Постојат одлични, просечни и лоши професори, првите се најмалкубројни рипки во морето

Од неколкуте жени кои оставиле трага во мојот живот, професорката по македонски јазик во средно училиште е една од оние силни женски ликови кои ќе ги паметам додека не издишам.

Postojat-odlicni-prosecni-i-losi-profesori-prvite-se-najmalite-ripki-vo-moreto-01.jpg

Запишувањето и првите впечетоци од моето средно образование не беа за пофалба, сè додека не ја видов класната за која зборувам. Таа беше како некоја светлина во тунелот, инспиративна, гласноговорна и борбена.

Ние очигледно бевме навикнати на малку поинаков третман од основно, мислевме дека знаеме многу, па огромната тројка на првата писмена по македонски ми дојде како огромен шок. Кога се упатив да прашам зошто имам тројка, професорката ми објасни дека е благо разочарана од составот, очекувала подобро и повеќе, очекувала став. Не нешто што јас сум мислела дека таа сака да го прочита, туку она што јас сакам да го кажам.

Тоа беше пресвртниот момент, на она измачувачко пишување состави и учење на истите напамет и тајни молитви да се погоди онаа тема за која си се подготвил најдобро.

Сите следни писмени ги поминав без никаква специјална подготовка. Пишував најдобро што умеев, изразувајќи го моето мислење. И поминаа одлично.

Таа нè насочуваше кон критичко мислење, точно знаеше кој за колку и за што е способен и нè туркаше кон знаењето. Ниту еден час не ми бил поинтересен. Ме боли кога слушам деца како велат дека умираат од досада на час по македонски јазик. Но, не ги обвинувам, ја немале неа, ниту некоја слична за професорка.

Треба да имаш способност, талент, дарба, трпение и многу љубов да натераш деца на возраст од 15-16 години да истражуваат околу некоја одредена тема, да се заинтересираат на своја лична иницијатива, лакомо да ги голтаат книгите од библиотека. Тоа го може само добриот професор, а такви се ретки како игла во стог сено.

По некоја несреќна игра на судбината професорката по македонски се смени во трета година средно. Оваа, за жал, беше целосна спротивност од првата. Сакаше да го слушне од учениците тоа што го беше наумила. Сакаше да го повториш како папагал нејзиното мислење и да се согласиш по секоја цена. Се учеше напамет, шаблонски, без душа.

Немаше интерес за размислувањата на учениците, не поттикнуваше дискусија, не нè охрабруваше. Имав чувство дека ѝ е смачено од светот и животот и учениците. Ваквите ги има еден грст. Се множат како печурки по дожд.

Но, нејзината малодушност и незаинтересираност не ме сопреа. Напротив, во главата ми ѕвонеа само зборовите и советите од старата професорка и ме водеа напред, детерминирајќи ја мојата идна професија, љубовта кон книгите, кон мајчиниот јазик. И не само тоа, таа едноставно имаше мудрости за животот општо, за семејството и другарството.

Таа беше и професор и другар, но со доволна доза на авторитет да те погледне строго и да сфатиш дека е време да замолчиш. Време за смеа и за тишина, време за будалаштини и за учење.

Години подоцна некако се најдов повторно низ ходниците на старото средно училиште и не одолеав да ја побарав нејзината училница. Часот беше при крајот, го слушав нејзиниот глас, толку силно моќен и нежен истовремено. Си ги тенчеше гласните жици да биде слушната и разбрана, едноставно не се штедеше кога стануваше збор за пренесување знаење.

Им завидував на сите деца седнати внатре. Одеднаш посакав да сум повторно дете, да ги слушам предавањата, да ги анализирам ликовите, да учам за минато-идно време, без никаква грижа на светот.

Часот заврши и професорката излезе после толпата дечиња. Јас само срамежливо прашав: Се сеќавате на мене? Секако дека не очекував да ме препознае, бев подготвена да го кажам името и класот и генерацијата. Невозможно е да паметиш толку деца.

Таа само замижа, додека сонцето ѝ прелетуваше низ ликот. Ги отвори очите и го изговори моето презиме. Никогаш не сум се почувствувала поспецијално. Срдечно се изгушкавме, ѝ објаснив што работам, што сум завршила. „Секој друг факултет ќе ти направеше вистинска штета“, се насмеа. И мене ме облеа толку среќа, толку топлина и љубов каква не сум почувствувала во текот на целиот мој образовен век.

Ете такви учители и професори треба да се множат. Што ќе паметат имиња на 10 генерации, а не што не можат да ги запаметат имињата на децата во еден клас.

Што ќе инспирираат, што ќе нè учат на борбеност и барање правда, а не покорно наведнување со главите. Што ќе се борат да ти пренесат знаење, не такви што ќе зеваат и ќе си зјапаат во ноктите додека не ѕвони.

Професори што ќе се трудат да те запознаат, да те насочат, да го извадат максимумот од тебе. Што ќе имаат онолку страст, посветеност и љубов за сопствената професија и последниот, како и првиот работен ден во кариерата.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Се сеќавам на маалото од моето детство – Си игравме на неасфалтираната улица, се криевме во гаражата... Кога сега ќе погледнам што сè е останато од моето маало, се запрашувам дали стан...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg