Мирисна пикантна градина

mirisna-pikantna-gradina-povekjeУбавиот изглед и опојниот мирис, кој се шири во градината каде што се засадени некои ароматични видови, не може да се опише со зборови. Тоа треба...


...да се почувствува. Тоа се видови кои може да се сретнат буквално во секоја градина низ Македонија, а кои ги огледуваат постарите пасионирани љубители на растенија.

Во поново време, фасцинира интересот на младите за одгледување на некои од овие билки во градините или во саксии и слични садови во домот.

Сепак, мора да се признае дека Џејми Оливер има поголемо влијание врз младата публика во Македонија, отколку нашите баби и дедовци.

ОРИГАНО (Origanum heracleoticum)

Оригано е самоникна медитеранска билка распространета по цела Јужна Европа. Името му доаѓа од грчкиот назив "oros ganos", што значи планинска радост. Според една легенда, слаткиот ароматичен мирис го створила Афродита како симбол на среќа. Ориганото претпочита сончево суво месторастење. Се сее на пролет, а се дели во пролет или есен.

mirisna-pikantna-gradina-1

Пред да настапи зимата треба да се подготви за мирување, со режење на растението на 1/3 од неговата висина. Може да се одгледува и во затворен простор. Листовите може да се берат по потреба, а најпрепорачливо е пред цветањето. Постојат различни видови на оригано, кои се разликуваат по количината и составот на етеричните масла, а како најценето се смета грчкото оригано. Како зачин се користат исушени листови, кои имаат пикантен мирис и вкус.


ДИВО НАНЕ (Mentha sp.)

Нането е тревесто растение, кое во градините може да се сретне како диво и питомо. Во висина може да достигне и до 70 см. Цвета од јуни па сè до доцна есен, а цветовите се гроздесто групирани, по боја виолетови. Успева на сончеви експозиции, со големо количество на влага во почвата. Има силен мирис поради големото количество на етерични масла, кои ги содржи во листовите. Се користи како додаток во многу јадења и пијалоци. Поради големата количина на ментол, питомото нане не смее да се дава на мали деца.


БОСИЛЕК (Ocimum basilicum)

Босилекот е едногодишно растение, кое никого не може да остави рамнодушен. Најдобри резултати дава на сончеви, но заштитени од директни сончеви зраци места. При неговото одгледување има потреба од обилно, често полевање. Чувствителен е на ниски температури, па затоа во зима доколку сакате да го имате при рака, треба да го пресадите во сад и да го сместите во домот.

mirisna-pikantna-gradina-2

Во минатото, босилекот се одгледувал во дворците во античка Грција и средновековна Византија, а денес најмногу се одгледува во Холандија. Достигнува височина до 40 см, а цветовите му се виолетови или бели. Најпознат е зелениот босилек, но постојат и виолетов и темен босилек. Виолетовиот босилек има кожести листови со убави назабени рабови. Привлечен е како декоративно растение. Како вид, темниот босилек е широко распространет со назабени листови и пикантен вкус, но нешто појак од ѓумбирот. Босилекот во јадењата се додава во многу мали количини. Просушениот босилек има многу појак вкус од свежиот.


МАЈЧИНА ДУШИЦА (Тhymus serpyllum)

Мајчината душица е многугодишно растение. Цветовите му се виолетово-црвени, а цвета во јуни и јули, а понекогаш и до крајот на август. Се користат расцветаните делови, кои треба да се отсечат без да се оштетува долниот здрвенет дел на билката. Целосно одрвенетите делови најчесто воопшто не формираат изданци и листови. Мајчината душица успева на топли месторастења, директно изложени на сонце, па затоа најчесто се среќава на суви каменести предели и планински пасишта. Надземните делови на мајчината душица содржат етерично масло од 0,1 до 1%.


ЛАВАНДА (Lavandula angustifolia)

Лавандата е многугодишно растение распространето на Средоземноморието. Достигнува височина до 60 см разгранувајќи голем број на гранки. Цветовите се сино- виолетови, шират пријатен мирис, собрани во класовидни соцветија на врвот од гранчињата. Тие содржат од 0,5 до 2,0% етерично масло. Најдобро успева на сончеви експозиции и добро дренирана песоклива почва.

mirisna-pikantna-gradina-3

Претпочита месторастења со умерена и топла клима, кои не ги фаќа мраз преку зимата. Поради својата декоративност може да се одгледува преку зимата во затворен простор. Се сади во саксии или длабоки керамички садови, а преку лето се вади на отворено. Најголема примена наоѓа во италијанската, шпанската и француската кујна.


РУЗМАРИН (Rosmarinus officinalis)

Името потекнува од латинските ros (роза) и marinus (море), односно морска роза. Претставува грмушесто зимзелено растение со специфични игличести ливчиња и многу атрактивни светлосини и виолетови ситни цветчиња. Листовите се со многу привлечен мирис и пикантен, горчелив вкус. Според старогрчката божицата на убавината, љубовта и полодноста Афродита, рузмаринот не е само симбол на љубовта, туку претставува и симбол на мудроста.

mirisna-pikantna-gradina-4

Во пролет, формира многу мирисни ситни цветови. Режете го рузмаринот додека не помине цветањето. Се кројат само ако сакаме да ги контролираме во просторот. Кроењето треба да се врши на крајот од март, односно пред појавувањето на изданци. КОПРИВА (Urtica dioica) Копривата е брзорастежно растение и уште пред првата година дава добра реколта од вегетативна маса, но реалните придобивки започнуваат од втората година.

Се сее есенско време (октомври - ноември) или рано на пролет, кога процентот на влага во почвата е на повисоко ниво. Цвета од јуни до август, а семето зрее јули - септември. Доколку се користат делови од растението за најразлични причини (лек, храна... ) треба да се внимава при собирањето, бидејќи знаат да нанесат сериозни повреди по кожата. Доколку немаме ракавици најдобро е копривите да се берат така што ќе ги фаќате исклучиво со внатрешниот дел од дланките, бидејќи на тој дел од телото не создаваат реакции. Поради ова својство, најдобро е да се одгледува подалеку од дофат на мали деца, бидејќи кога се копривите во прашање секогаш завршува со народната "од играчка - плачка".

Покрај наведените видови, не би било фер а да не се споменат и други видови, кои како и горенаведените заслужуваат да се најдат во нашата "зачинска градина". Такви се ловор, ѓумбир, копар, жалфија, ајдучка трева и многу други. И конечно на крајот, сепак се сведува на вашата креативност при изборот на растенија, кои и понатаму ќе бидат носител на цветната и миризлива идила во вашата градина.

Подготвил: Филип Филипоски, дипл.шум.инж.

Извор: www.porta3.com.mk

Би можело да ве интересира:

Хоја – Растение со уникатен изглед кое мириса на мед, а не бара голема нега (фото) Хоја, познато и како восочен цвет, е растение со уникатен изглед чии цветови исп...
6 собни растенија кои лесно ќе преживеат, дури и во домот на „најнегрижливите“ На некои цвеќиња вода треба да им ставате еднаш месечно, други не бараат светлин...
Висечки растенија во домот: Кои видови се најпогодни? Собните растенија се одличен начин да го разубавите вашиот ентериер и ...
Одгледување сардели: Како да се грижите за нив и кога е идеалното време да ги изнесете надвор? На сарделите најмногу им одговара светло место, но да не бидат изложени директно...
Во дворчето на Ангелина и Перо во Дојран: Соларни пеперутки и фонтана за уживање на пролетното сонце Ангелина и Перо Митаноски од Дојран, љубовта кон уредувањето на ентериерот и екс...
Бети од кочанско креирала мини рај во нејзиниот двор во Франција: „Законски сме обврзани да ја косим... „Маслинката беше обична маслинка и јас си ја кроев вака на облаци. Шимширот...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg