетот најкреативна и најнаградувана македонска агенција на меѓународното поле на креативноста.