Носталгијата на еден Скопјанец

Порано не ни знаев како се вика, бев дете, копук. Немав пари за такси, ама затоа бев заљубен. Пред некое време прочитав на нивниот САЈТ ,,ноќни линии“ и таму сместена онаа во 12 и 15.

nostalgijata-na-eden-skopjanec

Ама сега тргала од Козле, јас кога чекав порано во 12 и 15 и 14 беше на Рекорд па стигнеш ли супер, утнеш ли пешки, пошто немаше друга. Сега има и во 1 и нешто па и во 3.

И ако се чудиш што зборам, а знаеш, бар сигурен сум повеќето знаат 57ца бе брат од ЈСП. Секогаш најстарата, најкрнтијата. Секогаш ја вози некој подостарен шофер без волја за живот.

Денеска после многу време пак. На истото место, кај дрвото... до знакот. Еј мајката, од кога не сум чекал автобус ноќе. Или воопшто автобус. Застанав и пак како порано. Скоро секој ден, во 12 и 14 таму, некогаш среќен некогаш нервозен, ама никогаш осамен. И плус заљубен. И едното те исто. Од лево око се надзира Аптека. Аптека која буди СПОМЕН ВО МЕНЕ. Замисли.. Аптека. Исто како пред неколку години, исто.

Семафорите. Малку сменети, сега има едни, додуша никогаш не сфатив зашто имаше ПАР семафори таму, ама ете се нашол сега некој помогнал, направиле. Позади мене (дрвото) на автобуска и истите фаци човече и денес. Некои ти се мили, некои не можеш да ги гледаш па затоа не се мешаш таму. Си чекаш автобус. Среќни парови се бакнуваат на брзина, да не им побегне автобусот. Некој на телефон се кара, некој дреме ко мене...

Карши мене, театарот. Детскиот. И 2 минути секогаш трошам на читање претстави. Сиљан Штркот, Лисицата и Штркот, Алиса во земјата на чудата... И понекогаш многу ми е криво што не сум влегол таму. Скоро секоја вечер во 12 и 12 или 13 минути си помислував еве може утре да отидам? Или срамота е? Деца мали идат. Кукли играат... И сè така во круг. И никогаш не отидов. Лут сум и на мајка ми што не ме однела.. ама само малку лут.

Десно од театарот некои дуќани и ЛЕВИС. И денеска тука, и си го читаш буква по буква Л-Е-В-И-С. И си викаш скупо е, еби му матер. Киосците на ќошот и секогаш истата мисла... Ете го најстариот во Скопје, тој ептен на ќошот така ми кажа мама, а таа не лаже во право е, секогаш. Прв е стварно! И пак погледот кон Театарот за деца, сега над него. Кој ли живее во оваа зграда. Тука баш во Центар. Порано мислев дека се некои посебни луѓе, фаци.. сега знам стари луѓе или канцеларии. Кој ќе ти живее таму бе не зезај...И дур си трепнал иде автобусот...

Се собира бран од луѓе. Овој по навика отвора само предна па на сила се отвораат и другите. Полн автобус, пола шверц пола поштени. Јас некогаш идев шверц... немав пари. Ама бев заљубен. И си седнуеш на столчето. И денес си седнав. И исто, ама баш исто. Уствари не, духот исти ама нешто е поразлично.

Лево очекуваш ФРЕШ, добиваш порта. ОГРОМНА нова порта. А во мое време се знаеше, се чекаш на Стоилко или на Фреш. Дур се соземам од неа паравани насекаде. Се гради бе човече. Фасади. Парламентот го прават. Современ.

Скоро до семафорот, се свртев лево накај Жена Парк. И таму се гради. Споменици пак. Личат, не се лоши. Убави се, ама позади нив трговскиот СТАРА ПРИКАЗНА. Ги баталив се свртев кон Градска. Веќе на семафорите. Сега малце понова со фасадата, во глава ми се останати оние мали црвени коцкичиња. И како по обичај секоја вечер така, па и денеска не се пропушта. Си ја барав собата во која имав стаж, си броиш ен два три ен два три ЕЈ КЛИМА СТАИЛЕ, порано немаше! И си ја наоѓам и како по обичај свети. Цело време ли пати некој таму... Ја одминав и Градска.

Цвеќарата до Национал - класика, од лево ГТЦ и оп мал шок. Не застана на РАБОТНИЧКИ. Извадени трафиките. Ми падна тешко на душата. И тие беа дел од мене, а можеби и дел од Скопје. Од Кирпи фамилијата продаваа сончоглед таму, добар, солен, црн! Застана малку понатаму, ама навечер ретко кој чека таму. Се качи некој залутан. 100 посто му било поблиску Бит пазар, ама не чека никој таму. Не само сега уште од времето избегнуваат да чекаат таму.

Стигнавме до мостот, а го одминавме Гранд Хотел и трафиката. А веќе карши мостот нови згради. Убави лични. Големи. Суд, министерства.

Близу МОБ жива темница. И пак истата слика, како им го прават првиот рекет на моите другари. Не бев таму ама секогаш си замислував. Им земаа по некој телефон 3310, во тоа време најјак телефон.

Одиме кон семафорите. Сега има и одбројувач на секунди. Порано немаше, и сам си броев... без везе, онака не оти знаев кога отвора кога се затвара. И до Бит Пазар празно, ко што реков никој не чека автобус таму, ниту па се симнува. Пустелија жива... сè до Јаја Паша, а па таму спротивното. Музика, луѓе, чај, донер ... Ако, тука има некоја посебна душа градот, секогаш сум им завидувал. Го поминав и ХАМЗА донер мојот омилен донерџија. Порано имаше мини дуќанче сега направил дуќаниште. Се загледав во него се замислив и ми помина мислата, веќе стигнав до месарата Горен Чаир, а таму нит месара нит ништо. Побарав со очите, ГИФТ ШОП. Хулахопки, долен веш, ау, ако... се менуваат времиња бизниси доаѓаат и си одат.

57цава едвај се движи хрчи грчи, прва втора прва втора, повеќе нема. Празни улици лесно се вози. Навлеговме во Бутел. И секогаш посакував да продолжи право! Под подвожњакот, дека со кола татко ми секогаш одеше од таму. Ама не...вртеше лево кај убавите куќи и новите згради. Си мислев порано кога се правеа зградите дека само будали би купиле стан таму. И од лево не може да ми избега, трафиката каде што прв пат пазарев. Се викаше НАТАША. Сега се разбира пропадната, но стои таму, скоро мислам дека ќе ја носат за старо железо. Додека се насмевнував на мојот прв купен чипс скоро и да ја поминавме Бензиската. Таму МОЕ МААЛО, душа на место, скоро сум дома. И стигнав.

Се симнуваш со главата доле да не те замараат фаците.. што ги неќеш. И одиш по патот по кој они нема да одат. И луѓе пак почнав да бројам. Чекори... до дома. Секогаш ги броев. 1, 2, 3, 4....20, 21...100... кај фурната карши полицијата, 210 кај Бупа, 340 на кривинка , 449 пред куќа. Секогаш исто. 

Некогаш насмеан и среќен ја отворав вратата. Денеска малку онака. Осамен, оставен на минатото и на деновите кога си доаѓав со бус. И осамен. И не толку заљубен. И кучето ко мене, тивко, не му се отвора уста. Ме испрати со поглед. Влегов дома. Порано пазев да не разбудам некој, сега ич не ми чуе. Лупам, шлакам си влагам во соба. Прва работа си палам компјутер, а денеска и го пишав ова. 

Скопје е град кој ме ЕЖИ. Ноќната Линија на 57ца е нешто што тера да се сеќавам на убавите спомени. Навидум сè различно, во душава исто. Во воздухот истиот мирис. СКОПСКИ. Во автобусот истиот мирис СКОПСКИ. Во срцево истата љубов.. СКОПСКА!

Текстот ни го испрати Никола Дионисијев кој веќе подолго време не живее во земјата.

Би можело да ве интересира:

Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg