Што има да ѝ отстапувам место на трудницата, не сум ѝ го правел јас детето!

Среда – велат среќен ден, кој никако не се покажал како таков кога одиш да завршиш нешто во банка.

Sto-ima-da-i-otstapuvam-mesto-na-trudnicata-01.jpg

И оваа не беше никаков исклучок од правилото. Тројца пред мене, тројца зад мене во редот, а осма по ред влегува огромна трудница која одвај ја отвора вратата и мирно застанува да чека.

Сите ја видоа, ама никој не се потресе видно. Кој си чепка во телефонот, кој си зјапа во некоја замислена точка, кој тапка во место затоа што се брзал да се врати на работа, кој да го подигне остатокот од пензијата.

Навидум дотеран сериозен господин се подготвува да пристапи кон шалтерот.

- Може ли, ве молам, да ѝ дадеме сите предност на бремената жена? – гласно прашувам и сите се вртат накај мене како да сум некое страшило.

- Не може, студено одговара господинот. Сите чекаме ред, сите се брзаме, и она нека си чека најнормално во редот.

- А нормално е да сме вака безобразни и безосетни?, продолжувам како некој дрвен адвокат на трудницата, додека гневот се множи во мене.

- Абе девојче, нели сакате еднаквост, еве еднакви сме. Секој ќе си чека на ред, не сум ѝ го правел јас детето!

Толпата која и онака беше безнадежно молчелива сега изгледаше како вод пред стрелање. Трудницата чинам пропадна во земја од срам, таму некаде ѝ остана погледот, тап и тажен.

Средовечниот наконтен господин си ги подаде уплатниците. Јас ја повикав трудницата и ѝ го отстапив моето место, земајќи го нејзиното „на опашката“.

Остатокот од редот не помрдна ниту влакно на себеси.

Редицата, мешавина од неколку различни старосни и социјални групи како да ја отслика целата наша ментална слика – на невоспитани, арогантни, незаинтересирани, апатични, бездушни и бесчувствителни злобни луѓе.

Чуварот од обезбедувањето беше зафатен со играта на мобилниот телефон. Вработените на шалтерот не се потресоа од драмата, очигледно им е секојдневие.

Потајно се надевав дека барем двете жени од редот ќе ми се придружат кон бунтот за човечко однесување, но и тие беа окупирано со грижата да си ја завршат работата што е можно поскоро, макар една трудница со потечени нозе стоела и чекала тројно повеќе отколку што е потребно.

Овој случај не е реткост и не се случува само во банки. Не ги тангира само бремените жени. Ги погодува и постарите, немоќните, родителите со мали дечиња.

Локацијата може да биде автобус, чекална, супер маркет и никој, ама баш никој нема да трепне, да стане, да ви го остапи местото, затоа што првенствено е човечно.

Како сите да очекуваат некоја награда кај нас за ваквото однесување. Нема награда бре луѓе. Наградата е – што си човек. Тоа ти е награда. Ама ние не сме. Одамна не сме луѓе. Не сме ниту животни. Не остана грам сочувство и емпатија во нас.

Како да нè издлабиле и испразниле, па сега сме само шупливи лејки.

Пред неколку месеци мојата другарка се врати од Лондон на кратко и на првото наше прашање како е таму одговори дека луѓето се неверојатно љубезни.

Толку многу, што ја збунило нивното однесување, па дури и ја исплашило. Сите те поздравуваат, по 10 пати се извинуваат. Нема шанси да те услужат некаде ако не им се обратиш со „Ве молам“, ти се туркаш во нив, тие ти велат „Извинете. Најголемиот дел се срдечни и насмеани, па дури и да те загледаат малку подолго или ти да се загледаш поради некоја причина во нив, веднаш ќе ти возвратат со насмевка.

Сите им отстапуваат простор на послабите и понемоќните или лицата во каква и да е деликатна состојба. Никој не се турка, никој не се расправа, редот се создава природно и без насилство и кавги.

Ех, лицемери. Тоа од чиста куртоазија, не дека го мислат странциве.

Па дури и да е така, дури и да се лицемерни, радо би го менувала нивниот свет на хипокризија и куртоазија отколку да живеам во овој нашиот на „длабоко искрени луѓе“ без влакна на јазикот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
За мене Скопје е... мирисот на липи во јуни Скопје е токму ова – мирисот на липа во јуни. Благата арома ги надразнува сетила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg