Добредојде, ова е безмилосната игра на возрасните!

Петок, полна кутија цигари, нема отпушоци во пепелникот. Ја отрув душата со нешто друго, горко кафе и тешки зборови. Што може да се каже во најтешките моменти , постојат ли зборови, а притоа да не бидат излитени клише реченици?

dobre-dojde-prijatele-ova-e-bezmilosnata-igra-na-vozrasnite.jpeg

Секојдневно се менувавме, како да постоеше дрводелец кој полека удираше по нашето тело и внесуваше нова лузна со секоја измината година. Различни луѓе, различни разговори, различни случки, некои целосно неповрзани со она што сме биле претходно. Како успеавме толку да се оддалечиме од она што го знаевме.

„Општеството е целосен хаос, мажите се идиоти, а жените злоба со умисла,” прокоментира една бабичка во автобусот, а јас слатко се изнасмеав. Точно ли беше сето тоа, иако кажано под притисок од нервозата?

Постоеше ли лек за емоционалната истрошеност? Како да предвидиме три чекори однапред, да знаеме што ќе биде со иднината и да го избегнеме стресот кој не јадеше секојдневно?

Дома ме чекаа куп сметки и ратата за кредитот. Имав четири нови мејл пораки од шефот и уште три пораки на телефон. Малку ориз од вчера, недопиено пиво и стек кој требаше да го затоплам. Постоеше ли некогаш одмор за мене?

Не можев да се сетам кога беше последен пат кога безгрижно излегов од канцеларија и не ги понесов сите случи со мене. Другарите од детството ги немав видено можеби цела година, колегите од факултет се раштркаа сите на различни страни. Ја изгубивме целата таа припадност кон едно множество. Заборавив да се смеам.

Луѓето лажеа, колегите од работа знаеа да бидат подмолни. Девојките користољубиви, а љубовта минлива именка која се случуваше брзо и толку брзо одеше. Што се случи со светот?

Како во две години некој да ме рестартира, да ми ја избриша меморијата и да сетира нов чип кој работеше сосема поинаку од она што јас го знаев. Дали за ова се пееше во песничката која ја обожавав како мал а притоа велеше „тоа значи дека раснеме”?

Кога ќе се вратев дома, роднините повторно со истите разговори - кога женачка, во продавницата во маало пак тетката ќе речеше треба дечиња тие да ти купуваат, а не ти да се мачиш. Како јас да бев престарен, па ете сега, животот ми заврши. Секојдневно во круг, повторување, одново и одново. Не дај Боже да немаш девојка или да не бидеш во брак. Во Македонија тоа е декларирано како грешник, со големи букви ГРЕШНИК.

Банкарски сметки, еден куп документи, пасоши, патувања, потписи, печати, бркотници по разни шалтери, работа со милион странки и еден тон архивирани листови. Дискусии, караници, за суми, големи суми, профит, бенефит, тендери, работи од кои боли глава, како тоа лудило да не сакаше да застане.

Роднините ќе се лутеа што малку ги посетувам, а јас не можев да им објаснам дека не знам од кога не сум се наспал добро, а и авионските билети не се за џабе. Ќе ми замереа што не сум таму, а јас за секоја пригода го користев телефонот. Иако не бев физички, бев духовно со нив, но тоа не се броеше. Никој не ме прашуваше притоа како јас се чувствувам што не можам да бидам таму. 

Се прашував дали ова беше тоа што се вика светот на возрасните. Дали тие беа постојано нервозни и го губеа интересниот дел во нив токму поради сето ова. Дали јас конечно бев возрасен, во вистинска смисла на зборот?

Стигна мејл од брат ми. И него го немав гушнато скоро година дена.

„Утре е првиот училишен ден на Ана. Го примивме твојот подарок, да ја видиш како само се радува на розовиот ранец со нејзиниот омилен лик, цел ден трча низ дома, скрши дури и три вазни, ќе треба да ја платиш штетата кога ќе дојдеш.

Да бидам искрен, многу ќе ни беше помило ако си тука, со нас, заедно да ги дувнете свеќите на традиционалната торта за првачиња, но ќе те уклучиме на скајп, како што секогаш правиме. Ти пишувам да не заборавиш да ги пратиш документите што ги бараше тато, а и мама ти замерува што не се јавуваш почесто. Не ти ѕвонев, бидејќи не знам дали си слободен. 

Со лесно, се слушаме подоцна”

Излегов на терасата, не ги барав, солзите сами дојдоа. Морам да признаам, не очекував вакво добредојде во овој зафркнат свет на возрасните.

Дали после одредено време човек се навикнува или ќе требаше да употребам други методи за да се справам подобро со она што се нарекуваше живот?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg