Позајми се еден куп пари за свадба - важно е што ќе кажат другите

Кога дојдов дома да ја соопштам среќната вест дека ќе се мажам, татко ми малку како да се збуни. Мислев дека ете, му паѓа тешко, жал му е што детето ќе си оди од дома.

podigni-kreditce-da-isturkas-edno-svadbice-vo-makedonija-001.jpg

По некое време го прашав зошто е толку замислен и сериозен, а тој ми одговори дека почнал да си пресметува колкав кредит ќе треба да подигне за свадбата.

Денес тоа го прераскажуваме како некоја анегдота, но можам да потврдам дека не е воопшто смешно.

Бидејќи тоа е нашата тажна, мачна вистина. Работиш цел век, штедиш од петни жили, доаѓа време за една свадба и ти повторно мораш да подигнеш кредит за да се закрпиш за еден ваков настан.

А како не би подигнувал кога свадбите кај нас се таков невиден луксуз, како да влезеш во салон и да излезеш со солиден нов автомобил. Свадба ли е, панаѓур ли е, не знаеме.

Да не мислите случајно дека јас бев имуна на свадбарските глупости? Секако дека фрлив огромна сума пари за шминка и фризура, за кои денеска не би дала ниту половина.

Фотографот ми беше скап, но можам да потврдам дека единствено за тоа и вреди да се дадат пари – за добри фотки и видео и за музиката.

Сè друго е практично ирелевантно - какви китенки ќе имало, какви покани ќе се направеле, какви укравчиња ќе имало на масите, дали ќе имало 2 или 3 парчиња месо… кому му е гајле?

Јас за мојата свадба не паметам што цвеќиња и украси имало на масите, не пак за нечии туѓи. Ниту паметам што имаше за јадење.

Паметам само колку се играше, колку бев среќна, насмеани и весели моменти кои не ги дефинираат никакви китенки, бонбони или свадбената торта.

На сите работи на кои заштедив (покани и бонбони кои ги правевме сами, фустан кој не беше воопшто скап според невестински стандарди, порција која беше релативно поскромна итн.) јас повторно можам да потврдам дека како и сите други во Македонија потрошив неверојатно многу пари за еден свадбен ден.

На што ни одат парите кога се работи за една свадба? На најневеројатните глупави нешта на кои цела една индустрија заработува од нас.

Прескапи луксузни покани (дали да земам со елегантно сатенско машниче или со коноп да биде рустично или со восочен печат?) Како да се објасни – никому не му е гајле!

Да не мислите дека поканите ги врамуваат случајно? Ја читаат, го паметат бројчето на маса и – завршува во кантата. Поканата за која сте одвоиле близу 1 евро.

Истото се случува и со: китенките, бонбоните, декорациите. Вие мислите дека тоа е толку многу важно, но верувајте дека никој не се заморува (освен некои личности на кои животот им се врти околу тоа дали дезенот на салфетките одговара на чаршафот или некои дојдени само за наоѓање мани и забелешки, на кои не може да им се угоди и позлатено да ви е).

Па доколку веќе се почне според адетот, спремање и кетеринг дома кај зетот и дома кај невестата. Музика уште од пладне. Веќе е платена, но нели треба да се „залепи“ некоја пара, срамота е, сите гледаат во вас.

Дотерани, стокмени, шминки и фризури, нови чевли, нови чанти што ќе одговараат на чевлите.

Матично – трошок. Црква – уште поголем трошок. Свадбена фотосесија и видео.

Прескап невестински фустан, одело за момчето. Накит за невестата, чуда врагови.

Конечно, во ресторанот сте, мислите ќе здивнете. Таму цената на менито (особено во главниот град) е адаптирана како за некој што зема 100 илјади денари плата, а не просечни 20 илјади.

Бубрег треба да продадеш за да направиш една свадба во Македонија.

Ајде што е скапо, па и ние уште побудали сме – фрламе пари на глупости, пари што ги немаме, пари кои ќе ги враќаме со камата.

Кај што немаме, таму и трошиме. Наместо поскромно и со помалку трошоци, ние си ги дуплираме на потрошни нешта кои никој нема да ги памети утре и се неважни.

На здравје свадба. Од утре поскромно, треба да се отплаќа кредитот потрошен на само еден ден.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„На моите деца не им треба идеална и совршена мајка, туку родител што ги сака“ „Не сум таква мајка каква што сакав да бидам. Не си легнувам рано за да можам да...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg