Дури и врвот на елката е темен поради твоето отсуство

Ги вклучив сијаличките, некако се намачив додека да наместам сѐ. Скршив еден од твоите кристални лампиони мила моја, прости ми, ти беше многу поспретна во сите тие украсувања. Ја наместив елката и конечно го сменав тој климав дел на долниот крај за кој ти секогаш ме прекоруваше.

duri-i-vrvot-na-elkata-e-temen-poradi-tvoeto-otsustvo-01

Со децата се слушнав пред некој ден, беа на тие Божиќни пазари во Германија за кои раскажуваа секогаш, а јас и ти не отидовме поради оправдание дека веќе сме стари, будалетинки, требаше да те грабнам за раката за да го доживееш тоа светло кое го раскажуваат и тој дух кој тука веќе воопшто не се чувствува. Знам дека би ти се допаднало.

Го запалив свеќникот со три жолти свеќи и панделките на долниот крај, кој ти секогаш обожаваше да го поставиш на масата за празниците, ја поставив твојата рамка од другата страна, наместив мало чаршавче, можеби за првпат, знаеш дека јас сум палавиот кој не сакаше да поставува чаршав и сите трошки паѓаа на земјата, а ти се лутеше. Еве сега играм по твои правила само за ти да бидеш спокојна.

На компјутерот децата ме научија да си пуштам музика во моментите кога ќе се чувствувам осамено, те нема тебе да запееш додека средуваш низ домот. Во позадина со мојата осамена вечера оди песната „Alone” на Heart, ако се сеќаваш тогаш бевме млади и мислам дека тоа беше нашето прво излегување кога децата ги оставивме во домот на твојата мајка.

Ја чувствувам твојата рака на моето рамо и твојот здив во мојот врат, без разлика што поминаа можеби 40 и кусур години. Ти го гледам ликот, со црвен кармин и смешна фризура со панделка, сјајот на диско топката врз твоето лице. Тука е пред мене, како сега да се случува.

Направив печурки со павлака и стек во соја сос, но нема исти вкус, го нема твојот посебен допир на љубовта за да му даде мекост на стекот. Всушност ништо не е исто после твоето заминување. Зошто не ме понесе со себе, се чувствувам како веќе да немам што да направам тука. Децата се на својот пат, внуците се одлични, во тоа не се сомневам, имаат одлични родители.

Зошто си толку себична зарем сакаш да патуваш сама без мене на тие патишта непознати за земниот свет?

Остваривме сѐ што замисливме, остаревме заедно, но ти ме претрча. Се оттараси од потребата да примаш секојдневно инсулин и да паметиш која боја на апчињата треба да ја испиеш. Се спаси од здодевните проверки на срцето и возењето по гужви во автобуси. Сега сигурно уживаш горе и се смееш на сите мои трапави потези.

Стрелките ќе се допрат за брзо, ќе чукне 12 часот, а јас сè уште ќе бидам раздвоен од тебе. Оваа година ќе ја памтам по твоето заминување, а во новата не можам да го посакам твоето враќање бидејќи знам дека тоа не е можно. Затоа ќе го посакам моето заминување за да бидеме одново заедно.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg