Крај на претставата

Тргнав без да сакам да си одам. Заминав, а толку сакав да се вратам. Чекорев гордо, без да ја свртам главата.

kraj-na-pretstavata-01

Мислеше не ми е грижа. Мислеше бесчувствителна сум. И јас си мислев: „Не му е важно. Ако му беше ќе кажеше нешто“. Продолжувам бавно, но цврсто да чекорам.

Ти го чувствувам погледот на грбот. Ти го чувствувам здивот во косата. Некако мислам дека ти ја почувствував раката на рамото.

Застанав. Ми дојде душата на место. Знаев. Не ме пушташ ти тукутака. Ме сакаш.

Еве сега ќе се завртам со најголемата насмевка што никој нема да ми ја симне, бидејќи е само за тебе. Ти ќе ја чуваш и насмевката и сјајот во очите. Доволно е.

Може и овде на сред пат да останеме за навек. Еве сега ќе ти се фрлам во прегратка. Нема да ме пуштиш.

kraj-na-pretstavata-1

Во истиот дел од секундата веќе видов како ме креваш и вртиш. Косата ми лета на сите страни. Трчаме кон врвот на планината, како кога бевме деца.

Секогаш ме претекнуваш и застануваш да ми подадеш рака. Стигнуваме на зајдисонце и остануваме до глува доба, броиме ѕвезди и се лажеме дека е пострашно да се симнеме, отколку да останеме на врвот до изгрејсонце.

А врвот го носиме секаде. Врвот е во нас и со нас. Дното на езерото од другата страна ни беше врв на лудоста и вљубеноста. 

kraj-na-pretstavata-2

Да, да еве сега ќе се свртам, знам дека долго чекаш. Ги отворам очите полека и земам воздух. Подготвен? Еве ме!

Темни облаци. Грмотевица. Татнеж кој го распарува небото како да го дели на пола.

Шамар кој моето скаменето лице не го чувствува. Пукотница која убива сѐ живо во мене. Празна патека.

Од зад планината само громогласно смеење. Ни трага ни глас од тебе. Уште стојам.  

Ироничен аплауз. Спуштена завеса. Крај на претставата.

kraj-na-pretstavata-3

В.М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Никогаш не бев вртоглаво вљубен во мојата сопруга“ - Исповеди на мажи како завршиле со жени што не ... „Никогаш не бев вртоглаво вљубен во мојата сопруга. Се грижев за неа и секогаш у...
Како да познаете лош (или насилен) партнер уште во првите шест месеци од врската? „Ако има навика да ве грабне за рака и да ве повлече силно кога сака да го следи...
Наш психолог открива интимни исповеди на мажи од Македонија: „Ниедна жена не ме разбирала освен елит... „Маж обично почнува со телефонски повици едно 5-6 пати за да ги собере сите потр...
Сингл девојко, добар маж доаѓа - и кога ќе те најде, ќе му заблагодари на Бог што си чекала Ти си токму таа жена за која добар маж се моли. Tаков маж постои. Тој се моли за...
Психотерапевтот Стојан Мишиќ вели: „Само покрај жената, љубовницата има смисла - кога ќе ја снема же... „Од љубовницата мажот добива признание дека е алфа, но оној момент кога ќе прест...
Психотерапевт вели: „Сега луѓето се разведуваат поради прашина, за работи на кои мајка ти или дедо м... „Сега луѓето се разведуваат поради прашина (односно за глупави и банални работи)...

Најчитани неделава