Викенд предлог: Куклица

vikend-predlog-kuklica-povekjeКако што знаете секој петок објавуваме ваши статии посветени на убавините во Македонија кои за време на викенд вреди да се посетат. Една таква...


...убавина е и Куклица. Ви звучи познато? Веројатно не, затоа што од сите оние луѓе на кои им го споменавме ова место речиси никој не знаеше што е тоа и каде се наоѓа.

Да не должиме, Куклица е место во близина на Кратово, старо преку 10 милиони години, кога сè уште немало луѓе на Земјата!

Според легендата, во селото Куклица се случила огромна трагедија. Момчето, во кое една девојка од Горно Маало била смртно вљубена, се оженило со друга од Долно Маало, поради што девојката во очај ги проколнала младенците.

vikend-predlog-kuklica-1

Кога дошол денот на свадбата, сè било во ред: се собрале сватовите, и сите останати гости со што веселбата можела да започне. Но, клетвата се остварила во моментот кога младенците се бакнале и сите гости на свадбата биле скаменети. До ден денешен на тоа место можат да се видат скаменетите зет, невеста, кум, кума и сите останати сватови кои сведочат за гневот на несреќната девојка.

vikend-predlog-kuklica-4

Локалните селани го викаат местото "Весела свадба" затоа што сватовите останале насмеани, а младенците скаменети во нежна прегратка. Поради овие скаменети "кукли", и местото го добило своето име - Куклица. Истите луѓе раскажуваат дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но никако не успеале во тоа.

Од друга страна пак, научниците тврдат дека вертикалната ерозија на вулканските карпи ги создала "кукли" повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во својата околина. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Како и да е, ваква "свадба" нема никаде на светот и ова место е заштитено од Агенцијата за природни реткости при Министерството за животна средина. Нешто слично има само во Србија, во местото Ѓавоља Варош.

vikend-predlog-kuklica-3

Овој локалитет сè уште не е целосно истражен, но се верува дека со текот на годините и понатамошната ерозија на земјиштето ќе се појават уште многу кукли кои можеби ќе одговорат на прашањето: “Што се случило со несреќната девојка?”

Доколку решите дека Куклица ќе биде ваша дестинација за овој викенд, мораме да ве информираме како до таму да стигнете. Иако уште на самото исклучување за Кратово на патот Куманово – Крива Паланка има знаци кои ве водат до Куклица, сепак ќе дојдете до Крива Река која што пред речиси една година со својот водостој и брзина го срушила мостот кој ќе ве донесе со автомобил Куклица. Но, сепак доколку решите да го паркирате автомобилот, без проблем ќе го поминете мостот, ќе свртите лево и со 15тина минути пешачење ќе стигнете до ова ремек дело на природата.

vikend-predlog-kuklica-5

За жал, кога ќе пристигнете таму, нема кафуле или ресторан каде би седнале, туку едноставно ви останува да се воодушевувате на тоа што природата ни го подарила.

-

Вие во секое време можете да ни праќате ваши статии со предлози за места кои вредат да се посетат во Македонија како и фотографии од истите на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Секој петок ќе објавуваме по еден предлог за викенд посета.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg