Очајни преводи, лоша лектура и неписменост - што би ни рекле Кирил и Методиј?

Си го прославивме празникот на просветителите. Скаричка, ракиичка, пиперчиња со лукче. Не е дека божем се затрчавме да отвориме некоја книга за читање. Да живеат просветителите!

Kiril-i-Metodij-bi-se-prevrtuvale-vo-grobovite-od-nasata-nepismenost-01.jpg

На телевизиите одат дебатни емисии кои ја обработуваат темата дали сме доволнo писмени да ги чествуваме големите светци Кирил и Методиј.

Кратко и јасно - НЕ СМЕ.

Кириј и Методиј би се превртувале во гробовите да видат до кое „дереџе“ е дојдена ситуацијата со јазикот наш насушен.

Смешно е да зборуваме за чествување на големите просветители, кога само пред неколку години имаше иницијатива катедрата за македонски јазик и литература при Филолошкиот факултет да се стави во мирување. Објаснување? Не е профитабилна.

Сопствениот мајчин јазик, оној за кој се удираме во гради и сме подготвени да пролееме капки крв. Оној кој не си го знaеме доволно, ниту се трудиме да го научиме како што треба. Нека мирува. Не е профитабилен, не носи пари.

Веројатно знаете дека катедрата за македонски јазик е првата отворена катедра на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Логично е првата отворена катедра на Филолошкиот факултет да биде онаа на мајчиниот јазик. Без неа не би постоел факултетот. А некој се дрзнува да ви зборува за финансиски импликации.

Велат, не си го знаете јазикот, срам и арам нека ви е. Нека ни е! Новиот правопис кој се подготвуваше толку долго, првично се испечати во ограничен број, а изданијата со тврди корици беа достапни по неверојатна цена од 1.500 денари.

За споредба, претходното издание на правописот чинеше 350 денари. Како сакате да ви се описмени нацијата со основно помагало за јазикот, чија цена сте ја зголемиле за повеќе од 10 пати? Вака ли ќе ги чествуваме браќата просветители?

Проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ е одлична замисла. Стотици наслови, белетристика и стручна литература, конечно достапни на македонски јазик. Можам да дадам мислење само за оние книжевно-литературни наслови.

Солиден превод, тврд повез, квалитетна изработка. Оние кои земале в рака дел од стручната литература, не знаеле каде да се завртат. Да не знаеш дали силно да се изнасмееш или да заплачеш од мака.

Да се засрамиш од неписмениот превод и лекторирањето. Да се чудиш зошто залудно се потрошени толку листови хартија, мастило за печатење и боја.

Книгите може да ги пронајдете во продажба низ книжарниците, во библиотека или како скапуваат затворени во комоди и плакари низ институциите. Затоа што за тоа се книгите – за украс.

Не се достапни за позајмување, читање. За фаќање прашина се, за ѕидање огромна библиотека, која тажно зјапа и скапува од неупотреба.

Но, се видело некаде дека многу книги во плакарчето е симбол на интелектуалност, па нека се редат книгички без никој да ги гиба. Рековме, за украс се.

Дел сум од аматерски Клуб на читатели. Неколкумина душички, со огромна жед за букви и зборови, со ненаситен глад за стари и нови книги.

Знаете колку време ни беше потребно да најдеме место за да се собираме? Верувате дека директорка на библиотека во Скопје го набркала нашиот основач на клубот, со потсмешлива злобна насмевка дека нашата идеја за читање и дискутирање книги е глупост и губење време?!

Бидете мирни, не е повеќе директорка на библиотеката, со добра причина. Како може непријател на книгите и читањето да ги чува клучевите од библиотеката во џеб?

Драги Свети Кирил и Методиј, за ова и многу повеќе – простете ни!

Простете ни за неписмени новинарски текстови и очајни ТВ презентери и водители, кои немаат основно чувство за говорење на македонски јазик.

Простете ни за осакатените книги со лоши преводи и лектура, за студентите кои дипломирале на Катедрата за македонски јазик и книжевност и денес им предаваат на нашите деца, кога повеќе од очигледно е дека залутале на погрешно место и однеле погрешна диплома дома.

Простете ни што читаме премалку и што сеуште не научивме дека е сè уште. Простете ни што бавно сваќаме. Сфаќаме де...

Ќе се трудиме да бидеме подобри. И пописмени. Барем тоа го заслужувате, драги просветители.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Син ми носи само скапи патики, а не од пазар“ – останав без зборови по одговорот на сосетка во мал ... Додека го пиев кафето, го гледам детето како пресреќно си оди дома, скока од рад...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Домашно подготвените торти на мајка ми и денес ме прават горд - фотки од моите стари албуми“ Секогаш имав интересни желби за тоа како сакам да ми изгледа тортата, па најчест...
Јавете им се на родителите, одете кај баба ви и дедо ви – не знаете колку време ви останува со нив Не можам да ви кажам што ќе ви донесе утрешниот ден, но можам да ви го кажам сле...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg