Зошто луѓето се плашеа да бидат директни?

Често другарите знаат да се пошегуваат на моја сметка и да ме наречат Германец, затоа што знам да ги кажам работите онака како што се, директно и без многу размислување.

zosto-lugeto-se-plasea-da-bidat-direktni-01.jpg

Во животот тоа ми донело многу позитивни случки и луѓе кои немало да бидат таму ако сум премолчел. Исто толку пати, ако не и повеќе знаат да бидат против моја корист, бидејќи луѓето едноставно не се навикнати да слушаат искрени зборови.

Како повеќе да им годи да бидат излажани или да им биде презентирана лажна вистина,за да не се соочат со реалноста. Некои знаат да кажат, многу си злобен, а јас на тоа низ смеа да возвратам, од кога вистината е синоним за злоба? 

Тоа се случи и последниот пат кога бев на состанок. Знаете како што изминуваат годините веќе знаеш што бараш и знаеш што сакаш да најдеш. Но во меѓувреме мора да го пополниш времето за да се случува нешто интересно, не знаејќи дали ќе налеташ на она што го бараш.

Таа вечер решив да излезам со девојка која личеше дека има се што барав јас во партнерката. Интересна насмевка, сјајни очи, планови за иднината, стабилна, самостојна, самоуверена и пред се некој кој си ја цени својата слобода. Измислена, баш како што некогаш сум посакувал.

Во кафулето имаше џез музика, бавна, за душа, на масата стоеја две бели чаши вино и тон реченици наредени во еден продуктивен разговор. Ние двајца возрасни еден спроти друг, со многу заеднички теми за животот. Ќе ни се сретнеа погледите и чувствував нешто поинакво, но не знаев дали ми се причинува или навистина и јас и се допаѓам колку таа мене.

„Досега никогаш не сум била во врска” вели таа срамежливо како да направила голем грев.

„Се чудам како е тоа можно, после долго време ти си првата со која можам да сврзам реченици кои што нема да бидат глупави, досадни и во крајна сметка нема да се повторуваат одново и одново”.

Си мислев во главата, дали треба да се започне нешто со некој кој има искуство во тие води, за да биде барем малку исчеличен и подготвен или да се поминува се одново,со бебешки чекори, од почеток до крај, како претходниот пат?

Се напив од виното и запрашав. Не знам дали ми станува жешко од свеќите или од виното, можеби е и до музиката, но јас сакам да играме со отворени карти. Што се случува тука вечерва? Ја прашав јас без размислување. Смачени ми се тие игри за деца на овие години, мислам дека ако некој сака нешто, тоа треба да се каже, одговорот потоа е неважен.

Таа се насмевна и избегна одговор. Како да ја навредив, како да побарав нешто невозможно. Стана и отиде во тоалетот оставајќи ме мене со милион прашалници во главата. Што се случува, дали погрешив, дали кажав нешто што не смеев? 

Откако се врати од тоалетот продолжи да пие од виното со една блага насмевка упатена кон мене. Дали од неа зборуваше неискуството или имаше и друга причина? Дали настана глупава ситуација заради мојата искреност?

Дали повеќе ќе претпочиташе да се поднапиеме и да пробам да пристапам до нејзините усни отколку фактот што пробав разумно да разговарам за она што беше јасно дека лебди во воздухот? Зошто луѓето беа толку комплицирани?

Зошто одбегна одговор на толку едноставно прашање. Одговорот во тој стадиум немаше да смени ништо без разлика каков и да беше. Што требаше, да си играме мачка и глувче додека ја откриеме вистината?

Луѓето бараа искреност и директност, а сепак, кога ќе настанеше не им одговараше.

Зошто светот беше толку… нејасен?

Во невроните на мојот мозок одеше идеја дека секој еден од нас во секој еден момент треба да знае што сака и да се води според инстинктот, во она што го верува и она што го чувствува. Секогаш треба да се изнесе она што ти лежи на душата и да се биде доблесен разумно и искрено да се одговори, без разлика дали ќе изговориш Да или Не.

Луѓето како да се плашеа да се соочат со зборовите во вистинско време на вистинско место. Зад профилите на социјалните мрежи беше многу полесно, но лице во лице, око за око и заб за заб, тоа е друга димензија. За жал некои не можеа да ја поднесат и не знаеа како да се сносат со вистината која е сервирана директно како главно јадење. Понекогаш на луѓето им требаат многу предјадења за да стигнат до главното јадење и така прејадени, најчесто го пропуштаа, за жал.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg