Семејна забава: 5 предлози за интересни детски игри

Една од најубавите работи во детството се игрите. Децата често знаат и сами да си смислуваат игри, но убаво е кога и родителите се вклучени и целото семејство се забавува.

semejna-zabava-5-predlozi-za-interesni-detski-igri-01.jpg

Коцки, карти, едукативни игри, изборот е огромен, а ние ви предлагаме неколку идеи за интересни игри во кои вашите деца ќе уживаат:

Игри со букви

Ако вашето дете е доволно големо за да почне да ги учи буквите, можете преку игра да му помогнете во тоа. Направете картички со букви, слично како играта „меморија“ - нека има по две картички со истата буква и измешајте ги.

Детето нека извлече една карта и нека ја спои со другата карта со истата буква која претходно била отворена. Потоа, нека каже збор што почнува на таа буква.

Од картичките со букви можете да направите и сложувалка. Целта е детето да ги нареди деловите од една буква и да каже збор што почнува на таа буква.

Колку предмети има?

Натпреварите се одличен начин децата да ја извадат енергијата и да се забавуваат. Во оваа игра најдобро е да учествуваат неколку деца.

На еден послужавник ставете 10 мали предмети и покријте ги со крпа. Откријте ги и дајте им на децата време од 10 секунди да ги проучат. Потоа, секој нека каже какви предмети има. Победник е оној кој ќе наброи најмногу предмети од послужавникот.

Погоди го животното

Ставете повеќе плишани животни во вреќа. Секое дете треба да извлече едно животно кое не смее да им го покаже на другите, туку треба да го имитира животното со цел другите да погодат кое е.

Тој што ќе погоди го влече наредното животно, итн.

semejna-zabava-5-predlozi-za-interesni-detski-igri-02.jpg

Топло-ладно

Играта „Топло-ладно“ се игра со години наназад и нема дете што не ја сака. Скријте предмет некаде во собата. Кога детето е далеку од предметот, му велите „ладно“, а кога ќе се приближи „топло“.

Ако имате повеќе деца или другарчињата на децата ви се на гости, можете да направите натпревар во кој ќе победи оној што најбрзо ќе го најде предметот.

Игри со карти

Ставете два стола во собата, еден на едниот крај, а другиот спроти него, но малку подалеку. Првиот стол е почетна позиција, а вториот целта. Фрлете една карта од почетната позиција кон целта, и тоа на секој играч по една.

Кога картата ќе падне врз некоја веќе фрлена карта, играчот ги зема двете карти. Победник е оној кој ќе собере најмногу карти.

М. В. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

7 работи во кои ќе се пронајдат сите модерни мајки Вашето дете има поубава облека од вас, а Pinterest ви е омилениот сајт за инспир...
9 најубави имиња за момчиња и девојчиња родени во февруари Имињата во февруари често се врзуваат со Денот на виното и Денот на заљубените. ...
10 популарни Монтесори игри кои може да ги направите сами Наместо да му понудите на детето десетици игри кои свират од сите страни и брзо ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg