Марија Ѓурчиновска, вљубеник во природата: „Ранецот секогаш ми е спакуван, на планина сум подготвена за сè“

Марија Ѓурчиновска од Скопје е вљубеник во природата, во планините, во спортот, тие се нераскинлив дел од неа. По професија е правник, но креативната страна во неа е насочена кон фотографијата и раскажување на своите истражувања на нашата земја.

marija gjurcinovska vljubenik vo prirodata ranecot sekogas mi e spakuvan I sekoj koj odin na planina treba da bide podgotven na se 2

Поразговаравме со Марија и таа за CRNOBELO.com открива моменти од нејзините авантури и зборува за љубовта кон природата...

Самата таа својата Македонија ја доживува како прекрасно парче земја кое не е доволно вреднувано, почитувано и чувано од своите граѓани.

„Пред странци Македонија ја претставувам како мала прекрасна држава, со многу природни убавини, превкусна храна и дружељубиви луѓе.

Како рај за планинари, со навистина многу планински врвови кои чекаат да бидат искачени и интересни места кои чекаат да бидат откриени“, споделува Марија.

„Летово за жал посетите на планините ни беа ограничени. Планинските пожари ни донесоа забрана за движење на планините, па бројните тури кои ги планиравме за летово ќе ги реализираме во претстојниот период.

Но, сепак ова лето имав можност да го посетам источниот дел на Македонија, прекрасната Малешевија која за жал настрада за време на пожарите. Тоа е предел кој го препорачувам на сите кои сакаат буквално да одморат душа.

Има прекрасни лесни патеки за пешачење и за возење велосипед, има интересни места за посета, мноооогу вкусна традиционална храна. Не може да одиш во тој крај, а да не го пробаш овчото сирење, мармаладите од јагоди или боровинки, медот… Сè е прекрасно!“, раскажува Марија.

Нејзините топ 5 места што секој Македонец треба да ги посети во Македонија се: Долна Лешница, Манастирот Трескавец, Корапски водопад, Пелистерските очи, изворите и водопадот на река Бабуна.

Кога станува збор за други дестинации, Албанија е една од нив што ја воодушевила Марија. Летово поминале една трекинг патека низ два национални парка во Проклетије, и нив ги опишува како Алпите на Балканот.

„Од Валбона се движевме до Национален парк Тет, а оттаму до локалните атракции, водопадот и езерцето наречено Сино око.

Ме воодушеви напредокот кој го имаат направено Албанците кога станува збор за планински туризам. Долгата трекинг патека е убаво маркирана, а на две места има дури и „планински кафулиња“ каде може да се направи пауза за кафе, вода, сок, пиво и нешто локална храна.

Селцето Тет изобилува со сместувачки капацитети, а гости има од цела Европа и подалеку“, раскажува Марија, чиј планинарски ранец секогаш е спакуван, само додава храна, вода и нешто облека.

Според неа најважната работа кога станува збор за планинарење е дека секој треба да биде подготвен на сè.

Затоа планинарите носат толкави ранци, резервна облека, прва помош, храна и милион ситници за не дај Боже ситуации. Добрата подготовка автоматски ги решава бројните непогодни момент што можат да се случат.

„Исто многу важен аспект е следењето на временската прогноза. Практикуваме да проверуваме од повеќе извори, а на лошо време нема лезет да се оди. 

На врвот Караџица минатото лето на прогноза за можност 10% за мали врнежи дожд ни заврна град, па ставање набрзина кабаници и брзање надолу.

Се случуваат многу вакви ситуации, затоа добрата подготовка е најважна“, се надоврзува таа, која не заминува на патување без телефон, полнач и power bank.

Ако треба да организира своја сопствена тура за странски посетители би почнала со прошетка во Скопје и околината, заедно со Матка.

Потоа би следувала Шар Планина, по некоја планинарска патека со убаво место за паузите, по ова на ред е Маврово и Кораб со Бигорски манастир и Дуфскиот водопад.

Не го одминува ниту Охрид со прекрасните погледи од Галичица и Јабланица, а вели дека мора да се види и петтоигличниот бор – молика на Пелистер, а турата би ја завршила на истокот, поточно во Малешевијата.

„Секоја фотографија ми има своја приказна, буди поинакви емоции… Тоа е она што сакам да го пренесам преку фотографиите – моето доживување на нештата во тој момент“, ни открива Марија, а на многу свои фотографии е посебно горда.

Ги издвојува моментите од изгрејсонце на врвот Љуботен, секогаш ја импресионираат Нежилови стени под Солунска глава.

Многупати има одено таму и секогаш различно ги „уловува“ со комплетниот пејзаж и облаците кои таму се постојано во движење и даваат поинаква слика секоја секунда.

Периодот повторно планира да продолжи со неуморно патување низ Македонија, а посебно има желба да ги доистражи Беласица, Кожуф зашто тие делови најмалку ѝ се откриени.

Автор: Е. Х | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg