Не - не си ми втор, и да - тоа е најглупавото прашање кое може да го поставиш

Признајте дека барем еднаш во животот сте биле жртва на лош состанок. Но, од лошо до ЛОШО има многу разлика. Лошиот состанок со големи букви и извичник оди многу подалеку од недостаток на хемија и банални муабети за времето и таксистите.

Ne-ne-si-mi-vtor-01.jpg

Тој ќе ве натера да ја вратите назад таа глува тишина кога нема што да си кажете, бидејќи дури и тоа е попријатно од порцијата прашања кои ви ги сервирал оној кој седи од спротивна страна на масата.

Пред неколку месеци имав состанок со еден таков тип. Признавам дека посакав да станам и да си отидам уште во првите 15 минути, но желбата да се надзборам и докажам ме совлада, иако знаев дека залудно ќе се објаснувам.

Менталниот склоп на луѓето ретко се менува, а и не е моја работа да го правам тоа. На крајот од денот затоа и служат ваквите излегувања – да видиш дали некој ти одговара или не.

Имено, по запознавањето – кој си, што си, што работиш, а колку ти е платата? (исто така, исклучително лошо прашање). Колку ми е платата и за која политичка партија сум гласала или не сум гласала се недозволиви прашања за прв состанок, бидејќи ја нагризуваат приватноста и се просто некултурни.

Ама кому да се објаснуваш… нејсе, не бев ниту на третата голтка кафе, кога слушнав: А со колку дечковци си спиела?

Не можев да си поверувам на ушите. Секако дека побарав да го повтори прашање, затоа што мислев дека се шегува или не сум слушнала добро. И секако дека го повтори истото прашање.

Почна да ме фаќа смеа, од онаа глупава смеа што не можете да ја контролирате, затоа што немате одговор на веројатно најглупавото прашање што може да го слушнете на прв состанок.

И на втор. И на трет. И на секој можен нареден состанок. Да, тоа е најглупавото, најпростачкото, најдеградирачкото, најиритантното прашање кое може да се постави кога било: со колкумина си спиел/а пред мене или досега?

- Дали сум дел од скриена камера? – запрашав.

- Значи нема да ми одговориш? – упорно продолжи типчево.

- Секако дека нема.

- Зошто?

- Затоа што не е твоја работа.

- Значи со многу си спиела. Сите девојки кои не сакаат да одговорат на ова прашање го кажуваат тоа, а после таму ми се вадат на некакви си права и феминизам…

Почнав да посегнувам по паричникот за да платам, да си отидам и што побрзо да заборавам на овој бизарен состанок. Но, типчето имаше намера да одржи лекција за целиот женски род.

Лекција за која очигледно се подготвувал долго, долго. Можеби и вежбал пред огледало, кој знае.

- Тие сте тие жени на денешницата, кариеристките. Не знаете ништо да направите и спиете со кого ќе стигнете. Не учите дека има разлика од маж што спиел со многу жени и жена што спиела со многу мажи. Затоа што јас секогаш ќе бидам фраер, а таквите – лесни жени. Сега сигурно и ти како и другите ќе ми кажеш дека ќе ти бидам втор…

- Со овој памет сигурно нема да ми бидеш ништо, а се надевам ниту на која било друга жена.

Конечно, после долга препирка излегов од кафулето, згрозена и запрепастена од тоа колку лесно може да се прелажеш за некого и да не ги прочиташ првите сигнали кои упатуваат на примитивизам како од пештера или темниот век кога ги спалувале вештерките на плоштад.

Да, бројот на сексуални партнери е дел од приватноста, интимна работа за која нема потреба да распрашуваме кого било. Немам причина да се објаснувам некому, ниту некој да ме прашува или деградира по основ на истото.

И секој кој со непрестајна љубопитност го поставува упорно ова прашање треба да си ја преиспита сопствената култура, воспитување и манирите.

Впрочем, зависи од личноста и околностите, од многу фактори. Не постои една „совршена бројка“ која ќе ја задоволи љубопитноста на примитивците.

И не треба да се извинувате доколку не сакате да одговорите. Не должите никому објаснување, најмалку на замаскирани шовинисти кои и онака не ве гледаат никако поразлично од обична бришалка за чевли.

Неодамна вртејќи низ Фејсбук случајно налетав на слика од типот со кој го имав најужасниот состанок. Замислете, се оженил. Сигурно ѝ е втор…

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Поучна кинеска приказна: Секое добро не е за добро и секое лошо не е за лошо Сè што се случува околу нас е комплексен процес. Невозможно е однапред да знаете...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Чудотворни места во Македонија за жени кои не можат да забременат - Сливничкиот манастир, „трудното ... Многу легенди, митови и вистински приказни се раскажуваат и пренесуваат од ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg