Денешните деца не се свесни што се 500 денари: „Ќерко, јас излегував со 100 денари во џебот“

Растревожен татко ми вели: „Ќерка ми без размислување ми побара 500 денари за час и половина престој во еден трговски центар, ете тогаш ми се запали црвениот аларм во главата.“

deneshnite-deca-ne-znaat-shto-se-500-denari-za-kjerka-mi-za-nea-se-plasham-01.jpg

Деновиве се најдов во друштво на пар, прекрасни родители за почит, кои мака мачат како на својата 12-годишна ќерка да ѝ објаснат што значат 500 денари во денешно време.

Со загриженост, со сенка во очите ми ја раскажаа ситуацијата со која се соочиле. Родителите, кои на своите деца сакаат да им овозможат апсолутно сè, се нашле во ситуација со пресечени крилја.

Понекогаш желбите и можностите не се на иста фреквенција, понекогаш тоа што сакаме да им го дадеме на нашите деца и тоа што можеме да им го дадеме не се еднакви.

Ја почнува таткото приказната...

„Ќерка ми вчера ми вели дека со другарките сакале да се прошетаат во еден трговски центар, дали може да ги однесам со автомобилот. Се разбира, прифатив.

Веќе има 12 години, време е за развивање на индивидуализам, социјализација со пријателите и постепено осознавање на вистинскиот свет. Ќе ги однесам, ќе ги земам по час и половина не ми претставува проблем. Кога ненадејно како гром од ведро небо ме удри.

„Ќе ми дадеш 500 денари?“, ми вели.

„Што ќе ти се толку многу пари?“, ѝ се обраќам.

„Па, некои девојчиња носат и по 1.000 денари, 500 денари е минимум. Една другарка ми рече дека воопшто немала да дојде затоа што од дома ѝ дале само 200 денари...“

Леле, нервите ми се споија. Се обидов колку што можам посмирено да разговарам со неа. Ѝ одржав една добра лекција за да сфати што значат 500 денари во денешно време, дека некои луѓе работат по 8 часа на ден за да ја заработат таа дневница. Ѝ објаснив дека јас кога бев млад излегував со 100 денари и делевме такси повеќе луѓе за да не фати по 20 денари од човек.

Ме гледаше збунето...

И знам дека таа не е виновна, виновно е општеството во кое живееме. Виновни се родителите на нејзините соученички кои сметаат дека љубовта се искажува преку пари, дека непосветеното време и внимание на децата ќе им го платат со одредена сума.

Зарем не се свесни дека го уништуваат своето дете, дека го прават слепо за вистинските животни вредности? Зарем не сфаќаат дека го уништуваат моето дете, кое се чувствува помалку вредно од нивните затоа што јас како родител не сум во можност да му обезбедам 500 денари за секое излегување?

И истоштен дури на крајот стигнав да прашам, а што би правеле со толку многу пари? „Па, ќе јадеме бургери, ќе пиеме сок, ќе купиме мафини, бонбони и сладолед“, ми вели ќерка ми

Толку бев бесен, толку бев лут на неа за ова однесување. Сопругата загрижено ме гледа: „Што ќе правиме кога допрва ќе започне да излегува еден ден во диско, колку пари ќе треба да ѝ даваме тогаш?“

И ја гледам веќе смирен: „Ќе ѝ даваме толку колку што имаме, ќе ја научиме дека квалитетен човек не се мери според дебелината на џебот и дека не е ништо помалку вредна од другите ако нема три пара нови оригинал патики, летување на Тајланд и 1.000 денари за во диско. Ќе излегува така како што сме излегувале ние, со онолку пари колку што можеле да ни дадат од дома“, заклучува тој.

И ја слушам цела оваа дебата и се плашам од времето кое доаѓа, но сепак ме радува фактот што има вакви свесни и совесни родители.

Браво татко, браво царе! Не дозволувај ќерка ти да ја повлече виорот на модерното време кога заборавивме што всушност е важно во трката да се носиме рамо до рамо со другите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg