Засолниште за животни ги кани децата да им читаат на кучињата бездомници
Можеби не се сеќавате на периодот пред да научите да читате, но вашите родители сигурно ви читале приказни. А доколку имате, или кога ќе имате ваши деца, сигурно и вие ќе сакате да го правите истото за нив.
Но, читањето приказни не е само за мали деца и изгледа дека и животните уживаат во оваа активност.
Засолништето Ingham од САД е дом на многу напуштени животни. Овие животни најверојатно биле жртви на малтретирање, па потребно им е повеќе време да се адаптираат на друштвото на други луѓе.
Неретко, овие животни се чувствуваат нервозно кога околу нив има луѓе.
Но, од засолништето решиле да пробаат нешто што ќе им го олесни процесот на адаптирање на животните.
Тие сфатиле дека децата сакаат да читаат и имаат потреба да вежбаат читање. Од друга страна, на животните од засолништето им е потребно човечко внимание. Па, ги споиле двете нешта и ги поканиле локалните деца да им читаат на животните.
Прв пат го направиле ова на 31-ви октомври, а оттогаш до денес, голем број деца волонтери се пријавиле во „програмата за читање“.
За читање можат да се пријават сите деца на возраст од 6 до 16 години, а целта на оваа интеракција е да се намали анксиозноста кај кучињата додека чекаат некој да ги вдоми.
Од засолништето го најавија проектот споделувајќи дека Вафлс, едно од тамошните кучиња, навистина сака да му читаат. Најпрво тие побарале донации од детски книги, а откако споделиле за проектот со читање, уште веднаш се пријавиле доволно волонтери за првиот ден.
Читањето на миленици или животи не им помага само на животните, туку и на децата што им читаат.
Наводно, децата знаат дека животните нема да им судат, па се чувствуваат поопуштено пред нив и полесно ќе го совладаат читањето. Всушност, на децата им е поудобно да читаат за некое животно, отколку пред нивните врсници или наставник.
Па, изгледа дека ова е совршено решение и за малите ученици, и за кучињата кои чекаат да го најдат својот дом.
Спирова С. | Црнобело