Зошто е толку проклето тешко да си на диета во Македонија?

Zosto-e-tolku-prokleto-tesko-da-si-na-dieta-vo-Makedonija-01.jpg

Ајде ајде, касни си мекица за малата Сара. Таков е редот.

Благодарам, нека е жива и здрава, ама јас сум на диета.

Диета?! Каква диета? Што ќе ти е диета, не ти треба, супер си. Касни ајде кога ти велам, сакаш да го урочиш бебето?!

Не, одговараш крајно засрамено.

Па срамежливо поземаш една мекица, џвакаш и се обидуваш да не броиш калории. Колку време вежбање ќе ти треба да се стопи оваа мекица? Море вкусни се, ѓавол да ги земе.

Посегнуваш по втора, уф топличка, само што ги донесоа. Сé за малата Сара, вреди да се жртвуваш за здравјето и среќата на новороденчето.

Па си прикаснуваш и сиренце и ордеверче и мезиња, па залеваш со винце. Мераци на душата. Диета? Што беше тоа? Ајде од понеделник, нов ден, нова надеж.

Веќе број не им знаеш на испробаните диети. Оние кои се шегуваат на твоја сметка се во принцип добрички, но напорни луѓе.

Да не си на ананас диета, хехе... Знаеш бре, јадеш сé освен ананас?

Не, не сум на таа. На нинџа диета сум, чекам сите да заспијат и крадешкум ноќе го отварам фрижидерот. А, ја испробав и религиозната диета, се крстиш пред да го отвориш фрижидерот и пред да јадеш. Не, не делува. Е уште фенг-шуи диетата ми остана, го вртиш фрижидерот со вратата накај ѕидот и тоа е тоа.

Во Македонија е особечно тешко да си на диета од проста причина што секој еден настан кај нас се врзува за храна. И за арно и за лошо, јадењето е тука. Растени сме некако мегаломански, да се трупа храна на масата, ама нека има, подобро да остане отколку да нема доволно за сите па да се срамотиме пред гостите.

Четиричлено семејство подготвува ручек како за армијата. Тешко на оние со повеќе машки деца по дома. Колешките ми се жалат дека се плашат некој ден да не ги искркаат и нив сосе чевлите.

Па, кога ќе слушнам – ние Македонците сме гурмани. Не бре брате, гурманот има истенчено непце, тој сака да испробува деликатеси, да чепка по минијатурни чинивчиња, да се насладува полека и мерачки.

Ние сме лапачи! Да се бута, да се јаде, кисело, мезиња, ракии, солено, печење, благичко... каде без десерт на крајот бре, ручек ли е тоа? Охохо, дај нешто газиранко сега, знаеш киселини, добро е за стомак газираното. Пивце? Може, за опуштање.

И така јако настегани, не можеш да дишиш, ти се врти собата, ѕвезди ти излегуваат пред очите, дамла ќе те акне од прејаденост ја слушаш баба ти: Леле деца, сé остана. Ич не јадете, значи ништо не се изеде.

Секако дека не се изеде. Бевте шесторица на маса, а имаше јадење за дваесет.

За крај, и покрај оваа ситуација каде што храната те демне и на црквено и на свадбено и на мртвено, тоа се само пусти изговори.

Ако си решил да ослабеш ќе внимаваш. Ќе ја игнорираш храната која се прелева, и онаа која ти се пика под носот. Ќе сфатиш дека околината те подлажува кога ти вика Ма супер си, бидејќи огледалото и сопствените очи не те лажат.

Ако не си задоволен од сопствениот изглед ќе сториш сé за да го промениш тоа, без лаги и без изговори од типот – И водата се лепи за мене или Коските многу ми тежат.

Здравјето и среќата на малата Сара ќе бидат во ред и без твоето претапанување со мекици. 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg