Искуство од Полска - ладна земја со топли срца

Толку малку време и простор, а толку многу да се каже. Сè уште не сум запознала човек на планетава што не сака да патува. Страствено се впуштав во секое мое патување. Едноставно како да живеам за тоа.

iskustvo-od-polska-ladna-zemja-so-topli-srca-01

Паралелно со тоа ги сакам странските јазици , па добра комбинација беше патувањето да се зачини со праксата која ми ја пружи АИЕСЕК Скопје, која ми овозможи патување , едукација и подобрување пред се на англискиот , а потоа и на другите јазици.

Крај на месец септември 2013 година , јас со мојот огромен куфер како да се телепортирав во милионската и масивно изградена Варшава. Градот на Народниот музеј, на филхармонијата и на 66 образовни установи. Прво што слушнав беше едно момче кое пријде прашувајќи ме нешто на дотогаш неидентификуван јазик. Одговорот мој беше јасен ,,Извини , но не те разбирам’’ а тој љубезно ме праша на англиски дали ми треба било каков вид на помош за мојот куфер”. Искрено?! Ми дојде како кец на десетка. После одмор, преноќување и разгледување на Варшава со сите занимливости и историски споменици , се упатив до Торун – Градот на младата популација. Таму мојот координатор на групата љубезно ме пречека и организира забава по повод моето доаѓање во Полска. На забавата се запознав со многу членови на  АИЕСЕК од целиот свет, со кои не ми требаше многу време да се вклопам. Сите бевме дојдени со ист план авантура, пријателство,позитивна енергија и едукација. Планот беше преку проекти да се претстави државата од која потекнуваме. Имав доста материјали за нашата Македонија, за убавините кои ги поседува, за историјата која ја има во изобилие.

Понеделник , работен ден. Првата недела отпатував да работам во Иновроцлав . Беше град на еден час оддалечен од Торун. Со моите колеги Мајкл (Египет) и Мерве (Турција) оставивме одличен впечаток со нашето појавување во Гимназија бр.7 .Улогата не беше баш лесна и едноставна. Требаше секој да ја претстави својата држава во најдобро светло и да допре до учениците.  Учениците заинтересирано ги следеа моите предавања за претставување на Република Македонија со сите обележја и долговечната традиција која ја доловив со приказ на македонски ора и традиционална облека која долго време им одвлекуваше внимание на учениците. Потоа се развиваше неколкучасовна дискусија за се она што не им беше јасно . На крајот од неделата сите ученици изработуваа проекти , дискутиравме на разни теми поврзани со Македонија, како и игравме доста игри поврзани со настани , географски поими или имиња поврзани со нашата земја. Како една од најуспешните игри во целиот проект беше ,,memory game,, каде на таблата имав напишано некои поими и имиња поврзани со Македонија. Задачата на учениците беше да ги затворат очите а јас за тоа време да избришам некој збор од таблата. Со дигање на рака одговараа кој збор недостига и што точно претставува тој поим, што точно знаат за поимот.

Втората недела ја поминав во Липно и Стеклин , тоа беа две помали гратчиња но полни со љубов. Моите обврски околу претставувањето на Македонија преку презентација ги извршував многу вешто. Во овие две места имаше исто така доста стара историја и научив многу нови работи за секојдневието на полјаците.

Останатите четири недели ги поминав во Торун , градот од каде се започна. Една недела поминав во градинка со деца на возраст до 5 години . И тоа беше едно убаво искуство. Учеа бројки , букви , го боеа македонското знаме, пееја песни и појавија заинтересираност за македонската азбука па почнаа да ја учат. Со учениците од средните училишта сè се одвиваше доста добро , секојдневно напредуваше заинтересираноста за нашите држави како и нивниот поттик за говорење на Англиски јазик. Нашата мисија беше исполнета, им влеавме на учениците знаење и волја за учење странски јазици. Ги поттикнавме да размислуваат за различни култури и обичаи .

Исто така, морам да напоменам дека за викендите не останувавме мирни па често се договаравме да заминеме негде настрана, во друг град.

И помина доста време после мојот престој во Полска, а јас сум сè уште под импресии. Добив доста пофалници , се стекнав со животно искуство, дознав нова култура, нови обичаи . Ги подобрив моите комуникациски способности , стекнав доста пријатели од целиот свет. Му благодарам АИЕСЕК од се срце за ваквата можност.       

Елена Трајческа 

iskustvo-od-polska-ladna-zemja-so-topli-srca-02

Доколку и вие сакате да искусите ваква интернационална приказна аплицирајте за програмата за волонтерски пракси Global Citizen.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg