„Ќе станеш иста како мајка ти“ е најголемата вистина што постои

„Леле колку ме нервира оваа мајка ми! На глава ми се качува колку е досадна. Напорна жена, леле! Блазе си ти што конечно не живееш со твоите. Леле значи!“.

Ke-stanes-ista-kako-majka-ti-e-najgolemata-vistina-sto-postoi-01.jpg

Така некако, со три гласни лелекања и пискави тонови мојата 16-годишна братучетка се изјаснува за живеењето дома со своите родители.

Досадни, напорни. Старци. Ништо не разбираат. Ме распрашуваат за сé и сешто, се интересираат за најмали ситници. Ме заморуваат со разговори. Ме чекаат да се вратам од излегување. Будни се до 3 часот наутро и бдеат додека не дојдам дома? Зошто не си легнат, не ги разбирам?

По 5 пати ме прашуваат што да ручаме. Сеедно ми е, одговарам. Навистина не ми е гајле, што е толку битно, ручек како ручек. Не ми се верува дека ги растажува мојот одговор.

Упорно се расправаме за работи за кои не ми се ни губи време и немам трпение – зошто светеле светилките насекаде, зошто е вклучен бојлерот постојано. Аман!

Ми влегуваат во собата постојано, ми бараат помош кога нешто ќе им се расипе на мобилниот или компјутерот. Кога врне упорно ме потсетуваат да си земам чадор. Кога дува, да си облечам џемперче или јакна. Како да сум мало дете.

Учи, тоа ќе ти остане во животот. Знаењето не може да ти го земе никој. Еве гледам нивното учење и труд до каде ги однесе...

Вака од прилика звучеле сите наши коментари поврзани со родителите во текот на тинејџерството. Заглавени во минатото. Не ги разбираат нашите потреби и желби. Не ја сфаќаат важноста на таа брендирана маичка или скапите патики. Те убедуваат со цел памет дека нема потреба од толку скап фустан, затоа што и онака ќе го облечеш само еднаш и никогаш повеќе.

Не, категорично и одлучно пресекуваш, полна самодоверба. Ќе го носам, ви велам дека ќе го искинам од носење.

Фустанот секако го облекуваш само еднаш и никогаш повеќе. Собира прашина во плакарот, додека мајка ти нежно го погалува и со погледот сака да ти каже – Ти реков.

Но, премолчува. И излегува од собата затоа што ти ја игнорираш.

А, тебе те нервираат. Ти шетаат на нерви со нивните утрински навики, раното будење, бучењето со правосмукалката во недела. Пуштањето машини во ниедно време од ноќта, готвењето „кромидосани и лукосани“ манџи. Те нервира и тоа што треба да помагаш таму за некакви си јуфки, ајвари и зимници.

Се чувствуваш како да ќе збудалиш со твоите дома. Сите ти се подобро и поинтересно друштво. Домашните ги одбегнуваш, гледаш разговорот да е сведен на минимум, ручекот да трае што е можно пократко, додека јадеш со брзина на светлината и гледаш што поскоро да „киднеш“ од дома.

Други работи, настани и луѓе ти се поприоритетни од твоите дома. Најпосле, што знаат пак тие? Родители, досадни и изгубени.

Одеднаш си пораснал и време е да го напуштиш домот. Се радуваш, конечно слобода, сам свој човек. И тогаш животот, оној живот кому му се радуваш те треснува од глава.

Ти доаѓаат сметките, па се пресметуваш како да го скрпиш месецот. Храна, трошоци околу домот, по некој роденден, свадби, мекици, автомобилот се расипал. Ти чади од главата и се прашуваш како ли твоите ја кроеле секој месец таа весела математика, па уште со две деца.

И тој скап фустан носен само еднаш. Сега да дојде некој и да ти побара тебе таква глупост сигурно ќе му влепиш една добра шлаканица. Бреј, будали деца.

Внимаваш на светилките, внимаваш на бојлерот и машината. Точно знаеш кога започнува тарифата на евтина струја. Знаеш каде се наоѓаат поевтините маркети за пазарување и задолжително поминуваш со правосмукалката во недела наутро.

Благодарен си за секоја тегла ајвар и секоја чинија домашни јувки. Превкусни се, нема ништо поубаво од домашно и тоа што го прави мама, си помислуваш. Алал да и е како постигнува сé.

Одиш на семеен ручек и просто уживаш во тие неколку часа кога си дома кај твоите, но „гостин“ во домот. Тие лукосани и кромидосани ручеци се најубавото нешто што си го вкусил последниве недели.

Те распрашуваат како ти е на работа, ти треба ли помош за нешто. Дали можеби ти требаат пари? Не, кажуваш, не ми треба ништо сега, благодарам.

Ти доаѓа да заплачеш од топлина, љубов, убаво и мака, сé истовремено.

Ова се истите родители од пред 10 години, како денеска се толку чудесни, добри, нежни и фини? Воопшто не ми се досадни, сакам само силно да ги гушнам и да им кажам дека ги сакам.

Невозможно е да поминете низ тинејџерството без нервози, трескање врати и измешани чувства во врска со родителите. Тоа е сосема нормално. Нормално е да ве нервираат, нормално е да се расправате, да урлате и да плачете, да се пикнете во ќош сакајќи само да ве остават на мира, додека претходно демонстративно сте ја треснале вратата од својата соба.

Но, она што треба да го знаете е дека никој, никогаш нема да ви мисли подобро од родителите. Ниту едно друштво, ниту еден друг човек нема да ве сака или заштитува повеќе.

Никој нема да е секогаш тука за вас како тие. Никој нема да се радува повеќе за вас, или да тагува заедно со вас. Никој нема да ве гушне толку цврсто или да ве бакне така нежно во образот како родителите. Запаметете го тоа, бидејќи е најчистата вистина на светот.

И кога ќе ви кажат дека ќе станете исти како вашите родители, поверувајте и во тоа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg