Крајно време е да се помирам - ќе спијам кога ќе бидам пензионерка

Наутро кога ми труби алармот, додека го исклучувам, само една мисла ми поминува низ главата: „Леле кога ќе се вратам дома колку добро ќе се наспијам. Одма ќе си легнам, само да дојдам дома!“

konecno-vreme-e-da-se-pomiram-ke-spijam-koga-ke-bidam-penzionerka-01.jpg

Денот вообичаено се влече како црево, а јас се обидувам да останам будна, слично како Том со чкорчињата на очните капаци. Си ги штипам образите, се давам во огромни количини на кафе и си повторувам – Немој да заспиеш, не ти се спие, не жено, не давај се!

Со стрелките на часовникот стануваме едно, се слевам со секое нивно помрднување и иако ова е можеби еден од најдолгите денови во мојот живот, му доаѓа некако крајот.

Конечно слобода, тргнувам накај дома. Како што љуби Марфи, задолжително некој сака да се видиме веднаш после работа, да испиеме по едно кафе или пиво, да си помуабетиме за живејачката. Зошто да не, стискам заби и си велам – Ќе издржиш, не биди плачка. Млада си.

Се прибирам дома. Моето негибнато кралство на сонот ме дочекува со тишина нарушена од звонењето на телефонот. Тоа се само моите родители, и токму сега мора да дискутираме важни нешта, како политика, сметки, свадбата на третиот братучед, што јадев, што ќе јадам утре, дали врне во мојата населба или само во нивната или можеби во двете...

Будна и ококорена, откако ја поминав 16-тата криза за спиење, удобно се сместувам пред тв и ги гледам сите можни серии на репертоарот... Како да не постои утре, сите можни епизоди мора да се изгледаат вечерва!

Конечно, најконечно некаде пред полноќ, решавам да си легнам. Ќе спијам! Ќе спијам и никој ништо не ми може. Ќе се наспијам ко човек, ќе се наспијам за сите пари на светов, си заслужив и никој нема да ми до одземе моето право на сон.

Легнувам, ги затворам очите. Добро, нормално е да не заспиеш веднаш, телото ти е премногу уморно, мозокот уште ти процесира информации, ова беше сепак еден долг ден.

Поминаа само 20 минути, ќе заспиеш кај и да е... 40 минути... Нешто чудно крцка. Од кај доаѓаат тие шумови? Страв ми е да станам и да ѕирнам, се тешам дека при промена на топло/ладно време, паркетот се менува и самиот си испушта звуци. Или си живеам со мали црвчиња, а тие кампуваат во паркетот. Добро, мора да е тоа.

Ама е светла ноќта, месечината сјае ептен вечерва. Леле, да си бев сега на одмор... Ќе си лежев на плажа во ниедно време од ноќта и ќе си ја зјапав месечината... Каде ќе одам на одмор оваа година? Чекај, немам баш пари за одмор. Ќе заштедам. Од што да си скратам? Дефинитивно треба да прекинам да ги купувам сите тие непотребни грицки и чоколади. И да не шетам толку по кафиња.

Требаше и да ослабам досега, каде ќе одам бе волкава на одмор? Наместо да си почнев навреме со диета, сега ќе му ја мислам... Проста. Леле спиј веќе!

Надвор заврна. Добро е, на дожд многу убаво се спие. Се вртам на другата страна, таму е потемно, не го гледам блесокот на месечината. Ќе се успијам кај и да е...

Колку се изнервирав денеска на работа, леле, секој ден ми е полош од претходниот... Па биваше ли таа гуска да ме изнервира толку многу? Секој ден си викам – нема да се нервирам и се нервирам пак, па поголема гуска сум од неа. Толку, бидна, нема да се нервирам веќе за такви, крај, точка.

Ќе врне ли утре отсабајле? Којзнае кај ми е чадорот... ич не го сакам, каков грд скапан чадор, раскантан. Сакам нов чадор, огромен, од тие што менуваат бои кога ќе дојдат во допир со вода. Јухууу... ама се кул тие чадори. И од оние рибарските чизми за дожд сакам, никогаш не сум носела. Сиви со црвени точки, каде има бе такви да си купам?

Чекај ма, треба да штедиш, нели ќе одиш на одмор, чадори ќе купува... Свашта.

Часовникот покажува малку после 2. Е добро де, ехеее, до 7 сабајле време и време има. 5 саати сон, кој луксуз е тоа. Некој ни толку не спие. Тие на граница не спијат, дежурните во болница не спијат... малку ми зуе увото денеска, од што може да ми е? Од ненаспаност или инфекција? Не сум била досега на преглед за уво, тоа е една од работите за кои цел живот се молам да не ме здоболат, ко заб или слепо црево. Ама сум видела како ги чистат ушите со вода, бљак, има една кадичка и таму излегуваат сите прљавштини што ти живеат во увото...

Ѓубрето да си го фрлам сабајле, не заборавај еј, ќе ти се усмрди цел стан. Којзнае дали има нешто расипано во фрижидерот, тоа пластичното со торта од мама веќе недела дена како си седи. Еј мама, зашто ја откачив толку брзо на телефон? Каков идиот, извини мама, утре ќе ѝ се јавам да си поправиме муабет...

Тик-так... нешто пред 5, кај и да е, ќе се раздени уште малку. Мислам дека ме фаќа дремка. Заспивам, конечно заспивам.

Што да облечам утре за на работа? Којзнае дали зелената кошула ми е испеглана. Ќе станам да видам. Не е. Подобро сега да си ја средам, отколку сабајле, да си скратувам од сонот, па не сум будала. Ќе ја испеглам набрзинка. Готово, супер. Спремна сум.

Овој плакар дефинитивно треба да се среди. Зашто бре не си од луѓето што редовно си менуваат летна и зимска гардероба, па вакумираат ствари во тие ќесите, тебе сè ти е каша-попара. После се чудиш зашто немаш што да облечеш.

Зошто не си ја изгледав последната епизода Girls? Демек, најдоброто за крај, си го чувам за утре. Како не бе, сакам да знам што ќе се случи, и така ќе има само уште една сезона.

Алармот ѕвони. Се штрекнувам од помислата дека е ново утро.

Па добро. Ќе спијам кога ќе станам пензионерка.

(О) Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Плажите на Вардар, езерото Треска и базенот под Кале - Носталгија за скопските лета Скопје и лето, тоа е таа пеколна комбинација, од која секоја сака да избега што ...
„Болните стануваат од кревет“ - Легендите за чудотворниот камен во скопско Горњани и Црната Богороди... Во манастирот Свети Никита на Скопска Црна Гора верникот застанува со лицет...
Некогаш првачето чекаше прва петка на рачето, денес - скапи патики и фотосесија за на Фејсбук „Денес, првиот училиштен ден е посветен за ставање на фотографии на Фејсбук и вк...
Живеам во Стојаково: Зошто избирам да живеам во село, наместо во град? Тука се живее послободно, трчаме на сопствена земја, се движиме послободно и без...
Нова година некогаш и сега: Сè се смени, останаа исти само руската салата и кифличките Иако скоро сè се смени во поглед на славењето на Новата година, трпезата остана ...
Цртани филмови што ќе им разбудат носталгија на сите што растеле во 90-тите – Се сеќавате ли на нив? Ну, погоди зајец! – Колкумина од вас се сеќаваат на времињата кога на телевизија...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg