„Требаше да играм за репрезентација“ и плачкото: 12 ликови кои ги сретнуваме на баскет во маало

Дојде тој период од годината кога сите игралишта се преполни со луѓе кои сакаат да се раздвижат малку повеќе. 

12-likovi-koi-gi-sretnuvame-na-basket-vo-maalo1.jpg

Маалскиот баскет е еден од најлесните начини за рекреација, поради релативно малиот број на луѓе потребни за да се одигра некоја партија, како и поради многуте маалски игралишта за овој спорт.

Во продолжение, неколку ликови кои може да се сретнат на секој маалски натпревар:

Шутерот - Ова е човекот кој уште од самото доаѓање на теренот, одбира едно место, и не се поместува од таму сѐ додека не заврши натпреварот. Има исклучително лоша форма на шут, но како за беља прецизен е, и тоа уште толку го тера да не се помести од жешкото место.

Фудбалерот - Бидејќи не се собрале доволно луѓе за да играат фудбал, морал да компензира со играње на баскет. Тој е еден од најагресивните и најпожртвуваните луѓе на теренот.

Не знае да шутира и не знае да ја води топката, меѓутоа е брз и силен, па најчесто неговата игра се состои од тоа главечки да се турка низ противниците и да ја фрла топката во непознат правец.

Чекори - Најчесто човек кој тренирал кошарка во 4-то одделение, па мисли дека ги познава сите правила. Тој мисли дека игра одлична одбрана, па така секогаш кога некој ќе го помине бара чекори, дупла или фаул во напад, едноставно не е возможно да го поминете.

Најчесто истиот овој човек е тој што највеќе прави чекори, меѓутоа од сожалување неговите другари не му ги бараат.

Плачкото - Доколку мислите дека „Чекори“ е најздодевниот лик на листава, тогаш сигурно не сте играле против плачкото. Секогаш кога ќе ја изгуби топката бара фаул, кога ќе промаши бара фаул или бара да го повтори шутот, поради тоа што силен ветер ја дувнал топката... во лето... на 40oC...

Со него не можете да дојдете до разумен компромис, па најчесто кога тој игра баскет, натпреварите завршуваат порано поради откажувањето на дел од противниците.

„Требаше да играм за репрезентација“ - Најчесто станува збор за постар лик, кој кога тренирал како дете, некој од тренерите му рекол дека еден ден можеби ќе заигра за репрезентацијата.

Тој мисли дека знае сѐ, и секој аргумент го добива со реченицата „Значи не ми објаснувај мене, јас требаше за репрезентација да играм!“

Ален Ајверсон - Облечен во дрес кој е 4 броја поголем од потребното, и спуштени шорцеви, на прв поглед ќе си помислите дека е навистина добар. Ќе беше добро овој човек да игра стварно како легендарниот Ајверсон, меѓутоа тој само мисли дека знае да дрибла како него.

Шутот му е катастрофален, исто и додавањата, само знае да ја води топката за нијанса подобро од своите противници. Најчесто ова е човекот кој мисли дека го снимаат за на AND1 Mixtape, па никогаш не се дели од топката.

Дирк Новицки - Пониските играчи вечно ќе го колнат овој кошаркар, кој толку многу ја смени играта. Висок човек кој шутира тројки, на кого, како за беља се угледале сите високи луѓе во маалото.

На секој баскет има барем двајца Дирк-овци кои никако да се решат да отидат под кошот и да фатат некоја топка за својот тим. Во многу ретките случаи кога ќе се спуштат под кош, и кога ги чува далеку понизок противник, тие решаваат дека тогаш е вистинскиот момент за шут со скок наназад од една нога (исто како Новицки).

Луткото - Нешто слично на плачкото, само многу по брутален. Овој лик ги псуе сите негови противници и соиграчи, како и временските услови, лошата подлога, кошот, обрачот, мрежата, линиите на теренот и секоја материја од која е составено игралиштето.

Најчесто сите аргументи ги добива на фразата „Добро, играјте си, не играм јас више.“ За среќа луѓето околу него знаат каков е, па му попуштаат за да не дојде до инциденти.

Тешкиот центар - Повеќе тежок отколку центар, ова е човекот кој има далеку повеќе во килажата отколку во кошаркарските вештини. Неговото место е под кошот, дава сѐ од себе да изнуди контакт од противниците кои бегаат од него.

Неговото тајно оружје е соблекувањето на мократа маица, по што навистина никој не може (не сака) да го чува.

Ветеранот - Бела маица, темни шорцеви, бели чорапи до под колена, седа коса и елегантен стил на игра. Ова е човекот кој „спие“ на кошот уште од времето кога имал темна коса.

Стилот на игра му е елегантен и без премногу контакт. Ова е најчесто тренерот на теренот, кој се труди да ги научи нешто помладите играчи околу него. За жал, за споредба користи имиња на кошаркари од неговата генерација, кои никој не ги знае.

„Дуќанот“ за спортска опрема - Џордан шорцеви, ЛеБрон патики, оригинален Коби дрес, ракави на двете раце, едниот како на Ајверсон, другиот како на Вејд и стегач на главата.

Ова е ликот кој не ги жали илјадниците евра потрошени на спортска опрема за играње баскет во маало. За жал, изгледот не ја отсликува неговата игра. Во 90% од случаите, тој е најлошиот играч на теренот. Ова е единствениот човек кој се пресоблекува на паузите помеѓу секој натпревар.

Дефанзивецот - Ова е човек кој нема врска од кошарка, меѓутоа неговата желба и напорна работа го прават еден од најиритантните противници на теренот. Тој ги знае сите валкани трикови и не се срами да ги искористи.

По неколку дуели, неговите противници се откажуваат од барањето фаули, и пробуваат да му вратат на негов начин, меѓутоа не можете да го победите господарот на валканите игри на негов терен.

еНВи | Црнобело

Би можело да ве интересира:

8 луѓе кои немале среќа на првиот ден на ново работно место Дали сте од оние луѓе кои баш и не ги прати среќа, туку напротив, секогаш им се ...
Смешна фото-компилација: Луѓе на кои неделата сигурно им почнала полошо од вас Како ви почна оваа недела? Ако и вчера и денес сте под стрес и мислите дека имат...
Износени чорапи, дотраен далечински управувач: Фото-докази дека не ги фрламе предметите, иако одамна... Четка за заби со две-три влакна и чорапи кои веќе станале проѕирни – на некои лу...
12 примери на луѓе кои пробаа (и не успеаја) да создадат совршена празнична атмосфера Порачувате нешто онлајн, а добивате нешто сосема друго... Или, сакате да направи...
Смешна компилација: Луѓе кои имале многу полош ден од вас Истурено кафе, автомобил заглавен во песок на плажа, скршена рерна… Истурено ...
Забавна фото-компилација: Луѓе кои сигурно имале полош дочек на Нова година од вас Некои скршиле рака ил нога, некои претерале со алкохол, а некои не нашле друштво...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg